Дали животот на Земјата би можел да се има појавено предвреме?

0

Ново истражување предлага дека денешниот живот се има појавено порано. Во временската рамка на универзумот, нашиот сончев систем не бил присутен долго: универзумот има 13,8 милијарди години, а Земјата има само 4,5 милијарди години. Се мисли дека би можело живот во универзумот кој се развил милијарди години пред нас, но ново истражување предвидува дека животот на Земјата е преран.

zivot

Уметнички приказ на црвено џуџе околу кое орбитираат потенцијално населливи планети. Заслуги: Кристин Пулиам (CfA)

Во ново истражување кое ќе се објави во Списание за космологија и физика на астрочестички Ави Лоеб, главниот автор на истражувањето при Харвард-Смитсонијан центарот за астрофизика, и неговиот тим најдоа дека животот тука има еволуирано порано од што би требало.

„Ако прашате, ‘Кога би било најверојатно да се појави живот?’ би можеле наивно да речете ‘Сега,’“ изјави Ави Лоеб во соопштение за медиумите. „Но ние видовме дека можноста за живот расте многу повеќе во далечната иднина.“

30 милиони години по Големата експлозија, првите ѕвезди се појавуваат и го исполнуваат универзумот со основни елементи, како јаглерод и кислород. Обратно од тоа, за 10 билиони (10.000.000.000.000) години последните ѕвезди полека ќе избледат и ќе се изгаснат. Лоеб и неговиот тим ја истражија можноста за почеток на живот меѓу овие две граници.

Животниот век на ѕвездите се покажа како главниот фактор. Бидејќи поголемите ѕвезди имаат пократок животен век, ѕвездите кои се три пати помасивни од Сонцето ќе згаснат пред да постои каква било можност за живот.

Ѕвездите кои имаат маса 10 или повеќе пати помала од таа на Сонцето ќе продолжат да светат уште 10 трилиони години, давајќи повеќе од доволно време за на нивните планети да се појави живот. Веројатноста за живот расте со тек на време, така што можноста за живот во иднината е 1000 пати поголема од сега.

„Па би можеле да прашате зошто не живееме во иднината, до ѕвезда со ниска маса?“ вели Лоеб. „Една од можностите е дека сме прерани. Друга можност е дека околината на ѕвезда со ниска маса е опасна за живот.“

Иако ѕвездите со ниска маса ќе живеат долг живот, истите имаат и уникатни ризици. Кога се млади, ѕвездите емитуваат многу силни и потенцијално опасни блесоци и ултравиолетово зрачење кои би можеле да ја отстранат атмосферата од кој било потенцијално населлив свет.

Следниот чекор кон откривање која теорија е точна е да се проучат блиски црвени џуџиња и планетите кои орбитираат околу нив за да се најде потенцијал за населување. Идни вселенски мисии како Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (James Webb Space Telescope – JWST) и Транзитирачкиот сателит за проучување на надворешни планети (Transiting Exoplanet Survey Satellite – TESS) би требало да дадат насоки кон одговарање на овие прашања.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: astronomy.com

Сподели.