Макемаке

0

Макемаке е третата по големина џуџеста планета. Макемаке нема познати сателити, што ја прави уникатна помеѓу поголемите објекти од Кајперовиот појас кои имаат сателити. Ова тело ја има една од најниските површински температури од 30 К (-243 С), што наговестува дека површината е прекриена со метан, етан и веројатно мразеви од азот. Оваа џуџеста планета е откриена во 2005 година и нејзиното име доаѓа од создавателот на човештвото и бог на плодноста кај Рапануите, домороден народ кој што живеат на Велигденските Острови. Токму поради тоа што оваа планета беше откриена непосредно пред Велигден, Меѓународната астрономска унија и го додели името по богот од тие острови.

Уметнички приказ на (136472) Макемаке (претходно позната како 2005 FY9). Извор: Хабл

Уметнички приказ на (136472) Макемаке (претходно позната како 2005 FY9). Извор: Хабл

Макемаке, како и Хаумеа, има доста инклинирана орбита од 29 степени во однос на еклиптиката. Се движи околу Сонцето во елиптична орбита со афел од 52 а.е. и перихел од 38.5 а.е, правејќи една револуција околу Сонцето за 310 години. Оваа џуџеста планета би можела да биде откриена и од Клајд Томбо во 30-тите години на минатиот век кога бил пронајден Плутон. Тогаш оваа џуџеста планета се наоѓала во близина на еклиптиката, местото каде најчесто се барале планетите, но веројатно поради тоа што се наоѓала релативно блиску до Млечниот Пат и била опкружена со ѕвезди не била детектирана тогаш. Макемаке во моментов е втор по сјајност објект од Кајперовиот појас. Во опозиција магнитудата му достигнува до +16.7. Неговиот дијаметар не се знае со прецизност, но се претпоставува дека се движи помеѓу 1.360 и 1.480 км.

Присуството на азот укажува дека Макемаке може да има непостојана атмосфера, и дека таа може да се појавува кога џуџестата планета е најблиску до Сонцето, за подоцна азотот повторно да замрзне на површина, или, пак да испари во Вселената. Губењето на азотот ги потврдува истражувањата дека на површината има големо количество на метан, кој потешко испарува во Вселената.

Сподели.