Човештвото токму со науките се издигнува од своето наивно детство, од Мрачниот Среден Век. Денес на почетокот на третиот милениум соочени сме со предизвикот на се подлабоко навлегување во тајните на Космосот и тајните на сепак единствената, нам позната планета, со интелигентни суштества: Земјата.
Кога Никола Коперник во далечниот XVI век ја пишувал “De revolutionibus orbium coelestium”, во првата глава истакнал дека планетите рамномерно се движат по совршени кружници околу сончевата светилка. Насоката на движење на сите планети е спротивна од движењето на стрелките на часовникот. Но, совршените кружници биле само естетска желба, како времето ќе покажало. Со новиот систем во кој Сонцето е центар, Коперник објаснил зошто надворешните планети (Марс, Јупитер, Сатурн, а од тоа време до денес познати и Уран, Нептун и Плутон) се чини дека се движат наназад кога брзата Земја ќе помине помеѓу нив. Така, на пример, додека Јупитер направи една полна заобиколка околу Сонцето, Земјата прави околу 12 полни кругови. И секогаш кога Земјата го претркува Јупитер, тој ни се чини како да се забавува во своето движење, па престанува да се движи по небескиот свод за да потоа и оди наназад, ретроградно, па потоа пак да се запре и пак да почне да се движи во насоката спротивна на движењето на стрелките на часовникот. Коперник бил предвесник на современата наука, кршејќи ги традицијата и догмата со силата на разумот и набљудувањата. Најважно од се е дека Земјата се врти околу Сонцето како и другите планети.
Како што ја гледаме Венера од поспората Земја, линијата на погледот (т.е. таму на небото, во однос на ѕвездите, каде ја гледме Венера) го свртува правецот на движењето: првин ротира обратно од стрелките на часовникот, а потоа (во четвртата и петата позиција) почнува дa се движи во нaсока на стрелките нa чaсовникот. Ова соодветствува на првото свртување во привидното движење. Подоцна (околу деветата позиција) повторно почнува да се врти обратно од насоката на стрелките на часовникот, што е второ свртување. Истото објаснување важи и за надворешните планети, само што Земјата го зема местото на Венера, а надворешната планета местото на Земјата.
Јохан Кеплер ни е познат по неговите закони за движењето на планетите. Првиот закон ни кажува за обликот на патеките или орбитите на планетите. Коперниковите кружници се заменети со елипси, издолжени или сплескани кружници. Сонцето пак не е во средина на елипсата, ама малку поместен кон едниот дел од елипсата. Точката во која се наоѓа сонцето е еден од двата фокуса на елипсата.
Движењето на планетите по овие геометриски фигури слични на кружниците, вели германецот Кеплер, не било рамномерно. Планетите се движеле побргу кога се поблизу до Сонцето, а побавно кога се пооддалечени од него. Тоа е малку поинаку пренесен вториот Кеплеров закон.
Изведувањето на трите Кеплерови закони било резултат на тешките и макотрпни пресметки на самиот Кеплер, но најмногу на претходните долги опсервации на скептичниот данец Тихо Брахе.
Земјата, по која ние работиме и уживаме, се движи по таква затворена крива линија. Таа на ден 4ти (или 5ти) јули секоја година (кога кај нас во Македонија температурите знаат да бидат над 30°C) е најдалеку од Сонцето, 152 087 572 км. На 4ти (или 5ти) јануари (во најдлабоката зима на овие простори) Земјата е многу поблизу, на 147 097 496 км. Првата положба астрономите ја нарекуваат афел, а за втората кога Земјата или друго тело се наоѓа најблизу до Сонцето, перихел. Разликата помеѓу оддалеченостите на овие две положби од нашето Сонце е огромна, приближно 5 милиони километри. Но, сепак таа не е толку голема да ние со голо око се увериме дека сончевиот диск на 4ти јануари е поголем од оној на 4ти јули. Радиусот на сончевиот диск зиме треба да ни изгледа 3% поголем отколку лете. Патем со око и не смееме да ја гледаме нашата најблиска ѕвезда. Секако дека кога Земјата е на помало растојание од Сонцето, таа прима и поголема количина светлина, но од друга страна Земјата многу побрзо ќе помине низ овој дел од нејзината елиптична патека (околу најблиската точка до Сонцето-перихел), па затоа нема некој значаен ефект по Земјината клима. Но, да ја разгледаме ситуацијата со најблиската планета до Сонцето, Меркур. Доколку од таму го набљудуваме Сончевиот диск, тој би бил за еден и пол пат поголем кога Меркур ќе се најде во перихел отколку во моментот на најголемата оддалеченост од нашата ѕвезда.
Климата, односно промената на годишните времиња, е дирекна последица од налегнатоста на оската на ротација на Земјината топка во однос на рамнината во која се движи Земјата околу Сонцето (еклиптичка рамнина). Аголот на наклон е 23°30’. Ако се совпаѓаа оската на ротација и нормалата на еклиптиката (орбиталната рамнина), немаше да постојат различни годишни времиња. Таков е случајот со планетата Венера (аголот е 3°, речиси 0°) на која практично нема годишни времиња. Значи, иако сме најблизу до Сонцето, токму тогаш на северната полутопка е зима. Треба да се спомене и тоа дека зимата на северната полутопка започнува на 22ри (или понекогаш на 21ви) декември. На тој ден (зимски солстициј) денот со Сонце е најкраток, а ноќта најдолга, барем тука во Скопје. За оние во Сиднеј во овој ден Сонцето пече најдолго.