Венера

0

Ако се суди според големината, Венера слободно може да се нарече сестра на Земјата. Ниедно тело во Сончевиот Систем нема толку слична големина и маса, дијаметарот на Венера е 95% од земјиниот, а масата, заради помалата просечна густина, е 82% од земјината.

Венера на ноќното небо се појавува како најсветол објект, веднаш по Месечината. Исто како и Меркур, таа пројавува мени и може да се набљудува само по зајдисонце или пред изгрејсонце (бидејќи се поблизу со Сонцето во однос на Земјата). Бидејќи е најсветла “ѕвезда” на нашето небо, првата светла точка која ќе се појави по заоѓањето на Сонцето е токму Венера. Одтука кај нашиот народ Венера е позната како “ѕвезда вечерница”, кога се гледа по заоѓањето на Сонцето, односно “ѕвезда деница” кога се гледа пред неговото изгревање. Според грчката митологија планетата Венера била божицата Афродита – прекрасната божица на љубовта и убавината, а денешното име го добила од панданот на Афродита во римската митологија.

ИНТЕРЕСНО

Денот на Венера трае подолго од годината.

Атмосферскиот притисок на површината е 90 пати поголем од атмосферскиот притисок на површината на Земјата на морско ниво, што би значело дека чувството да се стои на површината на Венера е приближно исто како да се стои 1000m под морското ниво.
Во споредба со повеќето други планети во Сончевиот Систем, Венера (зедно со Уран и Плутон) има необична ротација околу својата оска. Најголемиот дел од планетите ротираат проградно – од запад кон исток (затоа Сонцето, кога се наоѓате на нив, привидно се движи од исток кон запад), а Венера ротира ретроградно – од исток кон запад. Исто така необична е и нејзината бавна ротација околу својата оска која трае 243 земјнини денови. Годината на Венера, времето потребно да заврти полн круг колу Сонцето е нешто покусо, 224,7 земјнини денови. Од слични причини како во случајот со Меркур, кога би се наоѓале на Венера денот не би ни траел 243 земјнини денови, туку “само” 117. Причината за ретроградното движење, како и за бавната ротација сеуште не е точно одредена, но можно е дека настанале како резултат на гравитационото влијание на Земјата или на судир со некое големо тело (поголемо од Месечината) во времето кога Сончевиот Систем бил сеуште во формирање. Наклонетоста на оската на ротација во однос на рамнината по која се движи околу Сонцето е 0,7°, односно ако се земе предвид ретроградното движење 177,3°, што би значело дека на Венера нема годишни времиња.

Просечната оддалеченоста на Венера од Сонцето е 108,2 милиони километри (0,723 AU). Таа, во однос на сите други планети, најмогу се приближува до Земјата, па би можело да се заклучи дека Венера може најдобро да се набљудува со телескоп. Но тоа не е воопшто така. Денес ние ниту со најдобрите опички телескопи не можеме да видиме нешто повеќе од првиот човек кој ја гледал Венера низ телескоп, Галилео Галилеј. Единствено што може да види е дека Венера има мени, а неможе никако да се забележи било каков релјеф. Причината за тоа ја дал М. Ломоносов во 1761 кога до набљудувал феноменот кога Венера е помеѓу Сонцето и Земјата. забележал дека позадинското Сонце создава прстен околу Венера, што недвосмислено значи дека Венера има атмосфера. Во 1928 година американскиот астроном Френк Рос користејќи филм осетлив на улртавиолетова светлина фотографирал темни облици во астмосферата кои всушност се различно типови облаци кои се разликуваат по составот, големината на честичките од кои се составени, како и висината на која се наоѓаат. Во 1932 судејќи според спектроскопските анализи на атмосферата утврдено е дека таа содржи огромни количествa јаглерод диоксид (CO2), подоцна се покажало дека тој е застапен со 96%. Откритието дека Венера има атмосфера, како и тоа дека има густи облаци, било повеќе од добра почва на писателите на научна фантастика да шпекулираат дека Венера под гусите облаци всушност е огромна џунгла, нешто налик на Амазонската. Откритието дека во составот на атмосферата речиси и да нема вода, а особено сознанието за темпетарурите кои владеат во долните слоеви на атмосферата ги отфрлило сите овие приказни. Имено, кога во 1960 година било измерено топлинското зрачење на планетата во помош на радио бранови било забележана температура од 750 К (477 °С). Ваквата температура останува релативно константна и во текот на ноќта.

Како е можно Венера, која се наоѓа подалеку од Сонцето да има повисока температура на површината од Меркур кој е поблизу? Тоа е заради ефектот на стаклена градина. СО2 е провиден за сите видливи и ултравиолетови зраци, но многу силно го апсорбира топлинското, односно инфрацрвеното зрачење. Сончевата светлина која ќе дојде до површината, ја загрева, па таа зрачи инфрацрвениот спектар, но облаците речиси сосема ја апсорбираат оваа светлина. Со тоа тие ја задржуваат топлината, сe додека мал дел не успее да се извлече. Така, рамнотежата со новопристигнатата топлина настанува некаде на 480 °С. Со помош на сондата Венера 7, потврдена е оваа висока температура, но и откриен е еден многу важен факт поврзан со атмосферата на Венера. Атмосферскиот притисок на површината е 90 пати поголем од атмосферскиот притисок на површината на Земјата на морско ниво, што би значело дека чувството да се стои на површината на Венера е приближно исто како да се стои 1000m под морското ниво. Затоа сондите кои се праќат на Венера не само што мора да издржуваат високи температури, туку и да бидат налик на подморници – да издржуваат високи притисоци.

Со помош на советските сонди “Венера”и “Вегас”, како и американските “Mariner” и “Pioneer Venus” дојдено е до многу интересни сознанија за составот на атмосферата на Венера. Покрај доминантниот јаглерод диоксид, постојат мали количини азот, водена пареа, аргон, јаглерод моноксид и други гасови. На висина од 50 до 60 km над површината се наоѓаат облаци од концентрирана сулфурна киселина кои се движат со брзина од 360 km/h. Како што се кондензираат капките сулфурен дожд, така паѓаат, но паѓајќи доаѓаат до потопли региони на атмосферата каде испаруваат и повторно во вид на пареа се креваат во горните слоеви. Затоа облаците од сулфурна киселина на Венера имаат точно дефинирано долно ниво, а сулфурните дождови никогаш не стигнуваат до површината каде и покрај кристално чистото небо во текот на целиот ден владее самрак, бидејќи сулфурните облаци пропуштаат само 10% од сончевата светлина.

Од сликите кои ги имаат пратено сондите кои се спуштиле на површината на Венера, може да се забележат воглавно вулкански пејсажи. Судејќи според промените, во одредени региони, на концентрацијата на сулфур диоксид (SO2), кој интензивно се исфрла при вуклански активности, може да се заклучи дека дел од тие вулкани и денес се активни. На површината не можат да се забележат бројни кратери како кај Месечината и Меркур, што не значи дека Венера не била бомбардирана од метеори, туку заради густата атмосфера, а особено заради јаката вулканска активност пред околу 800 милиони години површината е прекриена со карпи од лава, одностно тие кратери се избришани. Малкуте кратери од удари на метеори обично се наоѓаат во формации бидејќи настанале од еден астероид кој непосредно пред да падне на површината се распаднал.

Јадрото на Венера е составено од никел и железо, но заради бавната ротација околу својата оска нема магнетно поле.

Венера треба на нас земјаните да ни послужи како пример што може да се случи со Земјата доколу се продолжи со континуираното исфрлање СО2 во атмосферата (на секоја декада количеството јаглерод диоксид во атмосферата се зголемува за 2 до 3%). Многу е важно да се открие за колку би се зголемила температурата доколку се уфрли извесно количество СО2 во атмосферата. Венера можеме да ја искористиме како огромна природна лабораторија за разбирањето на евентуалните климатски промени на Земјата.

Сподели.