Кометите што доаѓаат од други ѕвездени системи се особено вредни за астрономите. Тие претставуваат природни примероци од далечни планетарни системи и можат да ни откријат како изгледале условите во нив во далечното минато.

Снимка на кометата 3I/ATLAS направена со вселенскиот телескоп Хабл. Кометата 3I/ATLAS е третото потврдено меѓуѕвездено тело откриено при неговото минување низ нашиот Сончев Систем. Фото: НАСА/ЕСА/Д. Џуит/UCLA/Џ. ДеПасквал/STScI
Ново истражување објавено во научното списание Nature Astronomy нуди дополнителни докази за необичното потекло на овој објект. Меѓународен тим научници, предводен од истражувачи од НАСА, го проучувал составот на гасовите што се ослободуваат од кометата, користејќи ги инфрацрвените можности на вселенскиот телескоп Џејмс Веб.
Набљудувањата биле направени кон крајот на декември 2025 година, кога 3I/ATLAS се наоѓала на околу 2,5 астрономски единици од Сонцето, во пределот на астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер.
Кога кометата се приближува до Сонцето, неговото зрачење ги загрева замрзнатите материи во нејзиното јадро. Дел од нив преминуваат директно од цврста во гасовита состојба, процес познат како сублимација. Ослободените гасови и прашина создаваат околу јадрото облак наречен кома.
Необичен хемиски отпечаток
Особено внимание научниците посветиле на односот меѓу деутериумот и обичниот водород (D/H). Деутериумот е потежок изотоп на водородот, кој во своето јадро, покрај еден протон, содржи и еден неутрон. Неговото присуство во различни молекули може да открие многу за температурата и условите во кои се формирал некој космички објект.
Кај 3I/ATLAS истражувачите го измериле овој однос во метанот. Резултатите покажале вредност од околу 3,18 проценти, што е највисока досега измерена вредност за метан кај објект од Сончевиот Систем. Таа е дури 13 пати повисока од вредноста измерена кај кометата 67P/Чурјумов-Герасименко, која била истражувана од европската вселенска сонда Розета.

Графички приказ на односот деутериум/водород кај 3I/ATLAS и други објекти. Споредба на односот меѓу деутериумот и водородот во метанот кај 3I/ATLAS и различни објекти во Сончевиот Систем. Извор: Roth et al., Nature Astronomy, 2026.
Овој необичен хемиски состав укажува дека мразот во кометата можеби се формирал во исклучително студена средина, под влијание на засилено космичко зрачење и во регион со релативно мала застапеност на тешки хемиски елементи.
Едно од можните места на нејзиното настанување е таканареченото предѕвездено јадро. Тоа е густ облак од гас и прашина во најраната фаза на создавање ѕвезди. Во таквите облаци температурите можат да паднат до околу минус 263 степени Целзиусови. Во тие услови гасовите замрзнуваат на површината на ситните зрна прашина, а хемиските реакции создаваат молекули со карактеристичен изотопски состав.
Во студените облаци од гас и прашина започнуваат процесите што подоцна доведуваат до создавање ѕвезди и планетарни системи.
Комета од многу стар ѕвезден систем
Дополнителни сознанија за староста на 3I/ATLAS дава и анализата на изотопите на јаглеродот. Особено е значајна малата застапеност на јаглерод-13, што укажува дека материјалот од кој е составена кометата потекнува од период кога Универзумот сè уште не бил збогатен со тешки елементи во денешната мера.
Потешките елементи се создаваат во внатрешноста на ѕвездите, а дел од нив се ослободуваат во вселената при експлозии на супернови. Со текот на милијарди години, овие процеси постепено го менувале хемискиот состав на галаксиите.
Претходно објавено истражување во списанието Nature укажува дека 3I/ATLAS можеби се формирала пред околу 12 милијарди години, иако точната старост сè уште не може да се утврди. Новите резултати од истражувањето на метанот дополнително ја потврдуваат можноста дека станува збор за исклучително стар материјал.
Тоа значи дека дел од материјата што денес ја проучуваме во нашиот Сончев Систем можеби е создадена во време кога Млечниот Пат бил многу помлад, а нашиот Сончев Систем сè уште не постоел.
Прозорец кон далечното минато
3I/ATLAS е третото потврдено меѓуѕвездено тело откриено при минување низ нашиот Сончев Систем, по 1I/ʻОумуамуа и 2I/Борисов. За разлика од обичните комети, кои потекнуваат од нашиот планетарен систем, овој објект пристигнува од просторот меѓу ѕвездите.
Нејзиното проучување им овозможува на астрономите директно да анализираат материјал создаден во сосема поинакви услови од оние во кои настанале Сонцето и планетите. Со тоа, 3I/ATLAS не е само интересна комета, туку и природна временска капсула што носи информации за раните фази од развојот на нашата галаксија.
Истражувањето покажува колку многу може да се дознае за далечните ѕвездени системи преку проучување на еден мал објект што случајно поминува низ нашиот космички простор.
Научни трудови: Nature Astronomy (2026); Nature (2026).


