Дали постојат сестри платени кои живеат во иста орбита?

0

Пред дваесет години беше предвидено дека во теорија може да постојат две планети со слична маса кои имаат заедничка орбита околу една ѕвезда. Овие планети се наречени планети Тројанци или коорбитирачки планети. Во едно истражување од пред неколку дена за прв пат се пронајдени докази кои одат во прилог на теоријата за планети Тројанци.

тројанци

Со користење на телескопот ALMA (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array) астрономите пронашле потенцијални сестри екзопланети кои орбитираат околу далечна ѕвезда

Поимот Тројанци не е нов во астрономијата, ниту пак во нашиот Сончев Систем. Најпознат пример се астероидите Тројанци (околу 12 000 каменести небесни тела) кои орбитираат заедно со планетата Јупитер. Астрономите предвидуваат дека Тројанците, или поспецифично планетите Тројанци можат да постојат и надвор од нашиот Сончев Систем, но тоа досега не е докажано. Според еден од научниците во спроведеното истражување екзотројанците (планети Тројанци надвор од нашиот Сончев Систем) се небесни еднорози: науката дозволува да постојат но никој претходно ги нема видено, се до пред некој ден. Неодамна, тим составен од интернационални истражувачи користејќи го современиот телескоп АЛМА ги пронашле до сега најсилните набљудувачки докази дека планети Тројанци постојат и тоа во системот PDS 70. Оваа млада ѕвезда опслужува две џиновски планети (во големина слични на Јупитер) PDS 70b и PDS 70c. Со анализирањето на сите досегашни податоци за овој систем, научниците откриле облак од небесни остатоци во орбитата на PDS 70b каде се очекувало дека може да има Тројанци.

Тројанците се наоѓаат во т.н. Лагранжови точки, два проширени региони каде што се задржува материјал со помош на гравитациското влечење на ѕвездата и на планетата. Со проучување на овие два региони научниците детектирале слаб сигнал во една од нив што укажува дека таму би можел да престојува облак од остатоци со маса до приближно два пати поголема од нашата Месечина.

Тимот истражувачи верува дека овој облак може да претставува Тројански свет во PDS системот или пак може да е Тројанска планета во процес на создавање. Нивната работа е првиот доказ дека е можно две планети да постојат заедно во исто време со исти услови за живот. Според нив замислата дека една планета може да ја дели својата орбита со илјадници астероиди е лесно остварлива како во случајот со Јупитер, но две планети да ја делат истата орбита е нешто сосема ново.

Истражувањето е поглед кон создавањето на вакви две сестрински планети. Отвора нови прашања за тројанските небесни тела, за нивното создавање, еволуција и колку се чести во планетарните системи.

За целосно да ја потврдат оваа теорија тимот на научници мора да чека до 2026 година, кога повторно ќе го искористат ALMA телескопот за да видат дали PDS 70b планетата и облакот придружник навистина останале во иста орбита околу нивната ѕвезда. Во 2030 години се планира подобрување и проширување на способностите на ALMA телескопот и се очекува дека тогаш ќе добиеме уште многу нови знаења за планетите Тројанци.

Истражувањето објавено во Astronomy & Astrophysics, може да се прочита тука https://www.eso.org/public/archives/releases/sciencepapers/eso2311/eso2311a.pdf

Превод: Сања Павлова

Извор: www.eso.org

Сподели.