Планетата 9 веројатно не постои, сугерира нова студија

0

Дали Сончевиот систем има голема, мрачна деветта планета што лебди некаде далеку позади орбитата на Нептун?

Од 2016 година, многу астрономи изјавија дека тоа е можно, посочувајќи докази за голем извор на гравитација во далечниот соларен систем. Но, еден нов труд тврди дека овој извор на гравитација не е ништо друго освен статистичка фатаморгана, последица од тоа каде на ноќното небо астрономите ги насочуваат своите телескопи. Првото предвестување на оваа хипотетичка „планета девет“ беше група на вселенски карпи со слични орбити што се чинеше дека се групирани невообичаено близу една до друга. Овие мрачни, далечни, тешко забележливи објекти орбитираат позади Нептун и се познати како „транс-нептунски објекти“ (ТНО).

pl 9

Заслуги: NASA

Бидејќи овие студени мали светови кои се наоѓаат во крајниот надворешен Сончев систем, рефлектираат толку малку сончева светлина,тие се вклопуваат во посветлата позадина со ѕвезди и галаксии кои го окупираат вниманието на повеќето астрономи, а само мал број се идентификувани и каталогизирани. (Најпозната од нив е деградираната џуџеста планета Плутон, која орбитира релативно близу до Сонцето во споредба со многу нејзини братучеди- ТНО.)

Но, во 2016 година, астрономите Константин Батигин и Мајк Браун од Калифорнискиот институт за технологија забележаа дека шест  ТНО, вклучувајќи ја и џуџестата планета Седна, имаат долги елиптични и „ексцентрични“ орбити кои се ориентирани во иста насока. Ексцентричен тука значи дека нивнот апхел, или најоддалечената точка од нивните орбити, е многу подалеку од Сонцето отколку нивниот перихел или најблиската точка до Сонцето. И сите шест имаат апхел приближно на иста страна од Сончевиот систем. Во еден труд од 2016 година објавен во „Астрономскиот журнал“, Батигин и Браун напишаа дека планета со маса околу 10 пати поголема од Земјата, која што е многу подалеку од Плутон и орбитира по елипсовидна патека околу Сонцето, може да го објасни видното групирање. Со текот на времето, тие тврдат, неговата голема гравитација ќе ги повлече овие шест  ТНО во нивните групирани орбити.

Но, во овој нов труд, објавен на 12 февруари во базата на податоци arXiv, сè уште неразгледан од рецензиран персонал, многу истражувачи сугерираа дека ТНО не се особено групирани – тие само изгледаат на тој начин заради тоа што Земјаните ги насочуваат своите телескопи . Истражувачите зедоа примерок од 14 познати „екстремни“ (објекти кои многу далеку орбитираат, кои припаѓаат на семејството на објекти што имаат најголемо влијание врз истражувањето на Планетата девет) ТНО и претпоставија дека тие се дел од поголема претежно ненабљудувана фамилија на предмети, што скоро сигурно се. Потоа, тие анализирале колку време телескопите поминале набљудувувајќи различни делови на небото. Откриле дека астрономите би можеле да ја детектираат оваа конкретна колекција на објкети ако сите ТНО кои се наоѓаат на најоддалечените раб на Сончевиот систем навистина имаат прилично рамномерна распределба- од 17% до 94%  рамномерна. (100% рамонемрна  дистрибуција би значело дека ТНО орбитите се рамномерно распоредени околу Сонцето.) Со други зборови, екстремните ТНО (ЕТНО) може да изгледаат групирани, но тоа е само затоа што телескопите, во просек, го концентрирале своето внимание на тој дел од просторот. Ваквата рамномерна дистрибуција не одговара на хипотезата на планетата девет.

Оваа статистичка анализа е слична на видот на истражувањата кои анкетарите ги прават цело време. Ако истражувањето спроведено на неколку стотици Американци открило дека „country“ музиката е фаворизиран жанр кај 55% од луѓето, но тогаш со подетално разгледување на податоците се открие дека 40% од испитаниците се од Нешвил, анкетарот може да ги прилагоди податоците за фактот дека примерокот бил толку сконцентриран кон една област на земјата. Со тоа, анкетарот ќе открие дека  многу обожуваната „country“ музика всушност не е толку обожувана.

Дејв Толен, астроном од универзитетот во Хаваи, кој трага по ТНО со помош на телескопот Субару на врвот Мауна Кеа на Хаваи,(кој не беше вклучен во студијата), рече дека сè уште има премалку податоци за некој да донесе цврсти заклучоци за планетата девет.

„Имаме класична ситуација што би можела да ја опишам како„ статистика на мал број “. Едно откритие не може да се усогласи со ништо. Две подредени орбити лесно може да бидат коинциденција. Три подредени орбити може да го покренат прашањето, но сигурно не е доволно за било какви заклучоци“, изјавил Толен за Live Science во е-пошта. „Колку усогласени орбити ви се потребни пред шансите на случајноста да се спушти на убедливо мал број? И што претставува„ усогласување “? Дали треба да бидат во рамките на 10 [степени] едни од други? 30 [степени]? 90 [степени]? Моето мислење е дека сè уште сме во ‘сугестивна’ фаза “.

Групирањето на ТНО сугерира дека можеби постои планета што ги влече, што ја прави хипотезата вредна за истражување. Но, досегашното групирање не е силен доказ. Од друга страна, новата студија не може да ја исклучи ниту Планетата девет, рече Толен.

Напорите кои сега се во тек драматично ќе го прошират каталогот на познати ТНО и ќе обезбедат поцврста основа за какви било тврдења на оваа тема, рече Толен.

„Напредокот доаѓа полека“, рече тој. „Секој труд кој користи симулации секогаш ќе биде застарен сè додека ние го продолжуваме нашето набудување, бидејќи тие нема да ги вклучуваат нашите најнови податоци за ноќното небо.

Неговиот тим, рече Толен, работи на униформно набудување на небото „конкретно за да се избегне некаква… пристрасност“ во главниот аргументот на новиот труд.

Скот Шепард, астроном кој проучува ТНО во институтот за наука Карнеги во Вашингтон, беше еден од првите истражувачи кој предложил голема планета да постои во далечниот надворешен Сончев систем, во голема мера се согласува со претпоставката на Толен.

„Едноставно, немаме доволно далечни веродостојни ЕТНО за да имаме добар статистички аргумент за или против групирањето“, рече тој за „ Live Science “.

Новиот труд не разгледува одредени добро проучени објекти, како што е Седна, ова ги прави резултатите помалку убедливи, истакна Шепард. И, некои од објектите што ги проучувал новиот труд веројатно се под влијание на гравитацијата на Нептун, што ги прави неверодостојни кандидати за проучување на Планетата Девет, додаде тој.

„Би рекол дека треба трократно да ја зголемиме сегашната големина на примероци од екстремно оддалечените ЕТНО за да имаме сигурни податоци  за аглите на орбитите на овие објекти“, рече Шепард. “Ако немате доволно примероци, дури и ако објектите се очигледно  групирани, статистиката сепак ќе биде во согласност со рамномерната дистрибуција едноставно затоа што примерокот е премал.”

Кевин Напиер, астроном од универзитетот во Мичиген и главен автор на новиот труд, за магазинот „Science“ изјави дека донекаде се согласува со загриженоста за големината на примерокот на неговиот труд. Напиер за „Science“ изјави дека статистичката моќ на нивните методи е инхерентно слаба со само 14 вклучени предмети и дека кога чувствителната опсерваторија Вера Ц. Рубин во Чиле ќе проработи во 2023 година, треба да открие стотици нови ТНО што можат да фрлат малку светлина на прашањето за Планетата Девет.

Превод: Христијан Петрески

Извор:  livescience.com

Сподели.