Првата јасна фотографија од акрециски диск околу млада ѕвезда

0
Првата јасна фотографија од акрециски диск околу млада ѕвезда

Илустрација на акрециски диск со кој се храни млада ѕвезда во центарот, или протоѕвезда, и гасовит млаз исфрлен од протоѕвездата. Заслуга: Yin-Chih Tsai/ASIAA

Тим од научници од САД и Тајван ја направ првата јасна слика на млада ѕвезда опколена со акрециски диск. Во нивниот труд, тимот опишува како била направена фотографијата и објавуваат детали за она што го пронашле.

Астрофизичарите теоретизирале за формирањето на акрециски дискови околу млади ѕвезди кои имале улога на храна, помагајќи и на младата ѕвезда да порасне. Но, досега не била направена јасна слика на акрециски диск, бидејќи не постоела технологијата која ќе го овозможи тоа. Сега, благодарение на напорната работа на тимот и радио телескопот ALMA во Чиле, ова се промени.

ALMA беше приклучен пред четири години, и со неговата цена од 1,4 милијарди долари, го држи рекордот за најскап радио телескоп некогаш изграден. Но, тој исто така нуди и дотогаш невидена резолуција, правејќи слики со остри детали од објекти кои изгледале како матни дамки на претходни слики. Таквата резолуција им овозможи на истражувачите да набљудуваат млада ѕвезда именувана IRAS 05413-0104 (дел од HH212 системот, за кој се смета дека е само 40.000 години стар), која што има акрециски диск околу себе. Се смета дека таквите дискови се направени од материја како силикати, железо и друга меѓуѕвездена материја, и обезбедуваат стабилен извор на храна за ѕвездата. И, бидејќи дисковите имаат три слоја со посветли надворешни слоеви, истражувачите опишуваат дека изгледаат како хамбургер.

Првата јасна фотографија од акрециски диск околу млада ѕвезда

Млаз и диск во протоѕвездениот систем HH212: (а) Композитна слика од млазот, направена со комбинирање на фотографии од различни телескопи. Портокаловата слика околу центарот го прикажува акрецискиот диск во резолуција од 200 а.е. (б) Центарот на дискот од прашина од блиску, во резолуција од а.е. Ѕвездичките означуваат можни позиции на централната протоѕвезда. Темна лента е видлива на екваторот. Нашиот Сончев Систем е прикажан во долниот десен агол за споредба на големината. (в) Модел на акрециски диск што може да ја репродуцира емисијата на набљудуваната прашина во дискот. Заслуги: ALMA (ESO/NAOJ/NRAO)/Lee et al.

Направената фотографија побива една критика на предвидувањето на акрециски диск околу млади ѕвезди, која гласеше дека магнетното поле од јадрото на ѕвездата би било толку силно што би го спречило акрецискиот диск да се врти, така што не би постоела можност да се собира материја. Како што покажува сликата, ова не е точно. Исто така, на сликата може да се видат гасовити млазови исфрлени од ѕвездата, за кои се чини дека го продупчуваат хамбургерот во неговиот центар.

Првата јасна фотографија од акрециски диск околу млада ѕвезда

а) Модел на акрециски диск со температурата на површината на дискот. (б) Емисиона мапа на прашината добиена од моделот на диск. Оваа модел мапа е речиси иста како набљудуваната мапа на дискот. Заслуга: Lee et al.

Се верува дека повеќе информации за создавањето на ѕвездите би придонеле за разбирање на историјата на нашето Сонце како и на планетите, што можеби нуди подобар начин на филтрирање на ѕвездените системи во потрагата по знаци на живот надвор од нашата планета.

На овој линк погледнете го видеото на кое се објаснува како акрецискиот диск – хамбургерот од прашина ја храни младата централна ѕвезда, или протоѕвезда, за време на почетокот на овој екстрасоларен систем.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.