Астрокамповите во Грција се организираат на еден многу интересен начин. Нашето друштво за прв пат беше ланската 2018та година и кампот беше на една планина во јужна Грција блиску до Пелопонез. Оваа година тоа беше на дупло поблиско растојание, во близина на градот Гревена. Всушност во Грција имаат многу астрономски друштва кои се поделени во неколку федерации и секоја федерација е задолжена да организира. Деталите околу организирањето не ми се многу познати, но знам дека има сѐ што е потребно за еден астрокамп. Од продавница за храна до тоалети за хигиена и сала каде се одржуваат предавања. Тука е и медицинската екипа на црвен крст и екипа на организацијата која е задолжена да им излезе во пресрет на сите учесници со информација или помош околу било што да ви затреба.
Оваа година астрокампот се организираше на планина Filippaioi во близина на градот Гревена на околу 1400 метри надморска височина. Според долгогодишни учесници од Грција ова е едно од најдобрите места за астрономија во Грција.
И по мое мислење навистина е добро место. Пристапно е, бидејќи до таму е само асфалт. Има многу добра шума за кампување и внатрешната инфраструктура е исто така добра. Обезбедена е и сструја за астрофотографите, така што не мора да се малтретирате да носите батерии или акумулатори.
Делот каде се набљудувачите е одвоен од делот каде што се астрофотографите, што е и разбирливо затоа што кај набљудувачите се користи многу помалку светло од кај астрофотографите.
Посетеноста на овој камп е некаде преку 500 луѓе и многу многу телескопи. За астроготографија имаше над 50ина телескопи, и исто толку ако не и повеќе телескопи за набљудување. Меѓу тие за набљудување беше и сосема новиот телескоп од 20 инчи моторизиран Скајвочер Старгејт 500п. За жал малку време имавме само втората вечер, бидејќи доцна разбравме дека е тука телескопот, но сепак имавме прилика да ја видиме силината на овој телескоп.
Бидејќи беше нов и самиот сопственик сѐуште се учеше како да го работи па видовме само неколку објекти. Одличен и скап телескоп. Гломазен и не баш лесен за ракување. После краткото искуство со него сега сум уште посигурен дека сме направиле добар избор што сме купиле исто таков телескоп само малку помал и без мотори.
На овој астрокамп бевме претставени со два наши членови – Михајло Стојановски и Радан Митровиќ. Со себе носевме и астрофото сетап со Целестрон од 8 инчи на ЦГЕМ монтажа. Имавме речиси две сосема ведри вечери, освен во првата, бидејжи имаше малку минливи облаци. Како и да е, направиме 4 фотографии кои се надевам дека ќе ви се допаднат.
Морам да ги спомнам нашите пријатели од Грција кои многу добро нѐ пречекаа и со кои многу убаво се дружевме: Меѓу сите со кои се запознавме таму сепак би ги издвоил Тео и Никос од Јанина, кои ни беа тука за сѐ што ќе ни затребаше и со кои имавме исклучително корисни астрономски, но и не астрономски разговори.
Подолу можете да видите фотографии кои направиме со Михајло во двете вечери додека бевме на астрокампот.
Планетрана маглина Ѓуле (М57) во соѕвездието Лисица.
Се надевам и дека и во иднина ќе посетуваме овие астрокампови во Грција , особено тие што се поблиску до Македонија.
Радан Митровиќ