Научниците ги пресметаа шансите за пад на вселенско ѓубре да убие некого

0

Шансите некој  да биде убиен од пад на вселенско ѓубре изгледаат смешно мали. Никој до сега нема загинато од такво нешто и покрај случаите на повреда и штета на имот.

Но, со зголемениот број на сателити кои се лансираат, ракети и сонди во вселената, дали треба да го сфатиме ризикот посериозно?

Заслуги: Mark Farías/Unsplash

Нова студија објавена во Nature Astronomy, ја пресметува можноста да некој загине од пад на вселенско ѓубре во наредниве десет години.

Секоја минута од секој ден остатоци паѓаат од вселената, опасност за која не сме свесни. Микроскопските честици од астероидите и кометите кои паѓаат низ атмосферата до површината на Земјата се вкупно 40,000 тони на прав секоја година. Додека ова не претставува проблем за нас, овој вид на остатоци може да ги оштетат вселенските летала – како што беше неодамна случајот со Џејмс Веб телескопот. Од време на време поголем примерок ќе пристигне како метеорит и можеби еднаш на сто години тело со дијаметар од десетици метри успева да помине низ атмосферата и да создаде кратер.

И, за среќа многу ретко, објекти со дијаметар во километри може да стигнат до површината предизвикувајќи смрт и уништување – за што е доказ отсуството на најголемиот дел од диносаурусите на Земјата денес. Ова се примери на природни вселенски објекти, чиешто пристигнување е непредвидливо и повеќе или помалку распоредено по целата површина на Земјата.

Новата студија пак ги истражува шансите на неконтролирано пристигнување на вештачки вселенски објекти, како делови од ракети при лансирање на сателити. Со помош на математички модели за инклинациите и орбитите на ракетните делови во вселената и густината на популацијата под нив, како и податоци за сателитите од минатите 30 години, авторите претпоставуваат каде би паднало ова вселенско ѓубре на Земјата.

Откриле дека има мал, но значаен ризик, за делови да паднат во следната деценија. Ова е поверојатно да се случи на јужните географски ширини отколку на северните. Всушност оваа студија откри дека ракетните тела е три пати поверојатно да паднат врз ширините на Џакарта во Индонезија, Дака во Бангладеш или Лагос во Нигерија отколку оние на Њу Јорк, Пекинг или Москва.

Авторите исто така пресметале и очекуван број на жртви за време на следната деценија како резултат на неконтролирани падови на ракети. Под претпоставка дека секое повторно влегување во атмосферата ги раширува остатоците на област од десет m2 шансите за една или повеќе жртви се поголеми од 10% во наредната деценија.

До сега шансите за ваква несреќа се сметале за незначајни. Повеќето студии се фокусираат на ризикот во орбита од страна на расипани сателити кои може да пречат на безбедните операции и функционирање на останатите сателити. Неискористените гориво и батерии исто така доведуваат и до експлозии во орбита кои генерираат додатен отпад.

Но, како што бројот на ентитети во бизнисот на лансирање ракети се зголемува – и се движи од сферата на државна контрола кон приватните бизниси – многу е веројатно да бројот на несреќи, и во вселената, и на Земјата, како онаа по лансирањето на кинескиот „Долг марш 5b“, да се зголеми.

Новата студија затоа предупредува дека вредноста од 10% е конзервативна претпоставка.

Што може да се стори?

Има различни технологии кои може да помогнат во контролирањето на влезот на вселенски остатоци, но се скапи за имплементација. На пример, вселенските летала може да се „пасивизираат“, при што неискористената енергија, како гориво и батерии, може да се истроши наместо да се сочува и по крајот на животниот век на леталото.

Изборот на орбита за сателитите исто така може да ги намали шансите за создавање на опасни остатоци. Расипан сателит може да се програмира да влезе во ниска орбита околу Земјата по што би согорел.

Исто така има и обиди да се лансираат ракети кои може повторно да се искористат, кои на пример, SpaceX ги демонстрираше а Blue Origin ги развива. Овие ракети создаваат многу помалку остатоци, иако ќе дојде до лупење на дел од металот и бојата при враќањето на Земјата на контролиран начин.

Многу агенции ги сфаќаат ризиците сериозно. Европската вселенска агенција планира мисија за заробување и отстранување на вселенското ѓубре со помош на робот со четири раце. Обединетите нации, преку својата канцеларија за прашања во вселената, во 2010 објавија водичи за намалување на создавањето на вселенски остатоци кој беа повторно потврдени во 2018.

Сепак, како што авторите на студијата потенцираат, ова се водичи, не меѓународен закон, и не даваат спецификации за тоа како овие активности треба да се имплементираат и контролираат. Студијата вели дека напредокот во технологиите и подобро обмислениот дизајн на мисиите би го намалиле степенот на неконтролиран влез на вселенско ѓубре, намалувајќи го ризикот низ планетата. Авторите велат дека „неконтролираниот влез на ракетни тела во атмосферата е проблем кој бара колективна акција. Решенијата постојат, но мора да се имплементираат од сите држави кои лансираат.“

Барањето да владите работат заедно не е без преседан, како што е договорот за забрана на хлорофлурокарбонатите кои ја уништуваат озонската обвивка.

Но, за жал, една ваква акција бара голем настан со значајни последици за северната хемисфера пред да се случи било што. Исто така промените во меѓународните протоколи и конвенции бараат време.

За пет години ќе имаат поминато седумдесет години од лансирањето на првиот сателит во вселената. Би било соодветен начин да се прослави овој јубилеј со построг и задолжителен меѓународен договор во однос на вселенското ѓубре ратификуван од сите земји на Обединетите нации. На крајот на денот сите нации би имале корист од ваков договор.

Извор: www.sciencealert.com

Превод: Максим Осман-Николов

Сподели.