Пронајдена е популација на меѓуѕвездени астероиди кои се кријат помеѓу Јупитер и Нептун

0

Меѓуesвездените посетители Оумуамуа и кометата 21 / Борисов не се единствените туристи во нашиот Сончев систем и очигледно никогаш не ни биле, бидејќи новите истражувања на 19 објекти што гравитираат помеѓу Јупитер и Нептун покажаа дека се популацијата на меѓуѕвездени астероиди кои ни се криеле пред очите неколку милијарди години.

Објектите за кои станува збор се познати како Кентаури – чудни планетарни објекти со дијаметар од околу 200 километри, кои ги пресекуваат орбитите на една или повеќе од гасовитите планети при нивното патување околу Сонцето.

kentauri

Протопланетарен диск од прашина кружи околу една млада ѕвезда. Научниците велат дека 19 меѓуѕвездени објекти биле заробени од блиски системи во раната историја на Сончевиот систем и оттогаш ни се криеле пред очите. Слика: НАСА / ЈПЛ-Калтех / Т. Пиле

Поради нивните нестабилни орбити, долго време астрономите не беа сигурни дали овие предмети се астероиди исфрлени од внатрешниот Сончев систем или комети што патуваат кон Сонцето. Поради непознатото двојно потекло, овие небесни тела биле наречени Кентаури, по суштеството во грчката митологија чиешто тело е пола човек, пола коњ.

Пред неколку години, со помош на Wide-field Infrared Survey Explorer (WISE) на НАСА, астрономите тргнаа да ја утврдат вистинската природа на овие мистериозни предмети и резултатите укажуваа дека потеклото на повеќето кентаури е слично на кометите, сугерирајќи дека тие доаѓаат од студениот надворешен предел на нашиот Сончев систем.

Меѓутоа, иако дефиницијата на објектите конечно се чинеше јасно, сепак постоеше сомнеж дали таа се однесува на сите објекти или дел од нив се нешто сосема друго. Сега, една нова студија која ги разгледува орбитите на некои кентаури, докажа дека најмалку 19 од нив припаѓале на друг ѕвезден систем пред да се приклучат на нашиот.

Предводени од Фати Намуни, истражувач на ЦНРС во Лабораторија Лагранж и Хелена Мораис, истражувач на УНЕСП во Бразил, дуото објаснува дека објектите во нашиот Сончев систем го орбитираат Сонцето сега во истата рамнина како и кога биле формирани во протопланетарниот диск пред 4,6 милијарди години.

Откако извршиле компјутерски симулации на траекториите на овие 19 кентаури, со цел да погледнат назад во времето за да ги дознаат нивните претходни позиции, Намуни и Мораис откриле дека овие објекти, во времето на формирањето на Сончевиот систем, орбитирале околу Сонцето нормално на планетарниот диск.

Не само тоа, туку биле лоцирани далеку од дискот во кој се создадени  астероидите во нашиот Сончев систем. Заедно овие карактеристики може да се објаснат само ако овие објекти го започнале животот на друго место.

Но, за разлика од неодамна идентификуваните меѓуѕвездени посетители – Омуамуа, и кометата 21 /Борисов, кои штотуку минуваат низ нашиот Сончев систем без да застанат, се смета дека овие патници биле присутни кога Земјата и остатокот од планетите штотуку почнале да се формираат.

„Откривањето на цела популација на астероиди со меѓуѕвездено потекло е важен чекор во разбирањето на физичките и хемиските сличности и разлики помеѓу астероидите од Сончевиот систем и меѓуѕвездените астероиди“, велат Мораис.

Овие кентаури, велат Намуни и Мораис, веројатно потекнувале од блиско ѕвездено јато каде секое сонце имало свои планети и астероиди.

„Близината меѓу ѕвездите значи дека гравитационите влијанија биле многу посилно во тие рани денови отколку во денешните “, објасни Намуни, главен автор на студијата. „Ова овозможило астероиди да преминат од еден во друг ѕвезден систем “.

Оваа нова откриена популација ќе им даде на научниците индиции за тоа како астероидите преминуваат меѓу ѕвездени системи, како и улогата што меѓуѕвездената материја ја имала во хемиското збогатување на Сончевиот систем и обликувањето на неговата еволуција, додаде Мораис.

Дуото сега планира да ја продолжи со работа со потрага по специфични настани на „фаќање“ на меѓуѕвездени астероиди во Сончевиот систем.

Превод: Бојана Стефаноска

Извор: room.eu.com

Сподели.