Бизарно откритие на Марс прикажува нешто што изгледа како вонземска врата

0

Една од најновите снимки на роверот Curiosity на Марс открива прилично интригантен облик во карпите: нешто што изгледа како совршено издлабена влезна врата сместена во пејсажот на Марс.

mars vrata1

Обоена слика од карпестата формација во форма на влезна врата. (NASA/JPL-Caltech/MSSS/NeV-T)

Всушност овој влез толку уверливо отсликува врата што предизвикува морници и нé доведува во искушение да поверуваме дека тој води до мала скривница за Марсовци, или пак можеби е портал кон некој сосема друг Универзум. Исто така, кај поединци се јавува чувството дека ова е всушност “тунел до центарот на планетата”.

Во најмала мера се чини дека снимената фотографија и геолошките карактеристики прикажани на неа можат да бидат инспирација за некои научно-фантастични филмови.

maras vrata 2

Карпестата формација во вид на врата. (NASA/JPL-Caltech/MSSS)

Сепак некои разумни луѓе од Rеddit укажале дека веројатно станува збор за пукнатина која настанала како резултат на свлекување на карпите, или поточно заради сили на напрегање во карпата, кои довеле до создавање на пукнатината, а потоа еден дел се одвоил, веројатно како резултат на некои потреси на тлото.

Инаку, најсилниот досега забележан потрес на црвената планета се случил на 4ти мај оваа година, а научниците сé уште работат на утврдување на точното место на потресот, како и на причината која довела до него.

Иако оваа карпеста формација нам ни изгледа како влезна врата со нормална големина, таа сепак може да е производ на нашата фантазија. Постои можност во реалноста оваа шуплина да има големина од само неколку центиметри, затоа што е многу тешко да се утврдат нејзините димензии само врз основа на фотографијата (без други параметри).

Овде може да видите поголема обоена верзија на оригиналната слика. Карпестата формација во облик на влезна врата ќе ја забележите во горниот дел т.е. кон врвот на сложената слика, поставена малку лево од центарот.

Фотографијата е снимена на геолошкиот локалитет познат како Greenheugh Pediment, снимена со јарболна камера на површината на роверот Curiosity на 7ми мај 2022.

Во текот на годините имавме пристап до слики од Марс направени одблизу од лендери и орбитери и бевме навистина почестени со некои извонредни снимки од црвената планета на кои се гледаа: кратери исполнети со мраз, необични карпести формации во облик на шеврон (во  форма на латинската буква “V”), издлабени планини и уште многу други.

Кога станува збор за некои морничави и невообичаени откритија во вселената кои нам ни наликуваат на вонземски структури, од големо значење е да си ја скротиме фантазијата и да не се залетуваме по нешта на кои некои нејасни, матни фотографии нé наведуваат.

Можеби се сеќавате на оној чуден објект во форма на коцка снимен минатата година на Месечината од кинескиот ровер Yutu 2. Со натамошни истражувања произлезе дека “засолништето на вонземјаните” всушност е само една карпа која што со игра на светлината и соодветна перспектива добива облик на коцка.

Слично на тоа, се претпоставува дека и оваа мистериозна врата конечно ќе добие сосема едноставно објаснување… но во меѓувреме многумина вистински се забавуваат правејќи шпекулации околу тоа.

Превел: Миро Брандјолица

Извор: sciencealert.com

Сподели.