Астрономите мислат дека решението на загатката лежи во ракетно клатење

0

Оумуамуа „забрза“ во внатрешниот Сончев систем – oва можеби е причината

При неговата кратка посета, меѓуѕвездениот гостин Оумуамуа покрена многу мистерии додека брзаше низ Сончевиот систем. Промените во неговата светлост покажуваа дека тоа е тркалачко тело во облик на пура, но не погледнавме доволно блиску за да ги дознаеме неговиот вистински облик. Не знаеме од што точно беше составено. Не знаеме од каде дојде, иако претпоставката е дека било исфрлено од друг ѕвезден систем од некоја џиновска планета.

Сепак, тоа што Оумуамуа изгледа зема залет на патот надвор од Сончевиот систем е една од најголемите загатки. Телото помина малку побрзо од брзината предвидена ако единственото влијание на неговото движење е влијание на Сончевата гравитација. При откривање на оваа аномалија, најдобрата претпоставка од Марко Мичели (SSA-NEO центар за координација при ЕСА и INAF астрономската опсерваторија во Рим), Карен Мич (Институт за астрономија, Универзитет на Хаваи), и нивните колеги е дека телото било забрзувано од мраз, кој се стопил од површината на Оумуамуа заради блескотот на Сонцето. Но, вакво испарување не е откриено од ниедно набљудување.

Известувајќи за претстојно издание на Astrophysical Journal Letters, постдипломецот Дерил Селигман и неговиот советник Грег Лофлин (Јејл) и Константин Батигин (Калтек) мислат дека нашле решение кое не е вонземски вселенски брод. Тимот повторно ги прегледа сите набљудувања направени при молскавичната посета на Оумуамуа и заклучи дека виновникот сепак можеби и е испарување.

Истражувачите испитаа што може да се случи ако сончевата светлина би создала погонски млаз од водена пареа во точката во која Оумуамуа е свртен директно кон Сонцето. При тркалањето на телото, оваа точка ја менува својата местоположба, и создадениот млаз би се движел по површината, како во Селигмановото видео подолу. (Патувачката темносина стрелка – не двојната посветла сина стрелка по една оска – го означува млазот.)

Малиот погон од овој движечки млаз би го клател астероидот напред-назад, како нишало. Според истражувачите, ова клатење би ги објаснило забрзувањето и периодичниот шаблон во светлост на Оумуамуа. Исто така, со ова може да се процени и големината на најголемата димензија на телото – околу 260 метри – што е во согласност со проценки за светлоста на објектот, под претпоставка дека бил покриен со мраз долготрајно изложен на меѓуѕвездени услови.

„Мислам дека ова е доста фино истражување кое се обидува да употреби неколку интересни податочни збирови на интересен начин,“ вели Мич, која ја водеше главната мисија за набљудување на Оумуамуа. „Мислам дека имаат сторено добра работа.“

Но Роман Рафиков (Кембриџ) е поскептичен. Ниеден од графовите на светлосните промени на објектот не ја претставува вистинската стапка на промена (светлосната крива), особено шилестиот минимум кој би го создал издолжен вртечки објект. „Обидете се да вртите цигара по пократката оска, и ќе видите дека моментите во кои тој мал дел е изложен поминуваат брзо,“ објаснува тој.

Дополнително, испарувањето би требало да го смени вртежот на Оумуамуа. Астрономите видоа дека забрзувањето на телото се намали четирикратно од крајот на октомври до крајот на ноември 2017 додека објектот патуваше подалеку од Сонцето. Ако оваа промена се должела на тоа што објектот примал помалку сончева светлина, и со тоа испарувал помалку мраз, тогаш времетраењето на тркалањето на Оумуамуа би требало да се удвои, што не се случи.

Лофлин се согласува дека времетраењето требало да се удвои со намалувањето на сончевата светлина и испарувањето. „Сепак, прецизните податоци за ова времетраење се само од четирите ноќи меѓу 24 и 28 октомври,“ забележува тој. Набљудувања од еден месец подоцна покажуваат дека времетраењето навистина се променило, но не е сигурно колку.

Тој додава дека тимот не се обидел прецизно да го прилагоди нивниот модел со вистинската светлосна крива бидејќи го поедноставиле обликот на астероидот да биде налик на совалка, а потоа само ги подесувале пропорциите. Оумуамуа веројатно е понеправилен.

Никогаш нема со сигурност да знаеме што се случило: Оумуамуа е сега подалеку од орбитата на Сатурн, и нема да се врати. Единствено можеме да се подготвиме за следниот меѓуѕвезден посетител.

Превод: Јоаким Јаковлески

skyandtelescope.com

 

Сподели.