Дали има закони кои ќе Ве заштитат доколку Ви падне вселенски отпад врз домот?

0

На 8-ми мај во 2021 година, дел од вселенски отпад од Кинеската ракета неконтролирано падна на Земјата во Индискиот Океан близу Малдивите.

Пред една година, во мај 2020 година, истото се случи и со една друга Кинеска ракета кога неконтролирано падна во водите на Западниот Африкански залив. Никој не можеше да претпостави каде ќе падне вселенскиот отпад, па на сите многу ни олесна кога отпадот не удри никаде и не повреди никого.

odpad 1

Отпад од леталото Салјут 7 кој паднал во Аргентина во 1991 година. Заслуги: Carloszelayeta/Wikimedia Commons/CC BY SA 4.0

Вселенски отпад е било кој непотребен вештачки отпад во вселената. Па како резултат на вестите во медиумите околу вселенскиот отпад, јавноста почнува да поставува некои прашања.

Дали паѓањето може да се спречи? Што ќе се случи доколку настане штета? И кој ќе ги регулира новите компании кога вселенските активности и лансирања ќе зачестат?

Кога се во прашање регулациите и законите, тие мора да исполнуваат три основни работи: регулациите мора да спречуваат што е можно повеќе опасни ситуации, мора да постои начин да се надгледува и изврши следењето на регулациите и законите мора да содржат санкции и начини на справување со непосакуваните ситуации.

Па како моменталните закони и интернационални спогодби за справување со вселенски отпад одговараат на горенаведните карактеристики? Иако тие се во ред, кога ќе се земат во предвид законите за заштитувањето на околината, изгледа дека постои простор за подобрување.

Што ако некоја ракета се урне врз Вашиот дом?

Замислете, наместо кинеската ракета да паднеше во океан, да удреше во некоја куќа или зграда. Според моменталните закони, како треба да се постапи во оваа ситуација?

Обединетите Нации имаат усвоено два договори околу ова прашање. Според  Договорот за регулирање на активностите при истражувањето и користењето на вселената, потпишан во 1967 година и Конвенцијата за интернационална одговорност за штети предизвикани од вселенски објекти потпишана во 1972 година, сѐ се сведува на проблеми помеѓу владите на државите. Во договорите е наведено дека државите се одговорни за било која штета предизвикана од вселенско летало, дури и ако вселенското летало е на некоја приватна компанија.

Уште повеќе, државите немаат потреба да истражуваат дали некој неодговорно постапил, дали нешто тргнало наопаку со вселенското летало или пак некој дел од леталото предизвикал штета на површината на Земјата или друго воздушно летало.

Едноставно кажано, доколку отпадот од Кинеската ракета удреше во вашата куќа, вашата влада ќе треба да бара компензација за штетата преку соодветните дипломатски канали и тогаш да Ви платат за штетата, секако доколку тие се согласат за тоа.

Иако шансите за некој сателит да се сруши на земјена површина се мали, тоа се има случено претходно. Во 1978 година, Советскиот сателит Космос 954 падна во Северозападните Територии на Канада.

Кога се сруши сателитот, радиоактивниот отпад од нуклеарниот реактор во леталото се рашири низ широката област околу точката на удирање. За расчистувањето беше задолжен Канадско-Американски тим кој потроши над 14 милиони Канадски долари (11.5 милиони американски долари). Канадските власти побараа 6 милиони Канадски долари, но владата на Советскиот Сојуз им плати само 3 милиони Канадски долари.

Ова беше првиот и единствениот пат кога членовите од Конвенцијата за одговорност беа применети за случај кога вселенско летало на една држава удри во териториите на друга држава. Кога се примени Конвенцијата за одговорност за овој случај, се појавија 4 регулативни норми.

Државите се должни да: ги известат другите држави за отпадот, да обезбедат релевантни информации во случај на удирање, да ја исчистат штетата предизвикана од уривањето на вселенското летало и да извршат компензација за повредите кои се предизвикани од уривањето.

Од друга страна, доколку имате сателит во орбита кој е оштетен или удрен од вселенски отпад, Вие и владата на вашата држава треба да истражите и да утврдите кој е виновен. Моментално, не постои глобално координиран систем за менаџирање на вселенскиот сообраќај.

Земајќи ги во предвид десетиците илјади познати парчиња вселенски отпад во орбитата и бројните помали парчиња кои не се следат, утврдувањето што удрило во вашиот сателит е многу тешко.

Вселенското загадување е уште поголем проблем

Моменталните вселенски закони до сега беа ефективни затоа што се применуваа во многу ретки случаи. Па дури и тогаш, проблемите во глобала се решаваа на дипломатско ниво. Како што расте популарноста на вселенските летала, расте и ризикот врз недвижностите и човечките животи, па можно е во иднина почесто да ја применуваме Конвенцијата за одговорност.

odpad 2

Секоја точка на сликата претставува познато парче вселенски отпад. Заслуги: NASA Orbital Debris Program/Wikimedia Commons

Но зголемените ризици врз недвижностите и човечките животи не се единствената последица од загадена вселенска околина. Иако вселенските агенции, компании и осигуреници го земаат во предвид вселенскиот отпад при нивните активности, активистите за одржливоста на вселенската околина велат дека вселенската околина си има своја непроценлива вредност и се соочува со ризик поголем од оној врз индивидуите на Земјата.

Општо познато е дека уништувањето на околината на Земјата преку загадување и прекумерна експлоатација на ресурси негативно влијае врз самата околина и врз живите суштества. Аналогно на ова, истото важи и за вселенската околина, иако немаме директни жртви или штети.

Во случајот со сателитот Космос 954, Канадската власт тврдеше дека Советскиот сателит истурил штетен радиоактивен отпад на Канадска територија. Во рамките на Конвенцијата за одговорност, ова се протолкуваше како „штета врз недвижнини.“

Како што гласи Член 2 од Договорот за регулирање на активностите при истражувањето и користењето на вселената, ниту една држава не може да поседува дел од вселената или некое вселенско тело. Но тоа дали овој член важи и кога е нанесена штета на некој објект во вселената е отворено за интерпретација. Сѐ појасно и појасно е дека вселената е новата граница која треба да се освои што понекогаш може да предизвика и некој трагични ситуации.

Отстранувањето на постоечките големи објекти од орбита кои можат да се судрат едни со други би било добар почеток. Доколку Обединетите Нации и владите излезат со строго дефинирани закони со легални последици за креирање вселенски отпад, тие закони ќе допринесат да се ублажи загадувањето на вселенската околина во иднина.

За да се донесат ефективни закони, ќе треба да размислуваме надвор од кутијата и да не се засноваме на постоечките закони. Водичот за ублажување на вселенскиот отпад од 2007 година од Обединетите Нации веќе го потенцира проблемот со отпадот. Иако некои држави имаат донесено национални регулативи базирани на водичот, глобалната имплементација сѐ уште не е завршена. Дополнително, не постојат никакви легални последици доколку акциите од водичот не се почитуваат.

Шансите за некој да го изгуби животот како резултат на урнат сателит се мали и блиски до нула. Дури и ако се случи вакво нешто, моменталните вселенски закони се релативно добра рамка за справување со ваков случај.

Но исто како и во почетокот на 20-тиот век на Земјата, моменталните закони се фокусираат на индивидуите, а не на поголемата слика од околината – иако оваа околина е студена, темна и непозната.

Донесувањето и спроведувањето на вселенските закони кои спречуваат вселенско загадување и ги санкционираат загадувачите, може да помогне да избегнеме небо исполнето со ѓубре.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.