За разлика од другите мали тела во Сончевиот Систем, кометите се познати уште во антиката. Постојат стари кинески записи за Халеевата комета кои датираат од 240 година пред нашата ера.
Кометите се мали и кревки тела со неправилен облик составени од мешавина на неиспарливи делови и замрзнати гасови. Имаат изразена елипсоидна орбита која наизменично ги носи близу до Сонцето и далеку во празниот простор, често и зад орбитата на Плутон. Структурата на кометите е многу разновидна и динамична, но сите создаваат околу себе облак од дифузен материјал, наречен кома, која расте во големина и осветленост како што кометата се приближува до Сонцето. Вообичаено, малото светло јадро, помалку од 10 km во дијаметар, е видливо во средината на комата. Комата и јадрото заедно ја сочинуваат главата на кометата.
Како што се приближува до Сонцето, се создаваат огромни опашки од луминисцентен материјал кој се протега со милиони километри од главата во насока спротивна од Сонцето. Кога е далеку од Сонцето, јадрото е многу ладно, поради што тоа е замрзнато. Во оваа фаза кометите некогаш се нарекуваат „валкани санти мраз“ или „валкани снежни топки“, бидејќи над половина од составот им е мраз. Кога кометата се приближува на неколку астрономски едниници од Сонцето, површината на јадрото започнува да се загрева и испарливите материјали започнуваат да испаруваат. Испарените молекули со себе носат мали цврсти честички формирајќи ја комата на кометата од гасови и прашина.
Кога јадрото е замрзнато, тоа може да се забележи преку светлината која ја рефлектира. Сепак, кога се создава комата, прашината рефлектира повеќе светлина, а гасот во комата апсорбита ултравиолетова светлина и станува флуоресцентна. На околу 5 АU од Сонцето, флуоресценцијата вообичаено станува појака од рефлектираната светлина.
Како што кометата апсорбира ултравиолетова светлина, хемиските процеси ослободуваат водород, кој го напушта слабото гравитационо поле на кометата и формира обвивка од водород. Таа не може да се забележи од Земјата бидејќи нејзината светлина се апсорбита од атмосферата но, може да се забележи од вселенски летала.
Сончевото зрачење и сончевиот ветар ги забрзуваат материјалите во насока спротивна од главата на кометата со различни брзини според големината и масата на честичките. Затоа, релативно масивните опашки од прашина се забрзуваат бавно и имаат тенденција да се закриват. Должината може да им достигне од 10 милиони km. Јонската опашка е многу помалку масивна и се забрзува толку многу што личи на скоро права линија која се простира спротивно од Сонцето, а може да достигне и големина од 250 милиони километри (1,6 АU). Плазмената (јонската) опашка е тенка и има сина боја, а опашката, составена од микроскопски честички прашина е поширока и има бела боја.
Секој пат кога кометата се доближува до Сонцето, губи дел од испарливиот материјал (отприлика има „гориво“ за 500 доближувања до Сонцето). Затоа, порано или подоцна, таа станува само уште една обична карпа во Сончевиот Систем. Од тие причини, од космолошка гледна точка за кометите се вели дека имаат кус живот. Многу научници веруваат дека некои астероиди се поранешни јадра на комети, комети од кои испариле сите испарливи честички.
До 1995, 878 комети се каталогизирани и нивните орбити барем приближно пресметани. Од нив 184 се периодични (орбиталниот период им е помалку од 200 години); некои од преостанатите без сомнение исто така се периодични, но нивните орбити не се прецизно одредени.
Ортовиот Облак е сферна обвивка од камења и прашина која го опкружува Сончевиот Систем. Од овој облак најверојатно потекнуваат и долгопериодичните комети (комети со период на орбитирање од преку 200 па се до 30 милиони години). Ортовиот Облак е наречен по Јан Х. Оорт кој го претпоставил неговото постоење во 1950 година. Се хипотетизира дека кометите од Ортовиот Облак се одговорни за големите периодични истребувања на некои живи организми на Земјата.
Краткопериодичните комети (комети со период на орбитирање под 200 години) најверојатно потекнуваат од Куиперовиот појас. Тоа е регион зад Нептун во кој орбитираат најмалку 70.000 мали објекти. Овој појас е лоциран од 30 до 100 АU оддалеченсот од Сонцето и бил откриен во 1992 година. Таму процесот на градење на планетите завршил пред да успеат се оформат некои поголеми објекти; постојат само примитивни остатоци од раниот диск од кој се формирал Сончевиот Систем пред 4,5 милијарди години. Куиперовиот појас е именуван според германско-американскиот астроном Герард П. Куипер кој го предвидел неговото постоење во 1951 година.
Вообичаено кометите прво се откриваат од астрономи аматери. Бидејќи тие се најсветли кога се близу до Сонцето, тие вообичаено се видливи само на зајдисонце или изгрејсонце.