Messier објекти

0
Шарл Месије

Шарл Месије

Шарл Месије (Charles Messier) е роден 1730 година во Франција и уште како млад се има заинтересирано за астрономијата, па се вработува како помлад асистент (подобро кажано чирак) кај еден астроном кој имал своја опсерваторија. Следејќи ги неговите пресметки, ја пронаоѓа Халеевата комета, но тоа откритие му го презема друг астроном, и тоа за речиси цел месец, бидејќи имал погрешни пресметки. Тоа му остава траен белег и се посветува на потрагата по комети. Во својот живот Месије открил 21 комета, но само 13 се признати како негови. Во таа потрага забележал дека некои објекти на небото имаат сличен изглед како кометите, но за разлика од нив, статични се и не ја менуваат својата положба во однос на ѕвездите. За да не му создаваат проблеми и да не предизвикуваат лажни тревоги, Месије се нафатил да направи каталог на такви објекти по целото небо. Ваквите објекти денес се познати како Месијеови објекти и се обележуват со голема буква М и соодветна бројка за секој објект. Месије вкупно пронашол 80-тина објекти, но подоцна неговиот каталог е дополнет, па денес имаме 110 Месијеови објекти. Тие објекти се од различен вид и поделени се во неколку групи:

1. Планетарни маглини (М27, М57, М76, М97)
2. Дифузни маглини (М8, М42, М43, М78)
3. Галаксии – спирални, елиптични, неправилни (М31,М33, М32, М110…)
4. Збиени јата или глобулар кластери (М2, М13, М15…)
5. Отворени јата (М45, М44, М36, М37, М38, М52…)
6. Астеризми – повеќекратни звезди (М40, М73)
7. Остаток на супернова (М1).

Сите овие 110 Месијеови објекти се многу популарни меѓу астрономите-аматери заради т.н. Месијеов маратон, кој се одржува секоја година околу пролетната рамноденица, во ноќта на млада месечина. Маратонот, или натпреварот, почнува со првите знаци на самрак и трае сé до зората. За тоа време, на еден телескоп, еден натпреварувач (по можност и еден асистент) се трудат што побрзо да ги најдат тие слаби објетки, кои откако ќе се пронајдат, мора да ги верификува судија. Една од предностите на Месијеовите објекти е тоа што барајќи ги, го учиме целото ѕвездено небо. Денес Месијеовиот каталог на објекти се користи само кај астрономите-аматери, а во професионална употреба најмногу се користи NGC (New Geleral Catalog), во кој се содржат многу повеќе објекти.

 

Остаток на супернова М1 (маглината Рак)

На 4 јули 1054 година на небото се појавила една многу сјајна ѕвезда, толку сјајна, што дури и дење можела да се види. Имала сјај приближно како четвртина од Месечината. Овој податок е пронајден во некои стари кинески записи. Во нив стоело дека оваа ѕвезда сјаела на небото цели 23 дена, за потоа полека да згасне и се изгуби од видното поле. Ваков краткотраен блесок на звезда е всушност колосална експлозија на супернова. Супернова е еден од стадиумите во животот на ѕвездите, кога неизбежниот колапс на ѕвездата предизвикува надворешните слоеви да експлодираат, а јадрото да колабира во неутронска ѕвезда или црна јама. Конкретно, за оваа супернова од 1054 година, во центарот на маглината Рак (М1) се наоѓа неутронска ѕвезда која ротира околу својата оска 33 пати во секунда.

Маглината Рак - М1

Маглината Рак – М1

700 години подоцна, барајќи ја Халеевата комета, Шарл Месије ја здогледал маглината Рак и помислил дека е комета. Но, подоцна видел дека тој објект воопшто не ја менува положбата во однос на ѕвездите, што не се очекувало од комета. Ваквата забуна го натерала да побара и други слични објекти, кои би можеле да го збунат при барање на комети. Така всушност и настанал Месијеовиот каталог.

При експлозијата на оваа супернова исфрлена е материја во Вселената со брзина од околу 1 800 km/s, со што, до денешно време, маглината се проширила на околу 10 светлински години (с.г.) во дијаметар. Краб маглината се наоѓа на оддалеченост од околу 6 300 с.г., а во нејзиниот центар, како што споменавме погоре, се наоѓа пулсар (или неутронка ѕвезда), која ја осветлува маглината со својата радијација и затоа можеме да видиме многу бои во маглината, што се должи на присуството на многу елементи. Низ мали аматерски телескопи оваа маглина се гледа како бледа дамка, едвај видлива, и мора да се користи периферен вид. Со поголеми телескопи и со адекватни филтри можно е дури да се видат и некои делови од структурата на Краб маглината.

Галаксии

Постојат три основни типа на галаксии: спирални (S), елиптични (E) и неправилни (Irr). Овие три типа имат свои подгрупи, но тоа во моментов не е важно. Ние тука само ќе видиме како изгледаат и како се гледаат на небото низ телескоп и низ фотоапарат.

Галаксиите се огромни групации на ѕвезди и претставуват своевидни острови во празнината на Вселената. Се одликуваат со огромен број на ѕвезди, а тој број може да се движи од неколку милијарди, до милиони милијарди звезди. Нашата галаксија (Млечен пат) има околу 250 милијарди ѕвезди, но има маса на околу 400 милијарди наши Сонца и припаѓа на типот спирални галаксии. Тие се одликуват со своите краци (кои како што кажува самото име имат спирална форма), кои излегуваат од јадрото на галаксијата, каде е сконцентриран голем дел од масата.

Типичен претставник на овој вид галаксии е галаксијата Андромеда (М31), која припаѓа на нашето галактичко јато наречено локална група, и од нас е оддалечена 2,2 милиони с.г. Таа е единствената галаксија која ни се приближува, па некаде далеку во иднината нашите две галаксии ќе се судрат и ќе ја разменат материјата. Како што и самото име ни кажува, се наоѓа во соѕвездието Андромеда.

Галаксијата Андромеда - М31

Галаксијата Андромеда – М31

Една од поубавите галаксии е М51 (Whirlpool Galaxy). Се наоѓа во соѕвездието Ловечки Кучиња и со телескоп може јасно да се видат двете јадра на двете галаксии, кои се фронтално свртени кон нас. Со поголеми телескопи може да се видат и некои детаљи на краците. Оддалечена е 37 милиони с.г. од нас.

 

Whirlpool Galaxy - M51

Whirlpool Galaxy – M51

Уште една галаксија која треба да се спомене е М33, во соѕвездието Трианглум. Член е на нашата локална група и оддалечена е околу 3 милиони с.г. од нас. Таа е на границата на видливост со голо око и во екстремно добри услови може да претставува, за оние што имаат добар вид, најдалечен објект на небото видлив со голо око. Има мал површински сјај, па затоа во помали телескопи многу бледо се гледа и може за почетници да создаде проблем при нејзиното барање. Со поголемите телескопи се гледа подобро, но без некои посебни детаљи.

Галаксијата Триуангулум - М33

Галаксијата Триуангулум – М33

Не треба да се заборави и М104, или т.н. Сомбреро галаксија. Таа е исто така спирална галаксија, но неа ја гледаме од страна. Од нас е оддалечена околу 50 милиони с.г. и бега од нас со брзина од околу 1000 km/s. Се наоѓа во соѕвездието Косите на Вероника.

Галаксијата Сомбреро - М104

Галаксијата Сомбреро – М104

Како што самото име кажува, елиптичните галаксии имаат елиптична форма и нивната издолженост може да варира од речиси кружна форма, до јако издолжена елипса. Типичен претставник на овој тип на галаксии е М87 во соѕвездието Девица, која се наоѓа во центарот на најголемото познато јато на галаксии – јатото Девица (Virgo clucter). Се претпоставува дека вакви огромни елиптични галаксии се формирале така што неколку галаксии се судриле, или една голема ги проголтала помалите во својата околина.

Елиптичната галаксија М87

Елиптичната галаксија М87

Како претставници на елиптичните галаксии се и М32 и М110, кои се сателитски галаксии на М31 (галаксијата Андромеда). Со малку вежбање, можат лесно да се најдат и со помали телескопи.

Како претставник на неправилните галаксии ќе ја споменеме М82 (Cigar Galaxy), која се наоѓа во соѕвездието Голема Мечка. Со окулари со големо видно поле може да се види заедно со М81, што претставува исклучително убава глетка.

Whirlpool Galaxy - M51

Whirlpool Galaxy – M51

 

Планетарни маглини

Самото име на планетарните маглини не ја кажува вистината за овие објекти. Не се работи за маглина каде евентуално би се создавале планети, туку за отфрлена маса на ѕвезда во умирање. Кога ѕвездата ќе дојде во фаза на црвен џин, пред да колабира во бело џуџе, таа ги отфрла своите горни слоеви, бидејќи повеќе не може да ги задржи со својата гравитација. Таа отфрлена маса во вид на огромен меур се шири низ просторот, но во зависност од структурата и начинот на отфрлената маса може да има различни форми. Од зрачењето на матичната ѕвезда и од составот на маглината, може да се видат различни нијанси на бои.

Како типичен претставник на овој тип маглини е М57 (Ring Nebula), која се наоѓа во соѕвездието Лира. За секој астроном аматер таа претставува неизбежен објект при гледањето со телескоп. При мали зголемувања и со мали телескопи едвај може да се види прстенестата форма, но со големи телескопи може јасно да се види прстенот, во сета своја убавина. М57 всушност има сферна форма. Ние, од наша гледна точка, гледаме само низ потенок слој, додека ѕидовите на маглината се значително подебели, па всушност нив и ги гледаме. Боите на оваа маглина доаѓаат од емисијата на фотони од одредени атоми во маглината, кои пак се загреваат од централната ѕвезда, т.е. белото џуџе, чија површинска температура е околу 100 000 К.

 

Ring nebula - M57

Ring nebula – M57

Како следен претставник на планетарните маглини би ја спомнал М27 (Dumbbell Nebula), која е најсветла од сите планетарни маглини. Се наоѓа во соѕвездието Лисица. Се нарекува уште и Немо Ѕвоно, или песочен часовник. Претставува исклучително светол објект, и дури и со помали телескопи лесно се забележува. Со големи телескопи лесно се забележува формата на песочниот часовник. Во центарот на маглината веројатно се наоѓа двојна ѕвезда. Од нас е далеку околу 1 200 с.г.

Dumbbell nebula - M27

Dumbbell nebula – M27

Дифузни маглини

Дифузните маглини се карактеризираат со својата огромна големина, бидејќи обично се области во галаксијата каде се раѓаат ѕвездите. Во оваа група спаѓаат рефлексионите и емисионите маглини. Рефлексиони се оние маглини кои ја одбиваат (рефлектират) светлината од позадинските ѕвезди и заради тоа и се гледаат, а емисиони се оние маглини кои го впиваат зрачењето на внатрешните ѕвезди во било кој дел од ЕМ спектарот, а потоа зрачат во видливиот дел.

Една од најубавите маглини на небото се М42 и М43 (Орионовата маглина), кои се наоѓаат веднаш една до друга и чинат една целина во окуларот. Големи се, многу сјајни и се гледаат и со голо око. Во М42 се наоѓаат неколку многу млади, и во космички размери штотуку родени ѕвезди, од кои најпознати се четири ѕвезди, кои се нарекуват трапезиум. Светлината на младите и жешки ѕвезди ја осветлува маглината околу нив, која пак зрачи во видливиот спектар. М42 е најсјаната дифузна маглина на небото, а од нас е оддалечена 1 600 с.г.

М8 или Лагуна (Lagoon Nebula) се наоѓа во соѕвездието Стрелец и во својот состав содржи и отворено јато на ѕвезди.

Во оваа група спаѓа и М20, наречена Трифид небула, која исто така се наоѓа во соѕвездието Стрелец. Емитува светлина од ѕвездите кои се наоѓат во нејзината внатрешност, но и рефлектира светлина на околните ѕвезди.

Отворени ѕвездени јата

Отворените ѕвездени јата претставуваат групација на ѕвезди, кои не се гравитациски поврзани меѓу себе. Во овие јата се наоѓаат млади ѕвезди, кои обично се настанати од еден облак на гас и прашина, кои со ротацијата на галаксијата се расејуваат по неа. И нашето Сонце е настанато во едно такво јато. Отворените јата вообичаено бројат од неколку десетици до неколку стотици, па и илјадници ѕвезди. Се карактеризираат со својата големина, а некои од нив не може да ги собере во видното поле на окуларот, па затоа подобро се гледаат со двоглед. Отворените јата се наоѓаат во рамнината на дискот на галаксијата, односно (на небото) во близина на Млечниот Пат.

Еден таков објект е М45, попознат како Плејади, во соѕвездието Бик. Многу лесно се забележува со голо око. Преку Плејадите можете да си го тестирате видот. Доколку изброите 7 ѕвезди со голо око, имате одличен вид. Постои приказна дека Јохан Кеплер ги нацртал позициите на 14 ѕвезди во Плејадите, и тоа без употреба на телескоп. Вистинско задоволство е да го истражувате ова отворено јато со двоглед, а доколку имате и фотоапарат, никако не пропуштајте да го фотографирате.

Сличен објект на Плејадите е отвореното јато М44, во соѕвездието Рак. Помало е од М45, но сепак може да се види со голо око. М44 кај нас е познат како “јасли”.

Иако не припаѓа во Месијеови објекти, секако треба да се спомене и е еден од најубавите објекти на небото. Тоа е двојно отворено јато во соѕвездието Персеј, попознато како Дабл Кластер (Double Cluster). Може да се види и со голо око, но и преку помали телескопи ја открива својата вистинска убавина. Со окулар кој дава мало зголемување, може да се видат многу јасно две отворени јата во неговото видно поле.

Затворени (глобуларни) јата

Затворените, или уште попознати како глобуларни јата, претставуваат сферична формација на ѕвезди, каде концентрацијата на ѕвезди расте од периферијата кон центарот на сферата.

Составени се воглавно од многу стари ѕвезди (преку 10 милијарди години), а нивна карактеристика е што се наоѓаат надвор од дискот на галаксијата и најбројни се во близината на галактичкиот центар, поточно во халото на галаксијата. Нивната големина зависи од бројот на ѕвезди, кој може да се движи од неколку стотици, па до милиони ѕвезди.

Како карактеристични претставници на затворените јата ќе ги наброиме М3, М13 и М15.

М3 се наоѓа во соѕвездието Ловечки Кучиња и содржи околу половина милион ѕвезди. М13 е едно од најчесто набљудуваните затворени јата и се наоѓа во соѕвездието Херкул. М15 е во близината на ѕвездата Ениф, во соѕвездието Пегаз.

Астеризми – повеќекратни ѕвезди

Астеризмите се интересни по тоа што не се интересни. Претставуваат собир на две или четири ѕвезди, и со мали телескопи може да се протолкуваат како замаглени објекти. На многу астрономи-аматери не им е јасно зошто овие два објекти влегле во Месијеовиот каталог (М40 и М73), а, на пример, двојното ѕвездено јато во Персеј не влегло. Како и да е, сепак да ги погледнеме.

М40 во Големата мечка е двојна ѕвезда. М73 се наоѓа во соѕвездието Водолија и претставува групација на 4 ѕвезди.

Уживајте во небото

Со Месијеовиот каталог не се завршува списокот на убавините на небото. Постојат и многу други објекти кои се наоѓат во други каталози, од кои најважен е NGC. Доволно е да прочитате за некој објект во некој од каталозите и со помош на телескоп да се обидете да го најдете на небото. Многу поголемо задоволство е кога за тој објект знаете колку е далеку, или некој друг податок.

На крајот, за убавината на ѕвезденото небо би цитирал еден епитаф на двајца астрономи-аматери:

“Премногу ги сакавме ѕвездите за да се плашиме од ноќта”

Сподели.