Војаџер 1 детектираше „Шум“предизвикан од плазма бранови во меѓуѕвездениот простор

0

Војаџер 1, се одалечува од Земјата веќе 43 години, т.е од неговото лансирање во 1977 година, што значи дека тој е навистина далеку .

војаџер 1

Илустрација на Војаџер 1 како го напушта Сончевиот Систем . Заслуги: Mark Garlick/Science Photo Library/Getty Images

Неговата оддалеченост од Сонцето е 150 пати поголема од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето, и потребни се повеќе од 21 час за радиопреносите, кои патуваат со брзина на светлината, да пристигнат на Земјата. Во 2012 година тој официјално ја помина хелиопаузата – границата на која притисокот од сончевиот ветер повеќе не е доволен истиот да биде туркан во меѓуѕвездениот простор.

Војаџер 1 го напушти Сончевиот систем – и тој откри дека Вселената не е всушност толку празна.

Во најновата анализа на податоците од сондата, која е оддалечена скоро 23 милијарди километри , астрономите открија дека сондата од 2017 година па наваму детектирала постојан шум од плазма бранови во меѓуѕвездениот простор.

„Сигналот е многу слаб и монотон, бидејќи тој приапаѓа во опсег на многу тесна фреквенција“, изјави астрономот Стела Кох Окер од универзитетот Корнел. „Откривме слабо, упорно зуење на меѓуѕвездениот гас.

Очигледно знаеме дека меѓуѕввездениот простор не е потполно празен, но бидејќи ѕвездите се толку светли, потемниот материјал што се наоѓа меѓу нив е навистина тешко да се забележи и измери. Обично, мора да се потпреме на начинот на кој светлината се прекршува и менува кога патува низ меѓуѕвездениот материјал за да одредиме дека постои и да ја измериме незјината количина.

Сондите Војаџер се првите вештачко направени предмети што влегле во меѓуѕвездениот простор и затоа претставуваат единствена можност за директно испитување на меѓувездениот медиум.

Дури и толку далеку од Сонцето- подалеку од дофатот на сончевиот ветер, тоа не е баш лесно. Сонцето е сè уште светол и бучен ѕвер, и испушта соларни ерупции што можат да ги нарушат мерењата.

„Меѓуѕвездениот медиум е како тивок или нежен дожд“, рече астрономот Џејмс Кордес од Универзитетот Корнел. „Во случај на сончев излив, тоа е исто како да откриете молња, а потоа да следува нежен дожд“.

Според тимот, тој нежен дожд сугерира дека може да има повеќе активности од слаба природа во меѓуѕвездениот медиум отколку што мислеле научниците. Од што е предизвикана таа активност не е целосно јасно; тоа би можело да бидат термички возбудени осцилации во плазмата, или квази-термален шум генериран од движењата на електроните во плазмата, произведувајќи локално електрично поле.

Што и да го предизвикува, откритието има неколку последици. Зуењето може да се искористи за мапирање на густината на плазмата бидејќи и двете сонди Војаџер, се движат се подлабоко во меѓуѕвездениот простор (Војаџер 2 ја премина хелиопаузата во 2018 година).

Може да се искористи и за подобро да ја разбереме интеракцијата помеѓу меѓyвездениот медиум и сончевиот ветер. Знаеме дека густината на електрони од другата страна на хелиопаузата е поголема – и двете сонди на Војаџер го детектираа ова кога минуваа низ неа. Попрецизно познавање на густината на меѓуѕвездениот медиум може да ни помогне да откриеме зошто е тоа така.

Откривањето на емисијата и нејзината постојаност, укажуваат на тоа дека Војаџер ќе продолжи да ја детектира, обезбедувајќи ни тековни отчитувања што ќе ни помогнат да ги разбереме турбуленциите и структурата на големите меѓувездени средини.

“Никогаш не сме имале шанса да го измериме ова. Сега знаеме дека не ни треба помош од Сонцето за да ја измериме меѓуѕвездената плазма”, рече астрономот Шами Чатерџи од Универзитетот Корнел.

“Без оглед на активноста на Сонцето, Војаџер испраќа детали. Војаџер ни вели:” Еве ја густината низ која поминувам сега. И еве ја сега. И еве ја сега. И еве ја сега. ‘Војаџер е прилично оддалечен но сепак ќе го прави ова уште доста време “.

Сепак, ова нема да трае засекогаш. Термоелектричниот генератор кој ги напојува инструментите на сондата, произведува помалку енергија секоја година. До околу 2025 година, тој можеби веќе нема да може да ги одржува инструментите во функција.

Затоа толку важно да собереме што повеќе податоци, додека сеуште постои можност.

Истражувањето е објавено во Nature Astronomy.

Превод: Христијан Петрески

Извор: sciencealert.com

Сподели.