Познатата маглина Тарантула низ призмата на вселенскиот телескоп Џејмс Веб

0

Процесот на формирање на ѕвезди сè уште не е целосно јасен за астрономите, а најголемата причина за тоа се густите облаци во родилиштата на ѕвезди, кои пречат во создавањето на јасни телескопски слики. Вселенскиот телескоп Џејмс Веб е многу понапреден од неговите претходници и штотуку ѕирна низ еден регион на такви густи облаци во маглината Тарантула.

тарантула 1

NIRCam на Џејмс Веб вселенскиот телескоп го прикажува регионот каде што се одвива раѓање на ѕвезди во маглината Тарантула која се протега на 340 светлосни години.

Маглината Тарантула (30 Doradus) се наоѓа на растојание од 160,000 светлосни години од Земјата и е сместена во Големиот Магелански Облак. Таа е една од најсветлите и најголемите родилишта на ѕвезди во Локалната Група на галаксии. Како таква оваа маглина е доста популарна меѓу астрономите и неретко омилена за набљудување на процесот на раѓање нови ѕвезди. За неа се знае дека е престојувалиште на едни од најголемите и најжешките ѕвезди. На сликите добиени со претходните генерации на телескопи карактеристични се прашинкасти нишки кои многу потсетуваат на нозе на тарантула, па оттука маглината е позната како Тарантула.

Неодамна астрономите насочија три од инфрацрвените инструменти со висока резолуција на телескопот Џејмс Веб токму кон оваа маглина и открија нови детали за истата. Сликите добиени со новиот телескоп го претставуваат ова родилиште на ѕвезди во поинакво светло. На нив се забележуваат илјадници нови млади ѕвезди кои досега биле непознати за астрономите, нови далечни галаксии и за прв пат детална стуктура и композиција на гасот и прашината во маглината.

Во блискиот инфрацрвен спектар на телескопот (NIRSpec) се забележува дека централните делови на маглината се полни со млади ѕвезди кои на сликите сјајат во светло сина боја. Овие ѕвезди имаат моќни ѕвездени ветрови. Само најгустите околни области можат да се спротистават на ерозијата од ваквите ветрови и создаваат форми налик на столбови или кожурци во кои се наоѓаат протоѕвезди. На сликите од телескопот се гледа една многу млада ѕвезда која штотуку излегла од правливиот кожурец. До сега астрономите мислеле дека ова е постара ѕвезда која што веќе го започнала процесот на чистење на меурот околу себе, но најновите слики покажуваат дека тоа не е така и дека ѕвездата штотуку го почнала процесот на излегување од кожурецот на маглината Тарантула и сè уште има огромни облаци од прашина околу себе.

тарантула 2

На поголеми светлосни бранови должини (MIRI), фокусирајќи се на околината околу централниот кластер на ѕвезди, Џејмс Веб открива многу поразличен поглед на маглината Тарантула.

Истиот овој регион гледан преку спектарот на подолгите инфрацрвени бранови на Џејмс Веб (MIRI), открива малку поинаква слика. Жешките гасови избледуваат, додека пак поладниот гас и прашината сјајат. Во облаците на родилиштето на ѕвезди, светлите точки означуваат протоѕвезди кои сè уште добиваат маса. Подолгите средно- инфрацрвени светлосни бранови продираат во прашината на маглината и откриваат до сега невидена космичка средина.

Маглината Тарантула е од големо значење за астрономите бидејќи има сличен состав со гиганските региони на формирање на ѕвезди забележани во вселенското “космичко пладне”, кога космосот бил само неколку милјарда години стар и создавањето на нови ѕвезди било на највисоко ниво, за разлика од регионите на формирање на ѕвезди во нашата галаксија Млечен Пат. Ова ја прави маглината Тарантула до сега најблизок пример за тоа што се случувало во времето на космичкото пладне. Вселенскиот телескоп Џејмс Веб веќе започна да ни покажува нови делчиња од универзумот и изгледа дека нема само да ја дополни туку и ќе ја смени приказната за формирање на ѕвезди.

Сања Павлова

Извор: nasa.gov

Сподели.