Во среќен пресврт на судбината, вселенскиот телескоп Хабл на НАСА штотуку беше сведок на распаѓање на комета. Веројатноста тоа да се случи додека Хабл ја набљудувал е исклучително мала. Наодите беа објавени во среда во списанието Икарус .
Кометата К1, чие целосно име е C/2025 K1 (ATLAS) – да не се меша со меѓуѕвездената кмета 3I/ATLAS – не беше оригиналната цел на студијата на Хабл.
„Понекогаш најдоброто истражување се случува случајно“, рече истражувачот Џон Нунан, професор-истражувач на Одделот за физика на Универзитетот Обрн во Алабама. „Оваа комета беше забележана затоа што нашата оригинална комета не беше видлива поради некои нови технички ограничувања. Моравме да најдеме нова цел – и токму кога ја забележавме, се случи да се распадне, што е најмала од малите шанси.“

Серија фотографии направени од вселенскиот телескоп Хабл на НАСА од кометата C/2025 K1 (ATLAS) во фаза на фрагментација направена во текот на три последователни дена: 8, 9 и 10 ноември 2025 година. Ова е прв пат Хабл да биде сведок на комета во толку рана фаза од процесот на распаѓање.
Нунан не знаел дека К1 се фрагментира сè додека не ги видел сликите еден ден откако Хабл ги направил. „Додека првично ги разгледував податоците, видов дека на тие слики има четири комети, кога ние предложивме да погледнеме само една“, рече Нунан. „Значи, знаевме дека ова е нешто навистина, навистина посебно.“
Ова е експеримент што истражувачите отсекогаш сакале да го направат со Хабл. Тие предложиле многу набљудувања на Хабл за да се фати распаѓање на комета. За жал, резервирање време на Хабл е многу тешко па затоа немало успешни обиди досега.
„Иронијата е што сега само проучуваме обична комета и таа се распаѓа пред нашите очи“, рече главниот истражувач Денис Бодевитс, исто така професор на Одделот за физика на Универзитетот Обрн.
„Кометите се остатоци од ерата на формирање на Сончевиот систем, па затоа се направени од „стари работи“ – исконските материјали што го сочинувале нашиот Сончев систем“, рече Бодевитс. „Но, тие не се недопрени – тие биле загреани; биле озрачени од Сонцето и од космичките зраци. Значи, кога го гледаме составот на кометата, прашањето што секогаш го имаме е: „Дали ова е примитивно својство или се должи на некој подецнежен процес?“ Со распаѓањето на кометата, можете да го видите античкиот материјал што е недопрен од тие процеси.“
Хабл ја фати K1 како се фрагментира на најмалку четири парчиња, секое со посебна кома, нејасна обвивка од гас и прашина што го опкружува леденото јадро на кометата. Хабл јасно ги раздели фрагментите, но за телескопите на Земјата, во тоа време тие се појавуваа само како едвај препознатливи, светли точки.
Сликите на Хабл се направени само еден месец по најблиското приближување на К1 до Сонцето, наречено перихел. Перихелот на кометата бил во орбитата на Меркур, околу една третина од растојанието на Земјата од Сонцето. За време на перихелот, кометата доживува најинтензивно загревање и максимален стрес. Веднаш по перихелот, некои долгопериодични комети како К1 имаат тенденција да се распаднат.

Овој дијаграм ја покажува патеката што ја помина кометата C/2025 K1 (ATLAS), или K1, додека минуваше покрај Сонцето и го започнуваше своето патување надвор од Сончевиот систем. Вселенскиот телескоп Хабл на НАСА ја направи вметнатата слика од фрагментирачката комета само еден месец по најблиското приближување на K1 до Сонцето.
Пред да се фрагментира, К1 веројатно била малку поголема од просечна комета, веројатно со пречник од околу 8км. Тимот проценува дека кометата почнала да се распаѓа осум дена пред Хабл да ја види. Хабл направил три слики од 20 секунди, по една секој ден од 8 до 10 ноември 2025 година. Додека ја набљудувал кометата, едно од помалите парчиња на К1 исто така се распаднало.
Бидејќи остриот вид на Хабл може да разликува екстремно фини детали, тимот можеше да ја проследи историјата на фрагментите до времето кога тие биле едно парче. Тоа им овозможи да ја реконструираат временската линија. Но, правејќи го тоа, тие открија мистерија: Зошто имало доцнење помеѓу распадот на кометата и моментот до кога биле видени светлите испарувања од јадрото? Кога кометата се фрагментирала и открила свеж мраз, зошто таа не осветлила речиси моментално?
Тимот има неколку теории. Поголемиот дел од осветленоста на кометата е сончева светлина рефлектирана од зрна прашина. Но, кога кометата ќе се отвори, таа открива чист мраз. Можеби треба да се формира слој од сува прашина врз чистиот мраз, а потоа да се оддува. Или можеби топлината треба да стигне под површината, да создаде притисок, а потоа да исфрли проширена обвивка од прашина.
„Никогаш досега Хабл не уловил толку блиску до моментот кога всушност се распаднала. Најчесто, тоа е неколку недели до еден месец подоцна. А во овој случај, можевме да ја видиме само неколку дена подоцна“, рече Нунан. „Ова ни кажува нешто многу важно за физиката на она што се случува на површината на кометата. Можеби ја гледаме временската скала што е потребна за да се формира значителен слој прашина што потоа може да биде исфрлен од гасот.“
Истражувачкиот тим со нетрпение очекува да ја заврши анализата на гасовите што дошле од кометата. Анализата од Земјата веќе покажува дека K1 е хемиски многу чуден – значително е осиромашен со јаглерод, во споредба со другите комети. Спектроскопската анализа од инструментите STIS ( Space Telescope Imaging Spectrograph ) и COS ( Cosmic Origins Spectrograph ) на Хабл веројатно ќе открие многу повеќе за составот на K1 и самото потекло на нашиот Сончев систем, бидејќи вселенските телескопи на НАСА продолжуваат да придонесуваат за нашето разбирање на планетарната наука.
Кометата К1 сега е збир од фрагменти на околу 250 милиони милји од Земјата. Сместена во соѕвездието Риби, таа се движи надвор од Сончевиот систем, и веројатно нема никогаш да се врати.
Превод: Хистијан Петрески
Извор: science.nasa.gov


