Мистериозен објект забележан пред неколку децении можеби е Планетата Девет

0

Се работи за едно од највозбудливите прашања поврзани со Сончевиот Систем во последните пет години, а тоа е: дали постои голема планета која се крие во темните, студени и далечни предели на Сончевиот Систем и чија орбита е толку широка што се потребни 20 000 години за едно орбитирање?

пл 9

Уметнички приказ на Планетата Девет. Заслуги: Tomruen/Wikimedia Commons, CC BY-SA 3.0

Тешко е да дојдеме до договор на ова прашање. Сепак, со едно ново истражување се открива дека постојат потенцијални показатели за постоењето на мистериозниот и хипотетички објект.

Астрономот Мајкл Ровен-Робинсон од Империјалниот Колеџ во Лондон спроведе анализа на податоците од Инфрацрвениот Астрономски Сателит (анг. Infrared Astronomical Satellite – IRAS) од далечната 1983 година. Тој откри трио од точкасти извори кои можат да бидат Планетата Девет.

Според Мајкл, најверојатно не се работи за вистинска детекција на објектот, туку оваа анализа може да се искористи за да измоделираме каде би можела да се наоѓа Планетата Девет, а потоа и да се изведе таргетирано пребарување во потрагата по одговорот на горенаведеното прашање.

„Со оглед на слабиот квалитет на IRAS и на релативно тешкиот дел од небото за инфрацрвени набљудувања, веројатноста да се работи за реален кандидат не е огромна,“ пишува астрономот.

„Сепак, поради големиот интерес за хипотетичката Планета Девет, вреди да се провери дали некој објект со очекуваните параметри и во тој дел од небото е во согласност со планетарните карактеристики.“

Шпекулациите за постоење на неоткриена планета во надворешниот дел на Сончевиот Систем се присутни веќе со децении, но врвот на нивната популарност го постигнаа во 2016 година кога еден научен труд претстави нов доказ.

Астрономите Мајк Браун и Константин Батигин од Калтек открија мали објекти во Кујперовиот Појас во надворешниот предел на Сончевиот Систем. Однесувањето на објектите беше прилично чудно. Тие орбитира невообичаено, како да беа под некое гравитациско влијание од нешто големо.

Потрагата по објектот кој можеби го предизвикува невообичаеното однесување во Кујперовиот Појас е покомплексна од што изгледа. Доколку постои, тој има маса од пет до десет пати поголема од масата на Земјата и орбитира на растојание од 400 до 800 астрономски единици (една астрономска единица е просечното растојание помеѓу Сонцето и Земјата). Како за споредба, Плутон орбитира на околу 40 астрономски единици од Сонцето.

Ова значи дека објектот што го бараме е многу далеку, дека е релативно мал, студен и најверојатно е дека не рефлектира многу сончева светлина. Уште повеќе, не знаеме во кој дел од небото да го бараме овој мистериозен објект. На прашањето „дали воопшто постои овој објект“ се покренати интересни дискусии.

Инфрацрвениот Астрономски Сателит работеше 10 месеци почнувајќи во јануари 1983 година и набљудуваше 96% од небото во далечниот инфрацрвен електромагнетен спектар. Во овие бранови должини може да се забележат мали и студени објекти каква што би била хипотетичката Планета Девет, па Ровен-Робинсон одлучил повторно да ги погледне и да ги реанализира старите податоци, притоа користејќи параметри конзистентни за Планетата Девет.

Сателитот детектирал околу 250 000 извори на светлина од кои само три се од интерес како кандидати за Планетата Девет. Во јуни, јули и септември во 1983 година, сателитот детектирал нешто што изгледа како да се движи низ небото.

Како и да е, од сигналите не може да се заклучи со голема сигурност за ова. Областа на небото каде е забележан изворот има ниска галактичка височина, односно областа е многу близу до рамнината во која орбитира нашата галаксија. Тоа значи дека се работи за област исполнета со меѓуѕвездена материја во галаксијата која често пати зрачи во инфрацрвениот спектар. Едноставно кажано, не се исклучува можноста овие сигнали да се предизвикани од интерференција од меѓуѕвездените облаци.

Исто така, Ровен-Робинсон додава дека при едно друго истражување со Панорамскиот Истражувачки Телескоп и Систем за Брз Одговор (анг. Panoramic Survey Telescope and Rapid Response System – Pan-STARRS) кој работи уште од 2008 година, не се забележани кандидати во податоците за областа во прашање.

Сепак, доколку ги интерпретираме сигналите како вистински, можеме да заклучиме одредени информации за Планетата Девет. Според податоците од Инфрацрвениот Астрономски Телескоп, кандидатот за Планета Девет би имал маса помеѓу три и пет пати повеќе од масата на Земјата и би се наоѓал на орбитално растојание од околу 225 астрономски единици.

Од движењето на изворот, можеме да направиме и претпоставка за орбитата на планетата. На тој начин ќе знаеме каде да гледаме и што да бараме во новите податоци, како на пример оние од Pan-STARRS.

„Потребни се динамички студии за да провериме дали ваков објект би бил соодветен со карактеристиките на други објекти во Сончевиот Систем и дали овој објект навистина може да предизвика кластерирање кај орбитите на џуџестите планети од Кујперовиот Појас,“ пишува Ровен-Робинсон.

„Податоците од Инфрацрвениот Астрономски Сателит немаат висок квалитет, но би вредело доколку ја пребараме областа со радиус од 2,5 до 4 степени со центар во детектираните сигнали во 1983 година и тоа во оптички и инфрацрвени бранови должини. Сигналите може да бидат отфрлени како кандидати доколку радио набљудувањата или другите набљудувања ја потврдат реалноста (и стационарноста) на изворите од 1983 година.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.