За откривањето на прстенот околу џуџестата планета Хаумеа

0

Рано наутро на 21-ви јануари 2017 џуџестата планета Хаумеа помина пред ѕвезда и ја фрли својата сенка врз Европа. Дванаесет телескопи на десет различни локации го набљудуваа овој настан. Европските научници сметаа дека транзитот ќе открие нови информации за овој далечен член на Сончевиот Систем кој орбитира подалеку од Сонцето отколку Плутон.

Два од телескопите искорисени во набљудувањето, едниот во Словенија, а другиот во Италија, се финансирани од Планетарното Друштво (Planetary Society) како дел од проектот NEO (Near Earth Object), програма која им помага на астрономите аматери да најдат, следат и карактеризираат астероиди кои се наоѓаат во близина на Земјата.

Според труд објавен во Nature од страна на J. L. Ortiz од CSIC, Шпанија  резултатите велат дека Хаумеа има прстен. Ова е прво откритие на објект зад орбитата на Нептун кој има прстен и претставува потсетник дека на работ на Сончевиот Систем има многу фасцинантни светови кои чекаат да бидат истражени.

За откривањето на прстенот околу џуџестата планета Хаумеа

Уметнички приказ на Хаумеа и нејзиниот прстен. Заслуги: IAA-CSIC/UHU

Хаумеа е една од четрите познати џуџести планети зад Нептун. Хаумеа има елипсовидна форма, широчина на Плутон и излед на сплескано јајце или речен камен. Околу неа ротираат две месечини – Хи’иака и Намака.

Џиновските планети како Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун имаат прстени, но досега се сретнати само два мали света со нив (Харкило и Хирон). И двата објекта се „кентаури“ – небесни тела кои орбитираат околу Сонцето помеѓу астероидниот и Кајперовиот Појас низ орбитите на џиновските планети. Хаумеа е првиот мал објект со прстен кој не е кентаур.

Евроските набљудувачи ги откриле прстените со мерење на количеството светлина кое доаѓало од ѕвездата при преминот на џуџестата планета пред неа. Намалувањата во светлината биле конзистентни со оние на тело со прстен, кој во случајов е сличен како оние на Уран и Нептун.

Планетарното Друштво е споменато во трудот како дарител на грант во 2013 на опсерваторијата во Италија. Наградата од 9.120 долари била доделана со цел ре-алуминизација на огледалото на 0,81 метарскиот телескоп и инсталација на нова опрема за зголемување на видното поле. Подобрениот телескоп учествува во многу опсервации како дел од NEO програмата, но и во други цели, како транзитот на Хаумеа.

Италијанските истражувачи Албино Карбоњани и Жан Марк Кристил се ко-автори на трудот. Според Карбоњани, набљудувањето на окултации е секогаш тешко поради тоа што траат само неколку десетици секунди и многу работи, како временските услови и исправноста на компјутерите, може да го уништат набљудувањето. Возбудата лежи во тоа што никогаш не знаете што ќе откриете. При набљудувањето на Хаумеа се очекувало дека можеби ќе се откријат други сателити, покрај двата познати, или пак тенка атмосфера, но она што на крај било откриено е прстен, и тоа првиот зад орбитата на Нептун! Задоволството од учеството во проектот Карбоњани го споредува со откритието на астеоридот Valléedaoste во 2007 и вели дека без помошта од Планетарното Друштво, телескопот не би бил способен за ова фотометриско набљудување.

Телескопот од Словенија под раководство на Херман Микуз, кој исто така е ко-автор на трудот, е финансиран делумно од грант на Планетарното Друштво во 2000-та година и учествува во повеќе NEO откритија секоја година. 0,6-метарскиот телескоп се наоѓа на Црни Врв и во набљудувањето на Хаумеа користел нова CCD камера купена со помош на грант од 8000 долари доделен од страна на Планетарното Друштво во 2010-та година.

Во трудот се изнесени и нови претпоставки за големината, обликот и густината на Хаумеа. Поради наглиот пад на светлината на ѕвездата при транзитот, Хаумеа најверојатно нема глобална атмосфера како Плутон. Што значат овие откритија за класификацијата на Хаумеа во иднината сè уште не се знае, поради малиот број на објекти од кој може да се донесат вакви заклучоци.

Секогаш има простор за нови истражувања.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: The Planetary Society

Сподели.