Што е суборбитален лет?

0

Компаниите Вирџин Галактик и Блу Ориџин испратија вселенски летала, заедно со нивните основачи-билионери во суборбитален лет. Но која е разликата помеѓу суборбитален лет и обично патување околу Земјата?

суборб

Вселенското летало Јунити ВСС на Вирџин Галактик полета во суборбитален лет во мај 2021 година. Заслуги: Вирџин Галактик

Поимот „суборбитален“ е термин кој често ќе го слушате додека Ричард Бренсон лета со вселеснкото летало со крилја ВСС Јунити на Вирџин Галактик и додека Џеф Безос лета на вселеското летало Њу Шепард на Блу Ориџин, обидувајќи се да ја допрат границата на вселената и да почувствуваат бестежинска состојба неколку минути.

Но што всушност значи „суборбитално“? Едноставно кажано, тоа значи дека иако некое тело ја преминало границата на вселената, тоа ја нема потребната брзина за да остане во орбита.

Кога некое вселенско летало ќе достигне брзина од 28 000 километри на час или повеќе, наместо да се врати назад на Земјата, тоа постојано ќе паѓа околу планетата. Постојаното паѓање всушност значи да се биде во орбита. На овој начин сателитите и Месечината кружат околу Земјата.

Било кое тело, кое ќе се лансира во вселената, но нема да ја достигне потребната хоризонтална брзина за да остане во вселената (како овие ракети), ќе се врати назад на Земјата и ќе се движи по суборбитална траекторија.

Зошто се важни суборбиталните летови?

Иако двете летала лансирани во Јули 2021 година нема да влезат во орбита, стигнувањето до вселената во приватно вселенско летало е огромен чекор во историјата на човештвото. Луѓето на овие и идните суборбитални летови од приватниот сектор, ќе почувствуваат неколку минути незамислива бестежинска состојба и дефинитивно ќе добијат астронаутски крилја.

суборб2

Траекториите A и B стигнуваат до вселената и претставуваат суборбитален лет. Телата на овие траектории ја немаат потребната брзина над Земјата, па гравитацијата ќе ги привлече назад на површината. Заслуги: Brian Brondel, CC BY-SA

Успешно фрлено топче

Теоретски, летовите на Бренсон и Безос не се многу поразлични од фрлање на едно обично бејзбол топче во воздухот.

Колку побргу ќе го фрлите топчето нагоре, толку повисоко и подалеку ќе остане истото во воздух. Доколку го фрлите и со мала странична брзина, топчето ќе оди подалеку.

Замислете дека фрлате бејзбол топче на некое игралиште. Како што топчето се крева, тоа постепено губи брзина и успорува, односно кинетичката енергија поради брзината на топчето преминува во потенцијална енергија во форма на зголемена височина. Кога-тогаш, топчето ќе ја достигне максималната височина и потоа ќе почне слободно да паѓа назад кон игралиштето.

Сега, да претпоставиме дека можеме да го фрлиме топчето толку силно што ќе достигне 97 километри. Тогаш топчето ќе стигне до вселената. Кога ќе ја достигне оваа максимална височина, за момент топчето ќе има нула вертикална брзина и ќе почне слободно да паѓа назад кон Земјата.

Летот може да трае неколку минути. Повеќето од тоа време телото може да почувствува бестежинска состојба заедно со астронаутите внатре во вселенското летало. Исто како и хипотетичкото топче за бејзбол, така и астронаутите ќе стигнат до вселената, но нема да влезат во орбита, па нивните патувања ќе ги викаме суборбитални летови.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: astronomy.com

Сподели.