Изгубено-најдено: по 11 години Beagle 2 забележан на Марс

0
Изгубено-најдено: по 11 години Beagle 2 забележан на Марс

Заслуги: UK Space Agency

Британската сонда, исчезната од пред 11 години, е видена деновиве на површината на Марс, со што се реши мистеријата околу нејзината судбина.

Сепак среќата за ова откритие не беше комплетна, бидејќи истото задоцни една година, една година од смртта на проф. Колин Пилинџер (Colin Pillinger), брилијантен научник и движечка сила на оваа мисија од 2003 година. Пилинџер, кој го носеше имиџот на „луд научник“ (можеби поради бакенбардите), самиот покрена голем дел од финансискиот товар на мисијата и почина фрустриран поради лесното откажување од истата.
„Томас Едисон откри 50 начини за несоздавање на исправна сијалица, пред да ја создаде работата по која е запаметен“ – изјава на Пилинџер за Bristol Post од 2012 година.

„Ако во истиот момент се свртевме и решевме да се обидеме уште еднаш, досега можеби ќе имавме луѓе на пат кон Марс“ – изјави Пилинџер.
Beagle 2 беше мисија вредна 50 милиони долари (65 милиони евра), со цел да утврди дали некогаш имало или не живот на Марс, но беше загубен без трага на 26 декември 2003 година.

Сондата е детектирана минатата година од страна на Mars Reconnaissance Orbiter (MRO) на НАСА, но за жал без податоците кои ги собрала. Но, важно е тоа што Beagle 2 веќе не е загубен. Тој успешно слетал на површината на Марс, но потоа само делумно се распоредил и подготвил за работа, поради отсуството на контакт со тимот на Земјата и неможност за собирање на податоците кои се складирани во машината.

Сликите покажуваат дека помошниот падобран е сè уште прикачен за лендерот, а главниот падобран за слетување е близу местото планирано за слетување – сливот Isidis Planitia.

Џудит, жената на Пилинџер, и соработник на тимот на Beagle со фудбалска аналогија кажува како би се чувствувал нејзиниот маж при овие вести: „Успешното слетување, но без можност за комуникација тој би го сфатил како погодување на пречката, а не целосно промашување на голот“.

И Марк Симс (Mark Sims) од Универзитетот во Лечестер и член на тимот вели дека секој Божиќ по 2003 се прашувал што се случило со Beagle. Речиси и ја загубил надежта дека ќе дознае, сè до пред неколку дена.

Заслуги: European Space Agency (ESA)

Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Univ. of Arizona/University of Leicester

Beagle 2 повеќе не е неуспех. Ова откритие го направи Beagle 2 првото европско летало кое слетало на Марс. Инаку сондата го добила името по HMS Beagle, бродот кој го носел Чарлс Дарвин на патувањето по Пацификот и Јужна Америка во 1830 година; впрочем тоа е патувањето на кое тој ја развил теоријата на еволуција.

Beagle 2, кој беше со облик на џиновски џебен часовник, полета во 2003 од космодромот Baikonur во Казахстан кој се наоѓа под руска јурисдикција. Тоа беше првата европска мисија за истражување на друга планета.

Специјален повикувачки знак за мисијата беше искомпониран од британскиот поп бенд Блур (Blur), а тест картичката за калибрирање на камерите на сондата по слетувањето беше обоена од британскиот артист Дејмиен Хирст (Damien Hirst).

Тапанарот на бендот, Дејв Раунтри (Dave Rowntree) на Твитер напиша: „Одлични вести за Beagle 2, но штета што Колин Пилинџер не е веќе со нас за да види колку блиску дошол.“ Хирст додава: „Не можам да верувам дека Beagle 2 за сето ова време бил надвор и дека јас имам слика на Марс!“

Од 1960 година па наваму, помалку од половината од обидите на вселенските агенции да пратат сонда на Марс биле успешни.

Превод: Милан Велков

Извор: Phys.org

Сподели.