Астрономите сметаат дека нашле начин како да го предвидат времето кога ќе се случи Супернова

0

Во една неодамнешна студија приложена во “High Energy Astrophysical Phenomena”, тим од истражувачи од Јапонија дискутирале околу стратегиите за набљудување и можностите да ги предвидат предзнаците на експлозија од Локален Тип 2 и Галактички супернови (SNe).

Оваа студија има потенцијал да ни помогне подобро да разбереме како и кога супернови би можеле да се случат некаде во универзумот. Но колку навистина е значајно да се откријат супернови пред тие реално да се случат?

сн

Композитна слика од остатокот од суперновата Тихо, (Tycho supernova) добиена од вселенските опсерватории на NASA Спицер и Чандра (Spitzer and Chandra). (MPIA/NASA/Calar Alto Observatory)

“Од моја гледна точка, тоа е значајно од два аспекти” – вели водечкиот автор на оваа студија Даичи Цуна (Daichi Tsuna), астрофизичар од Истражувачкиот Центар за Раниот Универзум при Универзитетот во Токио.

“Иако знаеме дека суперновите се експлозии кои сигнализираат смрт на масивни ѕвезди, сепак сé уште е мистерија што се случува при крајот на нивниот живот. Всушност, стандардната теорија за еволуцијата на ѕвездите не ги предвидува предзнаците на супернова на кои укажуваа неодамнешните истражувања”.

“Во нашиот труд се тврди дека при идните опсервации можеме темелно да го истражиме овој предзнак, што ќе придонесе за продлабочување на нашите сознанија и за унапредување на постоечката теорија на ѕвездената еволуција. Понатаму, откривањето на предзнакот на супернова би овозможил рано предупредување дека ќе се случи супернова во блиска иднина. Тоа ќе овозможи проширување на временската рамка за координација на т.н. (multi-messenger observations) – опсервации од повеќе извори (светлина, неутрино честички и гравитациони бранови)”.

За целите на студијата истражувачите го користеле кодот со отворен пристап CHIPS (Complete History of Interaction-Powered Supernovae), со цел да создадат теоретски модел за вакво празнење при ерупција на црвена ѕвезда суперџин.

Сето ова буди интерес бидејки кај ѕвездата Бетелгез (Betelguese), која е исто така црвен суперџин, во 2019 било забележано намалување на сјајот што предизвикало дискусија за можноста таа да стане супернова.

Како што се испостави, Бетелгез е блиску до крајот на својот животен век. Една студија од 2021 вели дека не се очекува таа да експлодира во следните 100.000 години, но какви импликации би можело да има ова истражување за Бетелгез?

Бетелгез е црвен суперџин и всушност припаѓа на оние ѕвезди кои ние ги проучувавме во ова истражување„ – објасни Цуна. “Значи, доколку Бетелгез експлодира многу скоро, може да прикаже емисија на вакви прекурсори – предзнаци, непосредно пред да се случи суперновата. Бидејки Бетелгeз е многу блиску до нас, детекторите за неутрино можат да откријат емисии на овие честички најрано неколку дена пред СН. Ова може се следи од повеќе извори и пред да се случи експлозијата на СН!”

Во заклучоците на студијата стои дека светлосните криви на ерупцијата се предизвикани од кратки пулсирачки бранови во траење од само неколку дена, а потоа следи далеку подолго празнење пратено со разладување, кое трае стотици денови.

За ерупции со пониска енергија, после овој период следи периодот со пригушен врв предизвикан од она што е познато како поврзана обвивка која се повлекува.

Исто така, во заклучоците на истражувањето се вели дека такви настани на масивни ерупции “можат да послужат за рано предупредување за СН во блиска иднина, што ќе биде значајно за истражувањата на колапсот на јадрото кај суперновите“.

“Ќе нагласам дека пред нас е светла иднина за откривање на вакви прилично нејасни прекурсори“ – вели Цуна.

“На пример за неколку години Опсерваторијата Рубин ќе спроведе обемни истражувачки опсервации со многу поголема чувствителност од сегашните испитувања. Всушност, ќе бидат доволно чувствителни да откријат ваков вид на емисии, при што ќе може да се истражуваат извонредните завршни стадиуми од животот на масивните ѕвезди”.

Превел: Миро Брандјолица

Извор: sciencealert.com

Сподели.