Водата која се наоѓа денеска на Земјата била присутна во Сончевиот систем пред создавањето на Земјата

0

Не знаеме како се појавил животот на Земјата, но едно е сигурно: животот каков што го знаеме на нашата планета не би постоел без водата што на површината на земјата.

Заслуги: NASA/Reid Wiseman

Нашата планета е единствената за која се знае дека има живот и единствената на која може да се најде течна вода во изобилство (месечините се друга приказна). Постојат битни прашања за тоа од каде потекнува и како настанала, но ново истражување сугерира дека водата бил тука во Сончевиот систем уште пред да се формира Земјата.

Според тимот предводен од геохемичарот Жером Алеон од Францускиот национален природонаучен музеј, изотопите на водата пронајдени во метеорит кој потекнува од времето на раѓањето на Сончевиот систем, се совпаѓаат со изотопите на водата пронајдени на Земјата.

„Почетниот состав на водата во Сончевиот систем е од огромно значење за разбирањето на потеклото на водата на планетите, но тој останува непознат, и покрај бројните студии“, пишуваат истражувачите во нивниот труд.

„Овде го користиме изотопскиот состав на водородот кај метеорити, најстарите карпи на Сончевиот систем, за да го утврдиме водородниот изотопски состав на водата на почетокот на формирањето на Сончевиот систем“.

Одредени типови на метеорити може да навратат до периодот на раѓањето на Сончевиот систем. Ѕвездата се раѓа од облак од гас и прашина што потпаѓа под дејството на сопствената гравитација, познат како колапс на протоѕвездената обвивка.

Во меѓувреме, материјалот кој се наоѓа во облакот околу него се претвора во диск кој подоцна е проголтан од растечката, ротирачка ѕвезда. Откако ќе заврши со растегнувањето, она што останало од тој облак формира сè друго во системот на таа ѕвезда – планети, астероиди, комети и така натаму.

Многу од овие објекти се дури и постари од Земјата; Радиометриското датирање сугерира дека Земјата е формирана пред 4,54 милијарди години. За среќа, некои од овие карпи паѓаат на земјата.

Целиот процес на навлегувањето во атмосферата обично ги загрева и ги стиска тие објекти во облици кои ги бришат трагите кои би ни го откриле неговото потекло. Поради ова анализата на нејзината содржина беше тешка.

Сепак, има примероци од карпи кои стигнуваат до површината на Земјата во доволно добра состојба за нивно проучување.

Метеоритот Ефремовка, пронајден во Казахстан во 1962 година, датира од пред 4,57 милијарди години. Токму овој метеорит како и неговите древни составни делови богати со калциум и алуминиум беа анализираа од Алеон и неговите колеги, користејќи нова техника развиена токму за оваа намена.

За да ја измерат содржината на вода во метеоритот, тие користеа техника која вклучува фотографирање со јонски зрак за да ги идентификуваат и испитаат сите минерали во примерокот, споредувајќи ги резултатите со осум примерока од земјата со голема содржина на вода. Потоа, тие го испитувале односот на изотопите на водородот во метеоритот.

Овие соодноси, фасцинантно, може да се користат за да се идентификува потписот на водата. Изотопите се варијанти на елемент со различен број на неутрони; деутериум – исто така познат како тежок водород – има еден протон и еден неутрон. Протиумот, или лесен водород, има еден протон и нема неутрони.

Бидејќи водородот е една од компонентите на водата, односот на овие два изотопи во карпите може да ни каже за тоа на каков вид на вода била изложена карпата. На пример, протиумот е доминантен водороден изотоп овде на Земјата. На Марс, деутериумот е доминантен изотоп, кој ни кажува дека нешто можеби го отстранува полесниот протиум.

Минералите и нивните односи во метеоритот Ефремовка открија дека во првите 200.000 години од историјата на нашиот Сончев систем, пред да се формираат првичните објекти од кои подоцна ќе настанат планетите, постоеле два големи резервоари за гас. Еден од овие резервоари го содржел сончевиот гас од кој кондензирала материјата во Сончевиот систем.

Другиот, според тимот, бил богат со вода. Оваа вода веројатно потекнува од огромен прилив на меѓуѕвезден материјал кој паднал кон внатрешноста на Сончевиот систем за време на колапсот на протоѕвездената обвивка.

И, фасцинантно, таа вода е многу слична на водата на Земјата по нејзиниот изотопски состав. Ова сугерира дека водата била присутна во раниот Сончев Систем уште од самиот почеток – пред Земјата да биде зачната.

„Сеприсутниот водороден изотопски состав забележан кај големите, рано формирани планети бил постигнат во првите неколку 100.000 години од Сончевиот систем поради масовниот прилив на меѓуѕвездена материја што паѓала директно во внатрешниот Сончев систем, наместо да се произведува во протопланетарен диск поеволуиран од нашиот“, пишуваат истражувачите.

Истражувањето е објавено во Nature Astronomy.

Превод: Христијан Петрески

Извор: sciencealert.com

Сподели.