Вселенскиот Телескоп Џејмс Веб наслика Космички Гребен во овој блескав пејзаж од раѓање на ѕвезди

0

Овој релјеф од „планини“ и „долини“ исполнет со блескави ѕвезди е само едната страна од еден близок и млад регион во кој се раѓаат ѕвезди наречен NGC 3324 во Маглината Карина. Оваа слика е направена во инфрацрвена светлина од Вселенскиот Телескоп Џејмс Веб на НАСА. На неа за прв пат можеме да забележиме области во кои се раѓаат ѕвезди кои претходно беа невидливи.

karina

Заслуги: NASA, ESA, CSA, and STScI

На тродимензионалната слика на Џејмс Веб изгледа како да има карпести планини осветлени од месечината, па затоа сликата ќе ја викаме Карпест Гребен. Во реалноста, се работи за работ на еден џиновска гасовита празнина во NGC 3324. Највисоките „врвови“ на оваа слика се високи околу 7 светлосни години. Празната област во оваа маглина настанала под влијание на силното ултравиолетово зрачење и ѕвездени ветрови од екстремно масивните, жешки млади ѕвезди во центарот на празнината, односно над фотографираната област.

Меурчињата од ултравиолетово зрачење на младите ѕвезди го менуваат ѕидот на маглината на тој начин што постепено ја еродираат материјата од маглината до која ќе стигнат. На сликата се забележуваат драматични столбови кои се креваат над ѕидот од гас и се спротивставуваат на зрачењето. „Пареата“ која се крева од небесните „планини“ е всушност жежок јонизиран гас и загреана прашина која испарува од маглината поради безмилосното ултравиолетово зрачење.

Преку Џејмс Веб откривме региони во кои се раѓаат ѕвезди и индивидуални ѕвезди кои цело ова време биле сокриени зад сликите во видливиот спектар на светлина. Можноста за набљудување на инфрацрвена светлина му овозможува на новиот вселенски телескоп да гледа преку космичката прашина и да ги види сокриените објекти. Млазови материја која излегува од протоѕвездите се јасно видливи на оваа слика. Најмладите извори се гледаат како црвени точки во темните прашливи облаци. Објектите кои се во нивните рани и турбулентни фази во формирањето на ѕвезди се тешки за сликање, но извонредната осетливост, резолуција и фотографски способности на Џејмс Веб можат да го совладаат овој предизвик.

Од набљудувањата на NGC 3324 ќе научиме многу за процесот на формирање на ѕвезди. Раѓањето на нови ѕвезди се зголемува со текот на времето. Ова се јавува како резултат на ширењето на празнините. Светлиот јонизиран раб навлегува во маглината и ги притиска гасот и прашината. Зголемениот притисок може да го започне процесот на формирање нова ѕвезда доколку работ стигне до некоја нестабилна материја.

Но важи и спротивното. Еродирањето на маглината може да го спречи раѓањето на нови ѕвезди бидејќи материјата испарува. Се работи за многу осетлива рамнотежа помеѓу раѓањето на нови ѕвезди и спречувањето на овој процес. Џејмс Веб треба да одговори на неколку важни прашања во модерната астрофизика: што го одредува бројот на ѕвезди кои се формираат во одреден регион и зошто ѕвездите се формираат со одредена маса?

Исто така, Џејмс Веб ќе го открие влијанието на раѓањето на нови ѕвезди врз еволуцијата на огромните облаци од гас и прашина. Ефектот на масивните ѕвезди со нивните насилни ветришта и голема енергија е во големи мери јасен за астрономите, но кога се во прашање ѕвездите со мала маса, научниците малку знаат за нивното влијание. Како што се формираат, помалите ѕвезди исфрлаат тесни млазови кои внесуваат многу енергија и момент во облаците, како што може да се забележи на сликата. Млазовите го намалуваат количеството материја во маглината од која се создаваат новите ѕвезди.

Сѐ до денеска, научниците имаа малку податоци за влијанието на младите и енергични, мали ѕвезди. Преку Џејмс Веб тие ќе располагаат со податоци за огромен дел од ѕвездите во маглината, како и за нивното влијание врз истата.

На околу 7 600 светлосни години оддалеченост NGC 3324 беше фотографирана со Камерата за Блиска Инфрацрвена светлина (Near-Infrared Camera – NIRCam) и Камерата за Средна Инфрацрвена светлина (Mid-Infrared Instrument – MIRI) на Џејмс Веб.

Чистата резолуција и извонредната осетливост на NIRCam може да открие стотици сокриени ѕвезди и бројни позадински галаксии.

Преку MIRI, младите ѕвезди и нивните прашкасти дискови од кои се формираат планети силно сјаат во средната инфрацрвена светлина. На овој начин можеме да откриеме структури во прашината и да го откриеме ѕвездениот извор на масивните млазови и протекувања. На сликите од MIRI, жешката прашина, јаглехидратите и другите хемиски соединенија на површината имаат специфична осветленост што изгледаат како нафрлани остри камења.

Во 1826 година, Џејмс Данлоп за прв пат ја категоризирал NGC 3324. Отвореното јато NGC 3324 е видливо од Јужната Хемисфера. Лоцирано е во северозападниот агол на маглината Карина (NGC 3372) која се наоѓа во соѕвездието Карина. Маглината Карина е дом на Маглината Клучалка и на активната, нестабилна суперџиновска ѕвезда Ета Карина.

Извор: nasa.gov

Сподели.