Земја

0

На луѓето им требало време да сфатат и да се помират со фактот дека Земјата не е ништо друго само обична “топчеста карпа” што орбитира околу Сонцето. Таа е трета по оддалеченост од него и орбитира на просечна оддалеченост од 149,6 милиони километри (1AU).

ИНТЕРЕСНО

За околу 13000 години ѕвездата Северница нема повеќе да покажува кон север, туку на нејзино место ќе дојде ѕвездата Вега.

Американскиот континент ќе се оддалечи уште повеќе кон запад, а Африка ќе се спои со Евроазија.

Според составот не се разликува многу од останатите внатрешни планети. Разликата е во тоа што е нешто поголема од нив (дијаметарот на екваторот е 12756 km) и има најголема густина од сите планети, 5,52 пати поголема од густината на водата. Внатрешната структура содржи четири региони помеѓу кои промената на густината е скоковита. Внатрешното јадро, кое се наоѓа во цврста состојба, е воглавно составено од железо и негови легури со никел. Температурата во центарот на јадрото е 7500 К, што е за околу 1500 К повисока од температурата на површината на Сонцето. Надворешното јадро е има сличен состав, но е во течна состојба. Обвивката во најголема мера е составена од цврсти силикатни карпи чија густина кон површината опаѓа. Најнадворешниот слој е земјината кора (литосфера) чија дебелина варира, од 5km под океаните, до 30km под континентите. За разлика од другите тела во Сончевиот систем, кората на Земјата е поделена на неколку цврсти плочи кои “пловат” на полутечниот слој веднаш под литосферата наречен астеносфера. Некогаш плочите се движат една кон друга, а друг пат се оддалечуваат. Пукнатините долж краевите на плочите обично се места со чести земјотреси и активни вулкани. Ваквото движење на континентите се одвивало уште од многу одамна. Така пред 250 милиони години на Земјата постоел само еден континет за подоцна полека да почнат да се одвојуваат континентите какви што денес ги знаеме. Овој процес ќе трае и во иднина, па милиони години од сега Американскиот континент ќе се оддалечи уште повеќе кон запад, а Африка ќе се спои со Евроазија.

Засега единствено на Земјата со сигурност знаеме дека постои живот. Тоа се должи на фактот дека водата и кислородот тука можат да се најдат во изобилство. Но кога некој би ја посетил Земјата во нејзината рана историја, таа воопшто не би изгледала на денешната “сина планета”, туку повеќе или помалку слична како останатите негостољубиви планети. Раната атмосфера се формирала од вулканските гасови кои воглавно содржат вода и јаглерод диоксид. Како што Земјата се ладела, водата се кондензирала во океани оставајќи го јаглерод диоксидот осамен да ја формира тогашната атмосфера која била погуста од денешната. Јаглеродниот диоксид се раствора во вода формирајќи јаглеродна киселина која реагира со карпите на океанското дно, процес при кој се создаваат карбонатни (јаглеродни) карпи. На овој начин количеството на CO2 во атмосферата постојано се намалувало (и сеуште се намалува). При процесот на фотосинтеза растенијата, се разбира откако се појавиле, јаглеродниот диоксид го претвораат во молекуларен кислород (О2). Атмосферата со застапеност од 22% О2 (како денес) постои од пред 2,5 до 2 милијарди години. О2 хемиски многу лесно реагира. Со многу хемиски елементи и соединенија формира оксиди, со водородот реагира создавајќи вода итн. Затоа кога би ги снемало растенијата тој целосно би исчезнал за стотина милиони години.

Денес во атмосферата доминира азотот (N2) со 77%. Тој иако е четврт по застапеност во вулканските гасови, штом ги снемало CO2 и водената пареа од раната атмосфера останал да доминира во неа. Можно е и дополнителни количества азот да се донесени и од кометите кои паднале на Земјата, кои содржат големо количество азот во облик на замрзнат амонијак.

Масата на атмосферата не е подеднакво распределена. Најблиските 6km до површината содржат околу 1/2 од вкупната маса, следните 12km околу 1/4 (односно 1/2 од преостанатата маса), следните 24km околу 1/8 (1/2 од преостанатата маса), следните 48km содржат 1/16. Така до висина од 6+12+24+48=90 km се наоѓа 1/2+1/4+1/8+1/16=15/16=93,75% од вкупната маса на атмосферата.

Оската на ротација на Земјата околу својата оска е наведена за 23,45° во однос на нормалата на еклиптиката, благодарејќи на тоа постојат годишни времиња. Интересен е фактот дека кога Земјата е најблиску до Сонцето, заради наклонетоста на оската на ротација, тогаш на северната хемисфера е зима, а кога е најоддалечена тогаш кај нас е лето. Ова значи дека аголот под кој паѓаат сончевите зраци исто така многу влијае на температурата на површината на Земјата.

Заради привлечните влијанија на Месечината и Сонцето, Земјата прави мали движења така што оската на ротација покажува во различни правци. Гледано од страна оската на ротација би опишувала конус. Времетраењето на еден таков циклус трае 26000 години. Денес оската покажува кон ѕвездата Севенрица, а за околу 13000 години на местото каде што би бил северниот небесен пол (правецот на оската на ротација) би била ѕвездата Вега, која во овој момент е оддалечена повеќе од 40° од него. Ваквото движење на Земјата ги објаснува периодичните ледени времиња кои настануваат со исто толкав период.

Земјата има магнетно поле, но северниот магнетен пол не се совпаѓа со географскиот северен пол. Тој отстапува за 11° од него и се наоѓа во северните делови од Канада. Затоа компасите не покажуваат точно кон северниот геогрефски пол, туку кон магнетниот. Магнетизмот не настанува длабоко во внатрешноста на Земјата иако е составен воглавно од железо, бидејќи е претопло во тој регион и неможе да се магнетизира материјалот, туку од течното надвотешно јадро. Магнетното поле не е симетрично, туку е сплескано во правецот кон Сонцето заради неговото влијание. Магнетното поле нe штити од штетното влијание на наелектризираните честички од сончевиот ветар. Но сепак, мал дел од нив пробиваат до атмосферата и во северните предели се гледаат како аурора (поларна светлина).

Периодот на ротација околу својата оска е 23,93 часа, а периодот на ротација околу Сонцето е 365,26 денови. Заради тоа секоја четврта календарска година е престапна, односно наместо 365 има 366 денови.

Земјата има еден природен сателит – Месечината и два облака гасови и прашина (облаци на Кордилевски) кои се наоѓаат во т.н. Лагранжови точки (точки кои заедно со Земјата и Месечината формираат рамностран триаголник). Земјата има и огромен број на вештачки сателити (создадени од човекот), чиј број е постојано во пораст.

Сподели.