Супернова во галаксијата M61 во соѕвездието Девица

0

Појавата на џиновка експлозија на ѕвезда – супернова е редок и спектакуларен астрономски настан. Типично се случува кога масивна ѕвезда која се наоѓа на крајот од својата еволуција ги исцрпува последните извори на нуклеарна фузија неопходни за одржување на хидростатскиот притисок. Наглиот гравитациски колапс на јадрото на ѕвездата е придружен со експлозивно ослободување на енормно количество енергија во текот на многу кус временски период.

Постојат ретки историски записи од Средниот век за нагла појава на мошне сјајна ѕвезда која ги засенувала сите други на ноќното небо и која имала толку интензивен сјај што дури предизвикала сенки. После неколку седмици, истата почнала постепено да го губи сјајот, а по неколку месеци, целосно исчезнала од небото. Во современиот свет, благодарејќи на развојот на телескопите и на астрономските техники, суперновите во оддалечените галаксии се регистрираат многу почесто и тоа како од страна на професионалните опсерватории, така и од астрономите-аматери.

Последниве неколку дена, во астрономската зедница е актуелна најновата супернова забележана во галаксијата позната како Месјиеов објект 61 (M61). Оваа спирална галаксија со слабо изразена централна пречка се наоѓа во соѕвездието Девица и влегува во состав на истоименото галактичко јато. Се наоѓа на оддалеченост од околу 52 милиони светлосни години од Земјата, а се претпоставува дека во во нејзиниот центар се наоѓа супермасивна црна дупка. За разлика од повеќето други галаксии, М61 има невообичаено висока застапеност на неутрален (нејонизиран) водород (H I).

Интересно е што во галаксијата M61 во последниве 100 години се регистрирани дури 8 супернови со што истата е рекодер во бројот на овие колосални појави во поново време. Последната е забележана на 6 мај 2020 година, од страна на постројката за регистрирање на вакви краткотрајни астрономски настани (Zwicky Transient Facility) во склопот на опсерваторијата Паломар во калифорнија, САД и е означена како супернова 2020jfo. Со тоа, галаксијата M61 повторно страна омилен објект за проучување и снимање (слика во прилог).

m61

Астрофотографија на галаксијата M61 со означена позиција на суперновата 2020jfo.Снимката е добиена со телескоп-рефрактор и со астрономска камера со ладење, а е создадена со обработка на само неколку краткотрајни експозици со видливиот дел од спектарот на светлината.Снимка и обработка: Сашо Панов, 9 мај 2020 г.

Според астрофизичкиот механизам со кој настанала, оваа супернова е класифицирана како тип II. Според анализата на добиените снимки, особено во однос на емисионите спектрални линии, како и со пресметките на масата и на други астрономски параметри, набргу ќе може да се предвиди дали од оваа супернова ќе се создаде неутронска ѕвезда или црна дупка.

Во секој случај, податоците кои се добиваат од астрономските фотографии на суперновите се извонредно важни за астрофизиката, но и се извонредна мотивација за аматерите-астрономи, особено за тие кои се занимаваат со астрофотографија.

Сашо Панов

Сподели.