Пред ерата на Аполо, се мислеше дека Месечината е сува како пустина поради екстремните температури и суровоста на вселенската околина. Оттогаш многу истражувања имаат откриено вода на Месечината: мраз во засенети поларни кратери, вода врзана во вулкански карпи и неочекувани ‘рѓосани наслаги на железо во месечевата почва. И покрај овие откритија, сè уште нема вистинска потврда за количината или потеклото на вода на месечевата површина.
Преовладува теоријата дека позитивно наелектризираните водородни јони придвижени од сончевиот ветер ја бомбардираат месечевата површина и спонтано реагираат, создавајќи вода (хидроксилна (OH-) и молекуларна (H2O)). Но новата мултинационална студија објавена во Astrophysical Journal Letters предлага дека сончевиот ветер можеби не е единствениот извор на јони кои формираат вода. Истражувачите покажуваат дека честичките од Земјата можат да ја посадат вода на Месечината, што значи дека и други планети би можеле да придонесат вода за нивните сателити.
Водата е далеку позастапена во вселената од првичните мислења на астрономите, од површината на Марс до месечините на Јупитер и прстените на Сатурн, на комети, астероиди и Плутон; откриена е дури и во облаци многу понадвор од нашиот Сончев систем. Претходно се претпоставуваше дека водата стигнала на овие објекти за време на формирањето на Сончевиот систем, но има сè повеќе докази дека водата во вселената е далеку подинамична. Иако сончевиот ветер е веројатно извор за вода на површината на Месечината, компјутерските модели предвидуваат дека половина од тоа би требало да испари и да исчезне во региони со голема географска ширина при приближно трите дена на полна месечина кога истата поминува во магнетосферата на Земјата.
Изненадувачки, најновата анализа на површинските мапи за хидроксил/вода од Маперот на месечева минералогија (М3) на сателитот Чандрајаан-1 покажа дека водата на површината на месечината не исчезнува за време на овој период на заштита од магнетосферата. Се мислеше дека магнетното поле на Земјата го оневозможува сончевиот ветер да стигне до Месечината, така што водата не би можела да се обнови побрзо отколку што се губи, но истражувачите открија дека тоа не е така.
Споредувајќи временска серија на мапи на водени површини пред, за време и по транзитот на магнетосферата, истражувачите тврдат дека месечевата вода може да се обнови со протоци на магнетосферски јони, исто така познати како „Земјин ветер“. Присуството на овие јони произлезени од Земјата во близина на Месечината го потврди сателитот Кагуја, додека сателитските набљудувања на ТЕМИС-АРТЕМИС беа искористени за профилирање на карактеристичните одлики на јоните во сончевиот ветер наспроти оние во магнетосферскиот Земјин ветер.
Претходните набљудувања на сателитот Кагуја за време на полна Месечина откриле високи концентрации на изотопи на кислород кои излегле од озонскиот слој на Земјата и се впечатиле во месечевата почва, заедно со изобилство на водородни јони во егзосферата, огромната проширена атмосфера на нашата планета. Овие комбинирани текови на честички од магнетосферата се суштински различни од оние во сончевиот ветер. Така, најновото откритие на површинска вода во ова истражување ја побива штитната хипотеза, предлагајќи дека самата магнетосфера создава „воден мост“ кој може да ја надополни Месечината со вода.
Истражувањето беше спроведено од мултидисциплинарен тим од експерти од космохемија, вселенска физика и планетарна геологија за истото да ги контекстуализира податоците. Претходните толкувања на површинската вода не ги земале предвид ефектите на Земјините јони и не испитале како површинската вода се менува со текот на времето. Единствените мапи на површината и податоци за честичките кои биле достапни за време на полна месечина во магнетосферата биле во зима и лето 2009 година, а биле потребни изминатите неколку години за да се анализираат и интерпретираат резултатите. Анализата беше особено тешка поради оскудните набљудувања, кои требало да ги споредат истите услови на Месечината низ времето и да ги земат во предвид температурата и составот на површината.
Со овие откритија, идни истражувања за сончевиот ветер и планетарните ветрови можат да откријат повеќе за еволуцијата на водата во нашиот Сончев систем и потенцијалните ефекти на сончевата и магнетосферната активност врз други месечини и планетарни тела. За проширување на ова истражување ќе бидат потребни нови сателити опремени со сеопфатни спектрометри за мапирање на хидроксил/вода и сензори на честички во орбитата и на Месечината, за целосно да се потврди овој механизам. Овие алатки можат да помогнат при предвидување на најдобрите региони за идно истражување, рударство и евентуално населување на Месечината. Практично, ова истражување би можело да влијае на дизајнот на претстојните вселенски мисии за подобро да ги заштити луѓето и сателитите од опасноста од зрачење со честички, а и да ги подобри компјутерските модели и лабораториските експерименти за формирање на вода во вселената.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: phys.org