Научниците предупредуваат дека Bашето тело ќе се промени и нема да биде истото додека да стигнете на Марс

0

За прв пат во човечката историја, NASA и Кина планираат да испратат астронаути на Марс следната декада или поточно во 2025 год. Тоа значи и многу предизвици, почнувајќи од технолошки и проблеми со логистиката, осигурување дека астронаутите можат да се справат со отпадоците и дека би имале доволно храна и вода за транзитот што би траел со месеци до и од Марс.

Но, секако, во прашање се и здравјето и сигурноста на астронаутите кои би патувале со месеци во вселената каде што би биле изложени на космичка радијација и микрогравитација.

Познато е дека после неколку месечно изложување на микрогравитација, астронаутите би имале проблеми со гравитацијата на Марс.

марс 2

Артистички приказ на населување на Марс (NASA)

Со цел да се испита дали овие потенцијални проблеми се веродостојни, тим од медициски истражувачи од Австрискиот Национален Универзитет (ANU) развиле математички модел кој предвидува дали астронаутите ќе можат безбедно да патуваат до Марс и да ги извршат своите должности откако ќе стигнат на црвената планета.

Овој модел би можел да биде од големо значење заедно со сите други подготовки пред астронаутите да стигнат до саканата дестинација. Исто така може да се искористи во иднина за да се испита влијанието на краткотрајните и долготрајните мисии за астронаутите надвор од ниската орбита на Земјата (Low Earth Orbit- LEO) и системот Земја – Месечина.

Истражувањето кое ги опишува овие математички модел неодамна се појави и во npj Microgravity, научен весник од Nature.

Тимот бил предводен од др. Лекс ван Лун (Lex van Loon), научен соработник од ANU Колеџот за Здравје и Медицина (CHM). Како што тој и неговите колеги потенцираат, мисијата за Марс има многу потенцијални опасности, но веројатно најголем ризик е времето што астронаутите ќе треба да го поминат во микрогравитација.

Комбинирано со опасната радијација од Сонцето и космичките извори, ова искуство ќе предизвика фундаментални промени во човековото тело.

Базирано на многубројни експерименти извршени на Интернационалната Вселенска Станица (ISS), веќе се знае дека микрогравитацијата предизвикува губење на коскената и мускулната маса и влијае врз функциите на органите, видот, кардиоваскуларниот систем – срцето и неговата способност да пумпа крв преку артериите и вените.

Тимот истакнува дека истражувањето наоѓа примена не само кај мисиите за Марс во иднина туку и кај комерцијалниот вселенски сектор.

“Знаеме дека патувањето до Марс би траело околу шест до седум месеци и тоа може да предизвика промени во структурата на човечките крвни садови или ослабување на човечкото срце како резултат на нулта гравитацијата во вселенското патување.

Со појавата на комерцијалните агенции за патување во вселената какo SpaceX и Blue Origin има можности за богати, но тоа не мора да значи и физички здрави лица, да влезат во вселената, па ние сакаме да користиме математички модел што ќе покаже колку едно лице е способно за патување во вселената.”

Тимот исто така додава дека пролонгираното изложување на нулта гравитација може да предизвика срцето да стане мрзливо, бидејќи во ваква ситуација не мора да работи напорно наспроти гравитацијата при пумпањето на крв.

“На Земјата гравитацијата ја привлекува крвта на долниот дел од телото, па затоа кај некои луѓе после напорен ден нозете отекуваат. Но кога сме во вселената тоа гравитационо привлекување не постои и течностите одат во горниот дел од телото, што предизвикува лажно чувство дека телото е полно со течности. Како резултат на ова, кога сме во нулта гравитација одиме почесто во тоалет, не се чувствуваме жедно, не пиеме вода и сето тоа предизвикува дехидрација”.

Ова е причината зошто гледаме како астронаутите се обесвестуваат при враќањето на Земјата или не можат да се движат па се пренесуваат во инвалидски колички. Овој ефект се зголемува со периодот поминат во нулта гравитација и периодот на адаптација на Земјената гравитација е потежок.

Кога станува збор за мисија на Марс, дополнителен проблем е и доцнењето на комуникацијата помеѓу Марс и Земјата. Во зависност од позицијата на Сонцето, Земјата и Марс, комуникацијата може да доцни и до 20 минути, а тоа ќе значи и немање директна и моментална асистенција од контролорите на мисијата и тимот за поддршка (којшто вклучува и итна медицинска помош).

“Ако некој астронаут се онесвести при излегувањето и стапнувањето на Марс, ќе нема кој да му помогне. Затоа мора да сме апсолутно сигурни дека астронаутот е во добра здравствена состојба и ќе може лесно да се прилагоди на гравитацијата на Марс. Тие мора да дејствуваат ефикасно и ефективно со минимална поддршка од други лица во првите моменти на Марс.”

Моделот е основан на алгоритам на машинско учење базиран на податоци за астронаутите собирани од претходни мисии на ISS и Аполо мисијата за симулација на ризиците поврзани со Марс. Резултатите од тестирањето се охрабрувачки и покажуваат дека астронаутите можат да го издржат престојот од неколкуте месеци во микрогравитација. Во моментот податоците се за добро тренирани возрасни астронаути, но истражувачите сакаат да го прошират со податоци од комерцијалните патувања.

Крајната цел е да испитаат како ваквото вселенско патување ќе влијае на некој со нарушено здравје и проблеми со срцето, односно на некој што го нема поминато тренингот за астронаути. Тие се надеваат дека моделот ќе даде холистички приказ за тоа што ќе се случи ако обичен човек патува во вселената.

Понатаму можат да се направат дополнителни прилагодувања за да се вклучат проблеми поврзани со возрасните граници, што е важно ако се земе во предвид староста на некои познати личности кои отпатуваа во вселената (Вали Фанк, Вилијам Шатнер, Лаура Шепард, Ричард Бренсон итн.).

Можеби би можело и да се симулира развојот на деца и фетус изложени на долготрајна микрогравитација. Ваквото истражување е важно ако сакаме да испратиме луѓе на Месечината, на Марс или на некоја друга вселенска дестинација потенцијална за живот.

Превод: Сања Павлова Ристоска

sciencealert.com

Сподели.