Тргнавме од огромниот интерес за организирање на предавања по астрономија прилагодени за деца, почнавме да го планираме без големи очекувања, а завршивме со учество во нешто за кое никој не претпоставуваше дека ќе постигне толку голем успех.
Оваа година, за првпат, во организација на Скопското астрономско друштво, се случуваше Курс по астрономија за деца под 12 години. Беа најавени предавања, работилници, набљудувања и други активности на тема астрономија.
Уште во првите 24 часа, за курсот се пријавија 35 деца, а до крајот на пријавувањето оваа бројка се приближи до 70. Поради големата заинтересираност, курсот го организиравме во две групи, поделени според возраста на децата. Предавањата и активностите за двете групи се одвиваа во вторник и четврток, во два посебни термини. Курсот траеше три недели, од 6-ти до 22-ри јуни 2017 година, а во активностите учествуваа вкупно 62 деца и дел од нивните родители.
Курсот започна со посета на Планетариумот. Учевме како да се снаоѓаме на ноќното небо, како да ги препознаваме планетите, ѕвездите и соѕвездијата на небото.
Се запознавме, се сликавме во космонаутски костим и гледавме низ телескоп.
На второто предавање, зборувавме за растојанијата во Сончевиот Систем и пошироко, за нашата галаксија, Млечен Пат, за местата каде се раѓаат и умираат ѕвездите и за нашето место во Вселената. На крајот, како експеримент „зготвивме“ спирална галаксија и во неа го најдовме нашето Сонце!
По предавањето, излеговме надвор за да ги видиме Месечината и Јупитер низ телескоп.
Третото предавање вклучуваше многу цртање. Со првата група, откако нацртавме над 30 поголеми небесни тела од Сончевиот Систем, излеговме надвор и видовме дека не е лесно да се одглуми Сончевиот Систем.
Втората група нè однесе на далечно патување до секоја од осумте планети во Сончевиот Систем, презентирајќи ги одличните заеднички цртежи и интересните факти за планетите.
Следното предавање се одржа на отворено и се состоеше во прошетка низ нашиот Сончев Систем, во соодветен размер. Тргнавме од Сонцето, ги поминавме карпестите планети и стигнавме до Уран, а Нептун беше толку далеку, што до него не можевме да стигнеме пеш.
По пат, зборувавме и за растојанието на Земјата и Месечината и ја следевме големината на Сонцето како што се оддалечувавме од него.
Претпоследното предавање се состоеше од низа различни експерименти.
Научивме зошто свети Месечината, како настануваат затемнувања и зошто на Земјата постојат годишни времиња.
Видовме како се прекршува светлината кога гледаме низ телескоп и како се поставени ѕвездите во соѕвездијата. За крај, направивме наша сопствена комета!
Видео 1: Филип Парталовски и неговата студена мини-комета
Последната средба беше полна со изненадувања.
За почеток, им ги доделивме дипломите на вредните мали астрономи и нивните посветени родители, кои беа главниот фактор за курсот да биде толку успешен.
Тие, со својот ентузијазам за астрономијата, со заинтересираноста и активноста на предавањата и надвор од нив, ни докажаа дека вредеше да го организираме овој курс и дека ова нема да биде единствен пат кога тој ќе се одржи.
Откако завршивме со доделување на дипломите, на сцената настапи Зоран Аврамовски и ја подигна возбудата со најава дека подоцна ќе лансираме наша сопствена мала ракета!
Но, подготвивме и уште едно големо изненадување: во посета ни дојдоа Капетан Ива Матиќ и Поручник Анѓел Владимиров, двајца професионални пилоти од Армијата на Република Македонија!
Тие нè научија дека првиот чекор за да се стане астронаут е многу учење и работа, за да се стане пилот, а потоа можеби и астронаут, космонаут… Можеби токму во оваа група на деца се кријат идни патници во Вселената?
Сите се сликавме со нив и со нивните кациги.
Ниту членовите на САД не беа исклучок – ние бевме исто толку возбудени.
Потоа излеговме во дворот за спектакуларниот крај на нашата дружба.
Се оддалечивме на безбедно растојание и… погледнете го видеото, бидејќи е тешко да се опише со зборови.
Благодарност до сите деца и родители кои го посетуваа курсот, до предавачите, гостите и сите останати кои помогнаа за да ја оствариме оваа прекрасна активност во која сите уживавме. За оние што пропуштија: ве очекуваме на следниот курс!
Текст: Марина Димовска
Заслуги за фотографиите и видеата: Членовите на САД и родителите на децата од курсот