Ново Хоризонтскиот објект во Кајперовиот појас именуван “Аррокот”

0

Како соодветен чин на почит кон најоддалечениот лет некогаш спроведен од вселенско летало, објектот од Кајперовиот појас- 2014 MU 69 е официјално именуван “Аррокот”.  Ова име претставува домороден американски термин што значи небо на алгонквински јазик.

mu69

Композитска слика од примордијалниот затворен двоен систем 2014 MU69 што се наоѓа во Кајперовиот појас, направена со податоци од сондата Нови Хоризонти.

Со согласност од старешините и претставниците на Похатаните, тимот на Нови Хоризонти на НАСА- чие вселенско летало го оствари рекордното набљудување на Аррокот четири милијарди милји од Земјата- го предложи името на Меѓународната астрономска унија и Центарот за мали планети, меѓународниот орган за именување на објекти од Кајперовиот појас. Името беше објавено на церемонијата на 12 ноември во седиштето на НАСА во Вашингтон.

“Името Аррокот ја одразува инспирацијата за набљудување на небото, ѕвездите и световите надвор од нашиот,” вели Алан Стерн, главниот истражувач на Нови Хоризонти од Југозападниот институт за истражување во Колорадо. “Таа желба да научиме е клучна во мисијата Нови Хоризонти, и нам ни беше голема чест што соработувавме со Похатаните и луѓето од Мериленд, во време на одбележување на ова откритие”.

Нови Хоризонти беше лансирана во јануари 2006 година. Во февруари 2007 година помина покрај Јупитер за да ја засили својата гравитација и да собере податоци за научни студии, а на 14 јули 2015 година го спроведе првиот лет покрај системот Плуто, за прв пат во историјата. Ова летало го продолжи своето патување со истражување на Аррокот- кој што има надимак Ултима Туле- милијарда милји подалеку од Плутон и најдалечното летање досега.

Аррокот е еден од илјадниците познати мали ледени објекти во Кајперовиот појас, огромната трета зона на Сончевиот Систем, после зоната на внатрешните копнени планети и зоната на надворешните планети- гасовитите џинови. Беше откриен во 2014 година од тимот на Нови Хоризонти, во кој бил вклучен и Марк Буие од Југозападниот институт за истражување, користејќи го моќниот вселенски телескоп Хабл.

“Податоците од Аррокот се исто така патоказ за начинот на формирање на планетите и нашето космичко потекло,” вели Буие. “Веруваме дека ова античко тело, составено од два различни објекти кои што се споени во еден ентитет, може да има одговори кои би можеле да придонесат кон нашето разбирање за потеклото на животот во Земјата”.

Во согласност со конвенциите за именување на Меѓународната астрономска унија, тимот заслужен за откритието ја стекна привилегијата да избере трајно име за ова небесно тело. Тимот преку оваа конвенција имал можност да ја интегрира културата на домородните народи кои живеат во регионот каде што е откриен објектот; Во овој случај, ова се однесува на вселенскиот телескоп Хабл (во Институтот за вселенско истражување со помош на вселенски телескоп) и мисијата Нови Хоризонти (во Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џонс Хопкинс) кои што оперираат близу до Мериленд, каде што се наоѓа и заливот Чесапик кој е од голема важност за Похатаните.

“Давањето на името Аррокот ја означува силата и издржливоста на домородното алгонквинско население од регионот Чесапик. Нивното културно наследство продолжува да биде водилка за сите оние кои што сакаат да го разберат потеклото на универзумот и небесната поврзаност на човештвото,” вели Лори Глејз- директор на Секторот за планетарни науки на НАСА.

Територијата Памунки во округот Кинг Вилијам во Вирџинија е најстариот индијански резерват во САД. Формирана е со договор со Англија во 1600-тите години, а конечно добива федерално признание во јули 2015 година. Племето Памунки било од голема важност за време на Похатанската Конфедерација. Денес членовите од племето Памунки соработуваат со другите Похатански племиња во Вирџинија и исто така имаат потомци кои се членови на Похатан-Ренапе Нацијата во Њу Џерси. Многу директни потомци сé уште живеат во резерватот Памунки, додека другите се преселиле во Северна Вирџинија, Мериленд, Baшингтон, Њу Јорк и Њу Џерси.

Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џонс Хопкинс, Мериленд, ја дизајнирала, изградила и управувала со сондата Нови Хоризонти, а исто така управува и со Директоратот за научни мисии на НАСА. Канцеларијата за планетарен менаџмент во Центарот за вселенски летови Маршал на НАСА, со седиште во Хантсвил, Алабама, го обезбедува надзорот на НАСА за мисијата Нови Хоризонти. Југозападниот институт за истражување, во Сан Антонио, ја управува мисијата преку главниот истражител Алан Стерн, а исто така и го води научниот тим. Нови Хоризонти е дел од програмата Нови Граници на Центарот за вселенски летови Маршал, НАСА.

kb

Патеката на истражување на Нови Хоризонти.

Превод: Дефне Еминовска

Извор: nasa.gov

Сподели.