Зошто постои антиматеријата?

0

Постои античестичка со иста маса и спин која одговара на секој вид на честичка.

Во најраните денови на универзумот, кратко по Големата експлозија, космосот бил поплавен со честички. Но не биле сите честички од нормална материја. Постои античестичка со иста маса и спин која одговара на секој вид на честичка.

 ам1

Чуден Млечен Пат. Центарот на Млечниот Пат содржи светлечки облак од гама зраци. Енергетскиот млаз е создаден од антиматериски честички кои уништуваат материја. Заслуги: В. Пурсел и др. /ОЅЅЕ/Опсерваторија Комптон/НАСА

Одликите на нашиот универзум произлегуваат од фактот дека материјата постои во малку поголеми количини од антиматеријата. Оваа разлика е мала: во раниот универзум за секои милијарда честички на антиматерија морало да има милијарда и една честичка на материја. Се што постои – галаксии, ѕвезди, планети, дрва, луѓе – постои заради малиот вишок на материја.

Прашањето за постоењето на антиматеријата и зошто материјата е малку пообилна потекнува од 1928, кога британскиот физичар Пол Дирак го опишал движењето на електроните. Дирак работел со квантна механика и релативитет и произвел равенка која опишува како електроните треба да заемодејствуваат со други честички. Равенката на Дирак предвидува дека за секој електрон треба да постои соодветна античестичка со истата маса, но инаку симетричен одраз на оригиналот.

ам2

Млаз од антиматерија. Рентген опсерваторијата Чандра го сликаше пулсарот „Црна вдовица“ во 2003. Фотографијата открива живнат пулсар кој емитува брз зрак од честички на материја и антиматерија. Заслуги: НАСА/СХС/ASTRON/Б. Степерс и др./ААО/Џ. Бленд-Хоторн/Х. Џоунс

Во 1932, американскиот физичар Карл Д. Андерсон набљудувал трага од честички, предизвикана од космички зрак, која изгледала „како нешто позитивно наелектризирано, со маса како онаа на електронот.“ По експерименти кои траеле цела година, Андерсон утврдил дека анти-електроните постојат, ги нарекол позитрони, и ја добил Нобеловата награда по физика за неговиот труд.

Дваесет години подоцна, физичарите ги откриле анти-протоните и анти-неутроните додека спроведувале експерименти со забрзувачот на честички Беватрон во Универзитетот на Калифорнија, Беркли. Во 1968, научниците за прв пат произвеле анти-атоми, и во 1995, близу до Женева, Швајцарија, физичари создале атоми на анти-водород кои опстанале доволно долго за нивното однесување да може да биде проучено.

И покрај овие експерименти, астрономите се уште не можат да ја објаснат асиметријата на материја и антиматерија. Други важни експерименти со судирачи на честички и други методи се планирани за во иднина. Како е можно материјата да е толку доминантна? Една идеја е дека прастари црни дупки, кои го формирале новородениот универзум, можеби испариле , со тоа нарушувајќи ја симетријата. Друга група на физичари мисли дека асиметријата лежи во категоријата на честички наречени лептони, која ги вклучува неутрината и муоните.

Навидум, неутрината се главниот виновник. Австрискиот физичар Волфганг Паули ја развил идејата за неутрина во 1930, кога очајнички ја барал причината за процесот на бета распаѓање.

ам3

Моќен изблик. Експлозии на Сонцето исфрлаат антиматерија од сончевата површина во оваа илустрација. Најсилните ерупции на Сонцето можат да ослободат енергија колку милијарда бомби од еден мегатон. Во јули 2002, сончев изблик ослободи една фунта (0.45 килограми) антиматерија, што е доволно да ги напојува САД со енергија два дена. Заслуги: НАСА

Во бета распаѓање, неутронот се распаѓа во протон, електрон и нешто друго – неутриното. Бидејќи неутрината минимално заемодејствуваат со друга материја, тие се многу тешки за наоѓање.

Безбројни неутрина произведени во јадрото на Сонцето поминуваат низ нас секоја секунда. Некои физичари веруваат дека во раниот универзум постоеле и тешки неутрина кои се распаднале, со тоа нарушувајќи ја рамнотежата во полза на материјата.

Која и да е причината за толку малите количини на антиматерија во денешниот универзум, тие постојат. Малечки количини на антиматерија паѓаат од космички зраци и се набрзо уништени од нивното заемодејство со материја.

Каде и да се случуваат високоенергетски судари, таму може да се најде антиматерија. Моќната црна дупка во центарот на Млечниот пат произведува млаз од антиматерија. Границата каде што антиматеријата се судира со нормалната материја произведува гама зраци.

Античестичките се создаваат каде што материјата е ненормално жешка – на пример, хоризонтот на настани на црна дупка. Ако некогаш стигнеме до патувања длабоко во вселената, опасности од антиматерија – која ја уништува материјата кога двете ќе се судрат – ќе стане вистинска и прилично непредвидлива.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: astronomy.com

Сподели.