УБИЈЦИ НА ХОБИ: КАКВИ ТЕЛЕСКОПИ ДА НЕ КУПИТЕ

0

Еве како да не купите скапа закачалка.

Секој јануари мојот астрономски клуб одржува работилница за телескопи каде што им помагаме на луѓе да разберат како да ги користат телескопите кои ги добиле за празниците или како да ги наштелуваат оние кои собирале прашина во шкафови. И секоја година се соочуваме со истиот проблем: како благо да им кажеме дека тоа што го имаат е подобро снабдено да биде котва околу телескоп.

Можеби е тешко да се поверува, но некои телескопи се полоши од никаков телескоп. Кога сакате да уживате во вечер под ѕвездите, подобро ќе ви дојде двоглед или само вашиот вид отколку телескоп кој не може лесно да се насочи и не дава задоволителен видик ако некако успеете да го насочите. Сум видел луѓе да поминат цела ноќ обидувајќи се да најдат нешто, било што, за гледање, често трошејќи си го времето справувајќи се со телескопот наместо да го набљудуваат небото. Потребни се само неколку такви ноќи за човек да одлучи дека астрономијата не е забавна – оттука поимот „убиец на хоби.“

Како и со многу други нешта во животот, образованието помага да се избегнат фрустрирачки грешки. Ако сте почетник, неколкуте минути поминати читајќи ја статијава ќе ви заштедат многу време понатаму. Ако направите информиран избор сега, можете да обезбедите телескоп кој ќе ви донесе многу години уживање.

А што сочинува убиец на хоби? Многу одлики придонесуваат кон лош телескоп, а главни се отворот, окуларот и монтажата.

Дури и одличен телескоп може да стане убиец на хоби ако не можете да го носите. Заслуги: Џери Олтион

ОТВОР (АПЕРТУРА)

Главната работа на еден телескоп е собира светлина и истата да ја собере во мал зрак кој го насочува во вашето око. Има смисла дека колку повеќе светлина собира, толку подобро се гледа. Така што, обично, колку поголем отворот (дијаметарот на објективот или главното огледало) толку покорисен телескопот. Ова е точно до некаде, но ако купите голем и несправлив телескоп, истиот може да стане убиец на хоби само бидејќи е тешко да се извади надвор и намести. Што ви треба е телескоп со точната големина за вашите интереси и можности.

t3

Можеби овој телескоп изгледа добро, но екваторијалната монтажа, лошиот наоѓач, 60-милиметарскиот отвор, 0,965-инчниот окулар и 3× Барлоу го прават убиец на хоби. Заслуги: Џери Олтион

Секој отвор под 3 инчи (76 милиметри) веројатно е премал за да овозможи добар поглед кон било што освен Месечината и неколку светли ѕвездени јата. Малите телескопи обично се и неквалитетни, со некорегирани леќи на објективот кои имаат хроматска аберација околу светли објекти и често не можат ни да се фокусираат како што треба. Како општо правило, не гледајте отвори под 3 инчи. Секако, постојат професионални телескопи со мали отвори, најчесто оптимизирани за астрофотографија. Цената ќе ви каже дали сте нашле нешто такво.

Повеќето мали убијци на хоби се рефрактори (со објектив напред) наместо рефлектори (со огледало на дното). Огледалата се полесни за правење од леќите, па рефлекторите со обично поголеми, за која било цена. Обичен евтин рефлектор би имал дијаметар од 4 инчи. Честа големина е 4,5 инчи, што е повеќе од доволен отвор за прв телескоп. Со добар телескоп со отвор оф 4,5 инчи можат да се видат стотици објекти.

t4

Отворот од 60 милиметри е многу мал за добар поглед кон што било освен Месечината и светли, отворени јата како М45, т.н. Плејади.

Клучниот збор е „добар.“ Постојат лоши рефлектори и лоши рефрактори. Што го прави рефлекторот добар? Најважно: дали е главното огледало параболично или сферично? Сферичните огледала се полесни за правење но даваат понеугодна глетка. Можете да се спасите со сферично огледало ако фокусниот размер е доволно „бавен,“ на пример f/8 или повеќе (т.е. фокусната должина на телескопот е 8 пати подолга од дијаметарот на огледалото), ама и во тој случај параболичното огледало е подобро. Ако произведувач на достапни телескопи доволно се намачил да го параболизира главното огледало, би требало да е добар телескоп.

Има еден дизајн кој треба да се избегнува по секоја цена: рефлекторот „Бирд-Џоунс.“ Овој рефлектор користи брзо сферично главно огледало за да ја скрати цевката. Произведувачите на овој дизајн ја поправаат хроматската аберација и ја зголемуваат фокусната должина ставајќи коректорна леќа во внатрешниот крај на фокусерот. Оваа леќа треба да поправи се, но тоа никогаш не се случува. Глетката низ било кој Бирд-Џоунс рефлектор низ кој сум погледнал е неизбежно ужасна. Можеби постои прифатлив Бирд-Џоунс телескоп некаде, но ако постои ни сум го видел, ни сум чул за него.

ОКУЛАРИ

Во раните денови на телескопот окуларите биле парчиња стакло кои дејствувале како зголемувачки леќи, овозможувајќи да се набљудува сликата создадена во фокусното поле од објективот или главното огледало. Модерните окулари ја вршат истата работа, но користат многу повеќе елементи во леќите, за поправање хроматски и други оптички аберации.

Различни дизајни даваат различни видни полиња. Некои, како на пример ортоскопскиот дизајн, се како гледање низ сламка, а други егзотични дизајни со широко поле се како да сте си ја ставиле главата во набљудувачкиот меур на Меѓународната вселенска станица.

Погодете каков вид ќе добиете со убиец на хоби? Повеќето доаѓаат до окулари „хајгенс,“(Huygens) кои биле врвна иновација кога Кристијан Хајгенс ги измислил… во 1660тите. Имаме напреднато од тогаш. Ви требаат најмалку „Келнери“ (Kellners, не оние кафанските), или уште подобро „Плосли“ (Plössls). Окуларите Плосл се најдоброто што можете да го добиете ако барате евтин окулар.

t5

Избегнувајте телескопи кои користат окулари од 0,965 инчи. Од лево надесно: окулари од 0,965 инчи, 1,25 инчи и 2 инчи

Пазете се и од малечки окулари. Добар окулар ќе биде од формат 1,25 или 2 инчи, што значи дека треба да влезат во фокусери од 1,25 или 2 инчи. Многу убијци на хоби користат 0,965, кои речиси секогаш се за никаде и се тешки за менување бидејќи се ограничени од нивната големина.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ

t6

Сатурн ќе изгледа бледо и матно зголемен 400 пати во 70-милиметарски рефрактор, како погоре на сликата. Поскромно зголемување од 200 пати во подобар телескоп ќе произведе многу позадоволителна слика.

Ќе ви треба повеќе од еден окулар, бидејќи со нив се контролира зголемувањето на телескопот. Зголемувањето се пресметува делејќи ја фокусната далечина на телескопот со онаа на окуларот. На пример, 900-милиметарски телескоп со 25-милиметарски окулар дава 900/25 = 36-кратно зголемување.

Можеби мислите дека ви треба најголемото можно зголемување, но не е секогаш така. Колку помоќен окуларот, толку помал видикот, што значи дека ќе видите само дел од Плејадите (М45) или Андромеда (М31). Исто така, колку помоќен окуларот, толку поматен погледот. Добар телескоп дозволува околу 50х зголемување на секој инч од отворот пред да стане прематно, така што телескоп со отвор од 3 инчи ќе ви даде максимално зголемување од 150х – ако одите понатаму само ја заматувате сликата, феномен познат како празно зголемување. Тоа значи дека 900-милиметарски телескоп со отвор од 3 инчи може да користи најмногу 6-милиметарски окулар (900/6 = 150).

Еве како да мислите кога ќе купувате. Дали рекламата на вебсајтот или на кутијата го фали зголемувањето на телескопот? Ако отворот е 3 инчи а се рекламира зголемување од 675х, ве влечат за нос – продолжете понатаму.

Повеќето убијци на хоби доаѓаат со окулар од 4 милиметри, кој е речиси бескорисен сам по себе, но исто така ќе добиете и Барлоу леќа, која го зголемува зголемувањето на кој било окулар во неа. Повеќето Барлоу леќи зголемуваат двапати, така што 4-милиметарскиот окулар заедно со Барлоу леќата на 900-милиметарски телескоп дава неверојатни 450х зголемување, или (900/4)х2. Земајќи го во предвод правилото за 50 пати по инч, би ви требал телескоп со дијаметар од 9 инчи за ова зголемување да биде ефективно.

За вашиот телескоп ви треба добар слаб окулар, најверојатно Плосл од 32 или 25 милиметри, и окулар со средна моќност, околу 10 -милиметарски Плосл. Збирката од окулари се зголемува со искуство.

Монтажа

Ова е вистинскиот убиец. Дури и одличен телескоп со најдобрите окулари на светот може да стане убиец на хоби ако е лошо монтиран.

t7

Телескоп со екваторијална монтажа е лош избор за почетник.

Нешто ќе изјавам: екваторијалната монтажа е лоша монтажа за почетник. Подоцна, кога хобито ќе процути, ако се концентрирате на набљудување планети или астрофотографија, можете со задоволство да планирате да платите десетици илјади долари за најдобрите екваторијални монтажи на светот. Но за почеток, екваторијалните монтажи се ужасни. Тешки се за поставување, тешки се за користење, а евтините се понестабилни од лист во ветрот.

Не само што се тешки за користење, екваторијалните монтажи отпрвин не можат да се разберат. Ентузијазмот на многу надежни астрономи замрел со обидите да ја ориентираат монтажата.

Затоа, не купувајте екваторијални монтажи се додека не сте поминале доста време со телескопи. Или никогаш не ги купувајте: на повеќето набљудувачи не им е потребна екваторијална монтажа.

Висинско-азимутните монтажи се тоа што ви треба. За рефрактори тоа значи добра монтажа на стабилен триножец која дозволува мрдање на телескопот нагоре, надолу, лево и десно. Телескопот треба да се движи глатко, и треба да запре кога ќе прекинете да го туркате без отскок и без тресење. Ако го допрете крајот од телескопската цевка и на телескопот му требаат повеќе од три-четири секунди за да се смири, не ви треба таа монтажа.

За рефлектори, Добсоновата монтажа е идеална (со еден исклучок: Orion StarBlast, видете подолу). Монтажата изгледа на топ, и работи како магија: стабилна, глатка и лесна за разбирање. Кога Џон Добсон ја воведе оваа монтажа во астрономскиот свет во 1970тите, тој го направи ова хоби достапно за првпат. Прочитајте ја мојата колумна (S&Т: декември 2019, ст. 72) за користење на Добсоновиот дизајн и вдахнете живот во лошо поставен убиец на хоби.

компјутеризирани монтажи

Се повеќе и повеќе можат да се најдат убијци на хоби кои се компјутеризирани. Самиот компјутер не дава убиец на хоби, иако не е неможно ако монтажата е за во ѓубре, а доста од најевтините телескопи се. Ако ставите мал ништожен телескоп на компјутеризирана монтажа, телескопот нема да стане подобар.

t8

Рекламите можат да измамат. Нека не ве излажат неверојатни маркетиншки трикови!

Рекламите ќе ви кажат „Не е потребно знаење!“ И покрај тоа што повеќето од нас стануваат астрономи за да научат нешто, тоа е ретко така. Ако имате евтин Go To телескоп (така се викаат компјутеризираните), попрво ќе научите решавање компјутерски проблеми, а можеби дури и механички поправки, пред воопшто да можете да видите нешто. Навистина, имам видено како луѓе ја поминуваат целата вечер маткајќи се со електрониката, залудно обидувајќи се да го натераат компјутерот да работи како што треба, и ниеднаш не погледнувајќи кон небото.

Од друга страна, добра компјутеризирана монтажа може да биде неверојатно искуство. Неколку произведувачи градат системи кои го препознаваат ѕвезденото поле кога ќе ги вклучите и знаат каде да се свртат ако им кажете што барате. Сепак, овие системи се прилично скапи, и не е многу веројатно да можете да најдете добар систем по почетничка цена.

t9

Столниот рефлектор Orion StarBlast 4.5 е одличен почетнички телескоп.

ПРЕпораки

Има премногу лоши телескопи за да можам да ви ги кажам сите. Но со задоволство можам да ви кажам некои добри телескопи. Низ годините, се сведов на три кои можам да ги препорачам без двоумење:

t10

Добсонов рефлектор од 6 или 8 инчи е одличен следен чекор од 4,5-инчниот StarBlast.

Бидејќи добивате поголема вредност за цената со огледала, ви препорачувам првиот телескоп да ви биде рефлектор. Телескопот The Orion 4.5 StarBlast Astro Reflector е добра почетна точка. Лесен е за носење, поставување и користење. Лигата на астрономи и многу независни астрономски клубови ги позајмуваат овие телескопи на библиотеки за да се даваат на членови, а телескопите даваат одлични глетки и издржуваат долго користење.

Ако имате малку повеќе пари и не ви смета поголем производ, земете Добсон од 6 или 8 инчи. Мене ми се допаѓаат марките SkyQuest и SkyLine, исто така од Орион, но и другите произведувачи прават добри Добсони – марката LightBridge на Meade вреди да се провери. За телескоп кој е спремен за носење и нема веднаш да остари препорачувам 6-инчен телескоп. Ако сте доволно силни да носите нешто поголемо, земете го 8-инчниот телескоп и ќе ви трае цел живот. Со Добсонот земете и 10-милиметарски Плосл окулар за да ви оди со 25-милиметарскиот кој често доаѓа заедно со телескопот.

Секако дека има други добри почетнички телескопи. Но има и многу шут. Внимавајте, и пробајте да не купите нешто што никогаш нема да го искористите. Ако сакате да навлезете во астрономија, осигурајте се дека ќе земете започнувач на хобија, а не убиец.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: skyandtelescope.org

Сподели.