Плутон

0

Плутон е втората по масивност џуџеста планета, веднаш зад Ерида. Оригинално класифицирана како планета, Плутон е сега најголемиот член на популацијата на тела познати како Кајперов појас. Како и другите тела во овој простор, Плутон е составен примарно од карпи и мраз. Тој е релативно мал – неговата маса е околу 5 пати помала од таа на нашата Месечина и има 3 пати помал волумен од неа.

Уметничка фотографија на Плутон. Извор: C m handler.

Уметничка фотографија на Плутон. Извор: C m handler.

Има доста ексцентрична и инклинирана орбита што го доведува на растојанија од 4.4-7.4 милијарди километри (30-49 а.е.). Орбитира на просечна оддалеченсот од 5.913.520.000 km (39,5 AU) од Сонцето. Поради ваквата орбита Плутон во одреден период доаѓа поблизу до Сонцето од Нептун, но никогаш овие 2 тела нема да можат да се судрат. Времето потребно за еднаш да го заобиколи Сонцето изнесува 248.54 години, а еднаш околу својата оска се завртува за 6.39 Земјини денови. Дијаметарот му е само 2274 km.

Во римската митологија Плутон (грчки Хад) е бог на подземниот свет. Планетата го добила тоа име (покрај многу други предлози) веројатно заради далечината од Сонцето и вечниот мрак кој владее на него, како и заради „П.Л.“ – иницијалите на Персевал Ловел.

ИНТЕРЕСНО

Температурата на површината на Плутон варира помеѓу -235 и -210 °С.
Плутон и Харон цело време се свтрени еден кон друг.

Откриен е во 1930 година со една среќно направена грешка. Пресметките кои подоцна се покажало дека биле грешни предвидувале постоење на уште една планета зад Нептун, врз база на движењата на Уран и Нептун. Незнаејќи за грешката, Томбо (Clyde W. Tombaugh) во опсерваторијата Ловел направил многу грижливо набљудување на небото со што го открил Плутон.

По откритието на Плутон, било веднаш откриено дека тој е премногу мал за да влијае на отстапувањата на другите планети. Потрагата по планетата Х (икс) продолжила, но никогаш не била откриена, ниту па некогаш ќе биде: разликите изчезнуваат ако се користи масата на Нептун одредена од Војаџер 2 (Voyager 2).

Радиусот на Плутон исто така не е познат со сигурност. Вредноста од 1137 km е со грешка од +/-8 km, т.е. скоро 1%.

Плутон има 5 природени сателити. Харон (Charon) е најголемиот и прво откриен во 1978 година исто така сосмема случајно. Иако заедничката маса на Плутон и Харон е точно одредена (со помош на точни мерења на периодот и редиусот на орбитата на Харон) индивидуалните маси на Плутон и Харон тешко е да се пресметаат бидејќи тоа бара да се одредат заемните движења околу заедничкиот центар на маси кое што е многу тешко да се измери заради малите димензии и оддалеченоста од Земјата. Односот на нивните маси е некаде помеѓу 0,084 и 0,157. Второоткриените сателити во 2005 година ги добија имињата Никс (Nix) и Хидра (Hydra), а за најновите 2, P4 и P5 ги добија имињата Кербер (Kerberos) и Стикс (Styx). Сите имиња потекнуваат од божества од подземниот свет во Грчката и Римската митологија.

Плутон и Харон

Плутон и Харон

Орбитата на Плутон е многу ексцентрична. Некогаш тој е поблизу до Сонцето отколку Нептун (последен пат тоа се случи во периодот од јануари 1979 до февруари 1999). Плутон ротира во спротивна насока од повеќето други планети.

Плутон е заглавен во 3:2 резонанца со Нептун, т.е. годината на Плутон трае 1.5 пати подолго од онаа на Нептун. Рамнината на која орбитира околу Сонцето не се совпаѓа со рамнината на која приближно орбитираат сите планети (еклиптиката), туку е поместена за 17° во однос на неа. Затоа орбитите на Плутон и Нептун не се сечат во иста точка, т.е. никогаш нема да се судрат. Наклонетоста во однос на еклиптиката придонесува во еден момент Плутон да се наоѓа 1.25 милијарди километри под неа, растојание приближно исто колку оддалеченоста на Плутон од Сонцето.

Како и Уран, екваторијалната рамнина на Плутон лежи скоро под прав агол во однос на рамнината на која орбитира.

Температурата на површината на Плутон варира помеѓу -235 и -210 °С (38 до 63 К). „Потоплите“ региони се оние кои визуелно се забележуваат како потемни.

Составот на Плутон не е познат, но неговата густина (околу 2 g/cm3) укажува дека веројатно е мешавина од 70% карпи и 30% воден мраз, многу налик на Тритон. Светлите региони на површината веројатно се прекриени со мраз од азот со помали количества цврст метан, етан и јаглерод моноксид. Составот на потемните региони на површината на Плутон не е познат, но можеби е праисториски органски материјал или фотохемиски реакции поттикнати од космичките зраци.

Малку е познато за атмосферата на Плутон, но веројатно се состои најмногу од азот со малку јаглерод диоксид и метан. Таа е екстремно ретка – притисокот на површината е само неколку микробари. Атмосферата на Плутон постои како гас само кога Плутон е близу својот перихел, а поголемиот дел од Плутоновата година атмосферските гасови се замрзнати. За време на перихелот веројатно дел од гасовите го напуштаат, а можеби и влегуваат во интеракција со Харон.

Необичната природа на орбитите на Плутон и Тритон, како и сличноста на повеќето нивни карактеристики, укажуваат на некаква историска врска меѓу нив. Порано се мислело дека Плутон можеби некогаш бил сателит на Нептун, но тоа денес изгледа малку веројатно. Попопуларна идеја е дека Тритон, како и Плутон, некогаш незавсно се движел во орбита околу Сонцето, а подоцна бил заробен од Нептун.

Харон орбитира на 19.640 km од Плутон, а дијаметарот му е 1172 km. Наречен е така според митилошки лик кој ги пренесувал мртвите преку реката Стикс во подземниот свет. Пред да биде откриен се сметало дека Плутон е многу поголем бидејќи матните слики од Плутон и Харон заедно изгледале како еден голем објект. Плутон може да се види и со подобар аметерски телескоп, но не е лесно.

Харон е необичен по тоа што е најголемиот сателит во однос на матичнато тело во Сончевиот систем. Некои дури и го разгледуваат системот Плутон – Харон како двојна џуџеста планета, а не како џуџеста планета и нејзин сателит.

Радиусот на Харон не се знае со голема точност. Вредноста од 586 km има грешка од +/- 13 km, повеќе од 2%. Неговата маса и густина исто така не се точно познати.

Плутон и Харон се уникатни и по тоа што не само Харон ротира синхроно, туку и Плутон. Затоа тие цело време се свртени со иста страна еден кон друг (ова ги прави фазите на Харон, гледани од Плутон, многу интересни).

Составот на Харон не е познат, но неговата мала густина (околу 2 g/cm3) укажува дека можеби е сличен како Сатурновите мразести месечини (како Реа, на пример). Неговата површина веројатно е прекриена со воден мраз. Интересно, тоа е прилично различно од Плутон. Најверојатно Харон нема атмосфера.

Кон Плутон е упатена мисија која за првпат ќе ја фотографира и истражи оваа џуџеста планета од близина. Мисијата е наречена Нови хоризонти и треба да стигне на Плутон кон средината на 2015 година.

Сподели.