Ретроспектива на тоталното затемнување на Сонцето – Канада 8-ми Април 2024

0

Тоталното затемнување на Сонцето е феномен за себе датирајќи уште од зачетоците на човекова цивилизација. Се разбира бил присутен и претходно, не немало кој да го запише/нацрта. Со оглед што се случува во тие неколку минути дури трае тоталитетот, можам само да претпоставам се што им се вртело во главата на луѓето во минатото кои не знаеле што се случува кога одеднаш од ден станува скоро ноќ. Но, да не зборуваме многу за минатото. Тука сме во време кога до милисекунда може да го предвидиме секое наредно затемнување на Сонцето. Кога можеме да отидеме да видиме некое во живо, затоа што е небесен спектакл што ќе ви остане врежан во меморијата за цел живот.

ms1

Локацијата за набљудување – полна со снег, но битно ни беше какво е времето горе

Ако денот по утрото се познава нас не ни се пишување добро! Кога се приближувавме на локацијата каде што сакавме да го следиме затенувањето, на брегот на езерото Memphemagog во градчето Магог во источиот дел на Канада, паѓаше снег, и цела околина беше прекриена со снежна покривка. Само 2 дена претходно во четврток на 4-ти Април паднаа нови 30+ см нов снег во тој регион на Канада.

ms2

Фотографија направена 1 ден пред затемнувањето барајќи соодветна локација и тестирајќи соодветни експозиции и кадри. Секогаш вежбајте за вакви настани ако сакате се да помине без грешка. Многу работи се важни, а особено при тоталитетот немате место за грешка, се што правите е мануелно – не е само обично чкрапање.

10-тина дена претходно секој ден по најмалку 2 пати ја гледав временската прогноза, за да видам што кажува времето. Ако е облачно нема да видите ништо од затемнувањето, освен што ќе настане мрак во периодот на затемнувањето. За голем дел од САД беше најавувано лошо време, токму каде најголемиот дел од светската популација на бркачи на еклипси замина да го брка затемнувањето.

ms3

Ноќниот пејсаж вечерта пред затемнувањето, ми фалеше да видам малку повеќе ѕвезди отколку што се гледаат во град

Воглавно Мексико и јужните Американски сојузни држави во просек треба да имаат добро време тој период, но временската прогноза не најавуваше баш уживање во затемнувањето во тој дел, па и голем дел од љубителите го пропуштија или пак не го видоа во целост. Многу луѓе набрзина ги сменија плановите и заминаа во предели каде што имаше поголема веројатност да е ведро.

ms4

Набљудувачите спремни – кој со очила за затемнување кој со телескоп, кој со двоглед

Како се приближувавме кон денот на затемнувањето, и покрај снегот претходните денови, прогнозата велеше дека времето треба да биде ведро. Тоа навистина не радуваше, особено што таму бевме фамилијарно, а сопругата и синот немаа видено претходно тотално затемнување на Сонцето. Овој пат среќата да не патуваме многу ни се насмевна, па извозевме само 130-тина км со цел повеќе да видиме од таталитетот, иако буквално можеше да го гледаме и од тераса. Секоја секунда навистина значи за време на ваков настан.

ms5

Ако немате ништо на располагање, секогаш можете да си направите сопствена „камера“. Се што ви треба е една подолга кутија, да направите еден отвор за гледање и уште еден еден отвор каде што ќе ставите алуминиумска фолија на која ќе направите една мала дупка. Иако мало сепак ќе го видите затемнувањето

Уште претходно знаевме дека целиот регион каде што поминуваше тоталитетот ќе биде полн со луѓе кои доаѓаат за да го погледнат што се забележуваше и во градот Магог. Скоро никаде не можеше да се најде слободно место за јадење oд врвулица луѓе кои беа во градот. Магог е мало место со помалку од 30.000 жители. Популарно генерално во лето, поради блиското езеро. Сместувањето ни беше на самото езеро, и имаше приватен излез на брегот од езерото со што ја избегнавме гужвата. Уште утрото почнаа да се поставуваат луѓе на брегот што беа во неколкуте објекти кои беа во комплексот. Сепак со тоа што дојдовме некој ден претходно, успеав да си резервирам позиција. На јавните простори околу езерото имаше многу гужва, па ми беше мило што бевме малку изолирани. Околу нас дојдоа и една фамилија по потекло од Грузија, носеа телескоп и поголем двоглед, па супер ни дојде малку од поблиску да го погледнеме затемнувањето.

ms6

Мултиекспозиција од сите фази на затемнувањето. Поединечните фотографии кои после се споени во една пејсажна фотографија која е направена за време на тоталитетот. Единствен период каде можете да сликата без сончев филтер и да го фатите пејсажот. Покрај спектакуларната корона се гледа и сенката на Земјата заедно со хоризонтот кој станува жолто-портокалов. Се гледа и планетата Венера, како мала точка пред десниот дел од фазите.

Затемнувањето започна во 2:16 ч. по локално време и кај сите 50тина луѓе што бевме на тој простор веднаш почна да се зголемува адреналинот. Највозбудливиот момент е секако тоталитетот, па сите со нетрпение го очекуваа. За набљудување користевме очила со филтер за затемнување, имавме неколку пара од претходни затемнувања, а земавме и 2 нови со леќи кои имаа 2 пати зголемување, па малку Сонцето беше поголемо. Околу фотофрафирањето, планирано ми беше да направам мултиекспозиција од затемнувањето, со фазите фотографирани на секои 6 мин, од почеток до крај.

ms7

Короната – Стакирана фотографија од неколку поединешни фотографии направени со 300 мм. објектив. Само ќе кажам дека со голо око можеше да се види короната околу 1 до 1.5 степен околу Сонцето

Пред и после целосното затенување со 10 мин. измегу фотографиите заради тоа што короната зафаќа дополнителен простор. Се размислував дали да правам најизменични и фотографии со објектив од 300мм, но се откажав и оставив со него да сликам само за време на тоталитетот, откако ќе ја направам пејсажната фотографија за мултиекспозицијата. Сепак еден фотоапарат и еден сталак, а 2 објективи, за нешто што треба да биде прецизно, некако ми звучеше на грешка во најава и комплицирање на животот, па се откажав, поучен од минатот што му се случи на еден другар при фотографирање на затемнувањето. Тука подразбира префокусирање на секое преместување на објективот, вадење – ставање на филтри, менување параметри – а сепак сакав да уживам во овој преубав настан.

ms8

Короната – преекспонирана за уште поубаво да се види нејзината големина и насоката по наелектризирани честички излегуваат од Сонцето на сите страни. Ако погледнете поубаво може да забележите и 5-6 ѕвезди кои се фатени околу во близина на Сонцето. Имаше фотографија и од комета во близина на Сонцето што еден фотограф успеал да ја улови правејќи долги експозиции при тоталитетот.

До некаде 70% од затемнувањето не се приметува скоро никаква разлика во осветлувањето наоколу. После 70тина проценти почнува да се забележува дека светлината на Сонцето не е толку остра (нешто како пред зајдисонце), сенките се ублажуваат и веќе почнува да се осеќа намалување на температурата. Сепак е сеуште доста светло. Ќе повторам како што сум кажал многу пати на луѓе, 99% и 100% затемнување прават 100% разлика.

ms9

Дијамантскиот прстен – феномен што се појавува при секунди пред Месечината да го прекрие дискот на Сонцето и секунди пред да го напушти дискот на Сонцето. Покрај зраците на Сонцето на фотографијата може да видите и протуберанции, експлозии на хромосферата на Сонцето што се видливи без специјална опраме само при тотално затемнување на Сонцето.

Кога Месечината ќе го прекрие Сонцето целосно, инстантно настанува темница. Не е реално да се опише, освен како кога палите и гасите сијалица во соба, ама сега собата ви е отворен простор, а околу сијалицата – читај Сонцето, се појавува спектакуларната корона и ако имате среќа како и овој пат неколку протуберанции кои се видливи со голо око. Нереално доживување и емоции ви се случуваат во тој момент, едноставно како да се наоѓате на некоја друга планета, и времето за вас е чудно и неразјасниво. На почетокот кај сите ги има непроценливите извици кога ќе започне тоталитетот. Како како срцето поинтензивно да ви чука си мислите дали да гледам, дали да фотографирам…. ? Доброто во се беше тоа што тоталитетот за Магог траеше 3:27 мин, па имаше време буквално за се и да гледам и да фотографирам со 2 објективи кои ги сменив во текот на тоталитетот.

ms10

Сите сме на број и уживаме во затемнувањето – Фотографија направена од Меѓународната вселенска станица за време на поминување на сенката на Земјата точно над локацијата каде што ние го гледавме затемнувањето

Се појавија Венера и Јупитер, можеа да се видат и некои посјајни ѕвезди, некој извика дека ја видел Меѓународната вселенска станица (ИСС), но не успеав да ја забележам, иако по приложената фотографија поминувала баш над Канада за време на тоталитетот. Хоризонтот веднаш се смени и доби портокалово – жолта боја исто како после зајдисонце. Тоа е така затоа што сенката на Месечината во зависност од затемнувањето е околу 200 км, а хоризонтот што може да го видиме ако сме на рамно е некаде повеќе од 300 км.

ms12

Композиција од затемнувањето. За тие што малку сакаат драма и визуелизација – 2 фази од моментите после тоталитетот, самиот тотелитет и дијамантскиот прстен направени со 300 мм објектив, споени со пејсажот напревен при тоталитетот со широк 24мм објектив.

Тоа значи дека по краевите на хоризонтот што го имате на локацијата затемнувањето поминало, или сеуште не дошло, односно Сонцето свети. Поради тоа и не е целосна темница – најблиску кажано како некои 30-40 мин откако ќе зајде Сонцето. Короната беше спектакуларна. Многу поголема од таа што ја видов на претходното мое тотално затемнување, во Турција во 2006 година. Со голо околу се гледаа и неколку протуберанции. Секако тука беше и незаменливиот феномен на дијамантиски прстен кој настанува во последните „контакти“ на Сонцето и Месечината.

Така, после тие превозбудливи 3 мин. 27 сек. се враќаме во реалноста. Сонцето пополека се појавува. Короната се губи во сончевите зраци, а Месечината вели ЧАО – доста ви беше возбуда, чувајте нешто и за следен пат. Заврши тоталитеот во 3:30 по локално време. Сите со многу емоции си кажуваа наоколу се што виделе: колку било интересно што се запалија светлата на околните објекти како да е ноќ, ги видоа ѕвездите среде ден, ги видоа протуберанциите што за многу беа изненадување, непознавајќи што се има на Сонцето, бојата на хоризонтот итн.

Месечината целосно го напушти Сонцето во 4:30 по локално време. Со тоа ни кажа – крај, се гледаме друг пат.

мс11

Благодарејќи на пријателите од Грузија успеавме малку да го погледнеме Сонцето и низ двоглед и телескоп

За сите што бар малку сакате астрономија, па и долку не сакате, верувајте ова е настан за кој што вреди да се отпатува и илјадници километри за да го видиш и почувствуваш. Нешто што ќе ви остане во паметење цел живот и ќе го прераскажувате на сите ваши пријатели. После 10-тици години каде немало затемнување што поминува низ Европа, или во близина, следните 2 што ќе поминат во близина ќе поминат низ Шпанија. Првото на 12-ти Август 2026 година. Следното покрај низ јужниот дел на Шпанија ќе помине и низ Северна Африка, Египет ќе се случи на 2-ри Август 2027 година. Нешто навистина во близина, но нема да биде тотално, туку прстенесто затемнување кое ќе се гледа од Грција, источниот дел на Бугарија и Турција на 1-ви Јуни 2030 год. Убаво време, лето и убави дестинации за покрај затемнување и некој одмор да си испланирате. Ставете си ги во календар.

Ведро небо и се надевам се гледаме на некое наредно затемнување.

Сподели.