Видливиот Универзум е помал за 0.7% од она што досега се мислеше

0
Видливиот Универзум е помал за 0.7% од она што досега се мислеше

Заслуги: PICS ABOUT SPACE/WIKIMEDIA

Од последното мерење на големината на видливиот Универзум поминаа повеќе од десет години, а сега имаме ажурирани податоци коишто покажуваат дека видливиот Универзум е помал за околу 320 милиони светлински години во сите насоки.

Да потсетиме, поимот видлив Универзум се однесува на оној дел од Универзумот којшто можеме да го набљудуваме од Земјата, бидејќи светлината на телата коишто ги гледаме имала доволно време да дојде до нас од настанувањето на Универзуот пред 13.7 милијарди години.

Новото мерење го објавиле физичарите Пол Хеплерн (Paul Helpern) и Ник Томазело (Nick Tomasello) од Универзитетот за наука од Филаделфија, притоа користејќи ги податоците за ширење на Универзумот коишто ги собрал сателитот на ESA, Планк. Двајцата покажале дека видливиот Универзум е за 0,7% помал во однос на претходните мерења, со што радиусот на видливиот Универзум е намален од 45,66 на 45,34 милијарди светлински години.

„Разликата од 320 милиони светлински години може да се смета за занемарлива на космичко ниво, но сепак го надополнува нашето знаење за Универзумот,“ изјавува Томазело. Бидејќи ни е познато кога отприлика настанал Универзумот, и дека светлината патува со конечна брзина, можеме да кажеме дека постои граница на оддалеченост којашто светлината можела да ја премине од настанокот на Универзумот до денес. Наведеното ограничување се нарекува честичен хоризонт, и ни помага во одредување на големината на видливиот Универзум.

Но треба да имаме предвид дека Универзумот се шири и побрзо отколку што денешните закони на физиката допуштаат, ако му веруваме на неодамнешното истражување. Затоа е сосема оправдано да се постави прашањето на кој начин да се измери максималната оддалеченост којашто светлината може да ја помине во нешто што константно се шири.

Решение на наведениот проблем понудил уште во 2003 година тим под водство на професор Ј. Ричард Гот (J. Richard Gott) од Универзитетот Принстон, земајќи ја т.н. рекомбинација како почетен момент за мерење. Станува збор за процес кој се случил околу 378.000 година после Големиот Прскот, кога Универзумот доволно се изладил за електроните и протоните да почнат да се врзуваат во атоми на водород. Со комбинација на наведеното случување со стапката на ширење на Унивезумот во исклучително сложена симулација, тимот дошол до податок дека Универзумот има радиус од 45,66 милијарди светлински години.

Еден од важните алатки при ова мерење бил сега пензионираниот сателит WMAP којшто имал задача да го мери позадинското зрачење настанато во текот на Големиот Прскот. Иако сателитот извршил одлична работа, напредокот на технологијата претставена во сателитот Планк донел попрецизни мерења што имало за последица корекција во големината на видливиот Универзум.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.