
Уметнички приказ на ДиДи. Заслуги: Alexandra Angelich/NRAO/AUI/NSF
Периферијата на Сончевиот Систем има повеќе нешта одошто мислиме. Зад орбитата на Нептун, астрономите претпоставуваат дека има огромно количество на мали тела, а можеби дури и џиновска планета. 2014 UZ224, познат и под името ДиДи, е еден од овие светови кои беше анализиран со помош на мрежата од радио телескопи во Атакама, наречена АЛМА. Дијаметарот на ДиДи е 635 километри, што е околу 67% од дијаметарот на Церера – џуџеста планета во астероидниот појас. Со таа големина, ДиДи е најверојатно сферично тело, што е и еден од критериумите за да добие статус на џуџеста планета. Анализата е објавена во „Писма на Астрофизичкото списание“ на Издаваштвото на Институтот за физика во САД.

Фотографија од објектот 2014 UZ 224, наречен и ДиДи. Заслуги: ALMA/ESO/NAOJ/NRAO
Според Дејвид Гердес од „Универзитетот на Мичиген“, зад Плутон има регион полн со планетарни тела кои имаат различни големини – од многу мали, до такви со големини скоро колку Плутон, па и поголеми. Бидејки овие тела се толку далечни и темни, многу е тешко да се детектираат, а уште потешко детално да се проучат. Но, со помош на АЛМА овозможено е откривање на некои интересни детали за овие светови.
Откривањето на ДиДи беше објавено есента во 2016-та година, по две години додатни набљудувања за да се потврди постоењето. ДиДи е вториот најоддалечен објект во Сончевиот Систем по џуџестата планета Ерида. Сместен е на растојание од Сонцето кое е 92 пати подалеку отколку Земјата и потребни му се 1100 години да ја помине својата орбита околу Сонцето.

Оддалеченост на ДиДи од Сонцето во споредба со други објекти. Заслуги: Alexandra Angelich/NRAO/AUI/NSF
Астрономите мораа да го искористат АЛМА бидејки објектот е многу студен (30 К над апсолутната нула) и поради тоа што рефлектира само 13% од малото количество на светлина што го добива од Сонцето.
ДиДи е остаток од почетоците на Сончевиот Систем и со тоа прозорец кон минатото на нашата планета. Според Гердес „Сè уште има светови за откривање во нашиот космички двор, а Сончевиот Систем е богато и комплицирано место.“
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: IFL Science