Најстариот познат материјал на Земјата е постар од Сончевиот Систем

0

Тукушто е откриен најстариот цврст материјал на Земјата и е постар од Сончевиот Систем најмалку неколку стотици милиони години.

Според новите истражувања малите микроскопски зрна прашина биле создадени во далечна ѕвезда некаде пред 5 до 7 милијарди години. Како за споредба, нашето Сонце е старо само 4,6 милијарди години. Овие зрна прашина дошле на Земјата преку метеорит.

space dust

Заслуги: Јанаина Н. Авила.

“Ова е највозбудливото истражување на кое што сум работел,” вели космохемичарот Филип Хек од Теренскиот музеј за природна историја и Универзитетот во Чикаго. “Овој најстар цврст материјал што некогаш е пронајден ни кажува многу за тоа како се создадени ѕвездите во нашата галаксија”.

Иако не е непознат фактот дека метеоритите содржат зрна материјал кои што се постари од Сончевиот Систем – се наречуваат пресоларни зрна – тие се ретки и тешко се идентификуваат бидејќи парчињата материјал се многу мали и се наоѓаат длабоко во карпите.

Еден метероит за кој е познато дека содржи пресоларни зрна е метеоритот Мурчисон, кој има над 100 килограми и доаѓа од вселенска карпа кој експлодирал на небото над Мурчисон, Австралија во септември 1969 година.

Теренскиот музеј поседува 52 килограми од метеоритот Мурчисон и тие се детално истражувани. Поголем број на микроскопски зрна од минерал наречен силициум карбид од внатрешноста на метеоритот се идентификувани како меѓуѕвездени – а со тоа и пресоларни – но тешко е да се каже точно колку се стари.

Многу од овие зрна од силициум карбид веќе биле изолирани од метеоритот во 90-тите години, со мелење на метеоритот во прав и растворање на силикатот со киселина. Во тоа време опремата користена од научниците за анализирање на овие зрна не била толку напредна, така што Хек и неговиот тим решиле одново да извршат цела низа тестови.

Тие користеле микроскопија за скенирање на електрони, секундарна јонска масена спектрометрија и масена спектроскопија на благородни гасови, кои можат да навлезат во цврсти материјали како што е метеоритот и да остават траги на зрната од силициум карбид.

“Некои од овие космички зраци воспоставуваат взаемно дејство со материјата и формираат нови елементи. Колку повеќе се изложени, толку повеќе елементи формираат,” објаснува Хек.

Четириесет пресоларни зрна од силициум карбид биле проверени дали содржат траги од елементите кои ја покажуваат староста на зрната – хелиум-3 и неон-21. Докажано е дека неколку од нив стари повеќе од 5,5 милијарди години, но повеќето се помлади, со старост 4,6 – 4,9 милијарди години.

Големиот број на помлади зрна бил неочекуван и открива нови изненадувања за историјата на галаксијата Млечен Пат.

“Нашата хипотеза е дека мнозинството од овие зрна, стари од 4,6 – 4,9 милијарди години, се создадени во епизода на засилено формирање на ѕвезди,” вели Хек. “Имало период пред создавањето на Сончевиот Систем кога се формирале многу повеќе ѕвезди од нормалното”.

Според наодите на тимот, овој период на засилено формирање на ѕвезди бил пред 7 милијарди години. Кога ѕвездите ги достигнале напредните фази на нивната еволуција, зрната се кондензирале во изливи и биле исфрлани во вселената, за подоцна да станат дел од тоа што сега е метеоритот Мурчисон.

Бидејќи овие зрна не би требало изолирани да ги преживеат, на пример, ударните бранови од суперновите, тимот заклучил дека тие најверојатно се споиле во грутки, така што некои од нив биле заштитени во внатрешноста.

“Некои луѓе мислат дека стапката на формирање на ѕвездите во галаксијата е константна,” вели Хек.

“Но, благодарение на овие зрна, сега имаме директен доказ за постоењето на период на засилено формирање на ѕвезди во нашата галаксија пред 7 милијарда години. Ова е еден од клучните наоди на нашето истражување”.

Едноставно неверојатно е да се размисли за тоа низ што сè поминале овие ситни зрна пред да стигнат до Земјата.

Превод: Дефне Еминовска

Извор: www.sciencealert.com

Сподели.