Хаумеа

0

Оваа џуџеста планета припадник на Кајперовиот Појас е четвртата џуџеста планета по големина. Откриена е во 2004-та година, за во 2008-мата да го добие своето име Хаумеа по Хавајската божица на плодноста. Двете месечини на Хаумеа се именувани по децата на божицата, Хиака и Намака. Екстремната елонгација на Хаумеа ја прави единствена помеѓу џуџестите планети. Иако нејзиниот облик не е директно набљудуван, пресметките од светлинската крива наговестуваат дека е елипсоид, со што нејзината голема оска е два пати поголема од помалата. Оваа сфероидна форма, невообичаено брзата ротација, големата густина и високото албедо (поради кристализираниот воден мраз), како и постоењето на нејзините 2 месечини, Хиака и Намака, се претпоставува дека се резултат на некој голем судир во минатото. Оваа планета е најголемиот претставник на т.н. група „судирно семејство“ – објекти кои што припаѓаат на во групата на тела кои се создале по судирот со некое друго големо тело во Транс-нептунскиот регион. Според најновите истражувања, откриено е и постоење на прстен околу Хаумеа, што ја прави првото  вакво тело зад орбитата на Нептун.

Хаумеа

Претпоставка за изгледот на Хаумеа, заедно со нејзините 2 месечини Хиака и Намака

Хаумеа орбитира околу Сонцето за 283 години, и во својата најблиска точка до Сонцето доаѓа на 35 а.е., а најдалеку на 51.5 а.е. Инклинацијата на орбитата и е 28 степени. Таа како и Плутон е поврзана во резонанца со Нептун. Со визуелна магнитуда од 17.3, Хаумеа е третиот најсветол објект во Кајперовиот Појас, но за да ја набљудувате ви е потребен доста голем телескоп. Оваа џуџеста планета има доста високо албедо (рефлектирање на светлина), поради кристализираниот воден мраз кој што се наоѓа на нејзината површина. Албедото е толку големо, што успеано е да се добијат термални емисии од планетата и отприлика да се процени нејзината големина. Големината на Хаумеа според проценките би требало да изнесува 2,322 × 1,701 × 1,138 километри. Температурата на површината е под 50 К, а составот е воглавно карпи и смрзнат мраз, за на површината да има и мал дел на органски соединенија.

Сподели.