Земјата е поблиску од што мислевме до супермасивната црна дупка на нашата галаксија

0

Изгледа како Земјата да е поставена на погрешно место.

Според новата мапа на галаксијата Млечен Пат, позицијата на Сончевиот Систем не е таму каде што мислевме дека е. Не само што е поблизу до галактичкото јадро и до астрономскиот извор на радио бранови Стрелец А* (Sagittarius A-Star или скратено Sgr A*), туку се движи и побргу.

вера 2

Галактичкиот центар во радиобранов електромагнетен спектар. Заслуги: South African Radio Astronomy Observatory

Сепак, нема причина за загриженост. Не се движиме поблизу до Sgr A* и не сме во опасност од вшмукување. Туку, мапата на Млечниот Пат е реорганизирана и со поголема прецизност идентификувавме каде сме се наоѓале цело време.

Ова истражување покажува колку е тешко да се мапира галаксија во три димензии кога вие се наоѓате внатре во неа.

Се работи за проблем кој не попречуваше во разбирањето на вселенските феномени. Релативно лесно е мапирањето на дводимензионални координати на ѕвезди и други космички објекти, но пресметките за растојанието до овие објекти се многу потешки.

Растојанијата се многу важни. Тие ни помагаат да ја одредиме апсолутната осветленост на објектите. Еден неодамнешен пример за ова е ѕвездата-црвен џин Бетелгејз, за која се испостави дека е поблизу до Земјата во споредба со претходните мерења. Ова значи дека ѕвездата не е ниту толку светла, ниту толку голема колку што мислевме.

Уште еден ваков пример е ѕвездата CK Vul, која експлодираше пред 350 години. Таа се наоѓа многу подалеку, што значи дека експлозијата била посветла и со повеќе енергија. Токму затоа е потребно ново објаснување бидејќи претходните анализи се базираа врз претпоставката дека се работи за експлозија со мала енергија.

Сепак, можеме да кажеме дека се подобруваме во астрометријата која се занимава со пресметките на растојанијата. Ова подобрување се должи на истражувањата кои ја користат најнапредната достапна технологија и кои ги користат најдобрите техники, сѐ со цел да го подобрат тродимензионалното мапирање на Млечниот Пат. Едно вакво истражување е истражувањето на радио бранови VERA спроведено од Јапонската колаборација VERA.

VERA – VLBI (Very Long Baseline Interferometry) Exploration of Radio Astrometry – користи бројни радио телескопи на Јапонските острови чии комбинирани податоци ја даваат истата резолуција како и еден телескоп со дијаметар од 2 300 километри. Се работи за истиот принцип како и Телескопот Хоризонт на Настани кој ја сликаше првата слика од сенката на една црна дупка.

VERA почна со набљудување во 2000-та година и е дизајнирана да помогне во пресметките за растојанијата до ѕвезди кои зрачат во радиобрановиот електромагнетен спектар преку пресметувањето на нивната паралакса. Со својата одлична резолуција, VERA ги набљудува ѕвездите повеќе од една година. Како што Земјата се движи околу Сонцето, VERA гледа како нивната позиција се менува во однос на ѕвездите кои се подалеку.

Оваа промена во позицијата може да се користи за да се пресмета колку е далеку ѕвездата од Земјата. Но не сите паралаксни набљудувања се исти. VLBI може да создаде слики со многу поголема резолуција. VERA има аголна резолуција со прецизност до 10 милионити дел од аглова секунда, што треба да резултира со извонредно висока прецизност кај астрометриските мерења.

Токму ова е тоа што астрономите го користеа за да ја прецизираат позицијата на Сончевиот Систем во Млечниот Пат. Засновајќи се на првиот Астрометарски Каталог на VERA од 99 објекти издаден оваа година пропратен и со некои дополнителни набљудувања, астрономите ги мапираа позицијата и брзината на движење на овие објекти.

Од оваа мапа тие ја пресметаа и позицијата на галактичкиот центар.

Во 1985-та година. Интернационалната Астрономска Унија дефинираше растојание од 27 700 светлосни години до галактичкиот центар. Минатата година колаборацијата GRAVITY изврши нови пресметки и одреди дека истото растојание изнесува само 26 673 светлосни години.

вера 3

Заслуги: National Astronomical Observatory of Japan

Сега, мерењата на VERA покажуваат дека ова растојание изнесува само 25 800 светлосни години. Дополнително, се покажува и дека брзината на орбитирање на Сончевиот Систем околу галактичкото јадро е поголема и изнесува 227 километри во секунда, а не 220 километри во секунда како што мислевме претходно.

Оваа промена можеби не изгледа значајна, но може да има големо влијание врз начинот на кој ја мериме и интерпретираме активноста во галактичкото јадро, а со тоа и да добиеме попрецизна слика за сложените интеракции околу Sgr A*.

Во меѓувреме, колаборацијата VERA напредува. Не само што продолжува да набљудува објекти во Млечниот Пат, туку се вклучува и во поголеми проекти како Источно Азиската VLBI Мрежа. Астрономите веруваат дека телескопите вклучени во овој проект можат да обезбедат мерења со невидена прецизност.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.