Соларографите работат на принцип на таканаречена камера опскура или пинхол камера. Се работи за темна комора која на едната страна има мал отвор, додека на другата страна се проектира слика. Сликата е завртена за 180 степени или народски кажано „наглавачки“. На местото каде што се проектира сликата може да се стави фотохартија за да се забележи тоа што сакате да го сликате.
Соларографите кои ние ги изработувавме беа од лименка на енергетскиот пијалок Red Bull. На одредено место на лименката се прави мала дупка, во нашиот случај правевме дупки од 0.6mm и тие се покажа како најдобри, а оние со малку поголем дијаметар прикажаа подебели траги.
Дупката е мала за да може да остави траги од Сонцето, кое поминува низ небесната сфера во текот на 6 месечен период, а при тоа не треба да ја осветли премногу фотохатијата. Во исто време трагата треба да биде што пооштра, како и целата слика. На солографите се забележуваат траги само кога времето е сончево, додека пак, кога Сонцето е прекриено со облаци, особено многу темни, тогаш не се забележува ништо на филмот. Покрај сончевата трага, на солографите може да се забележи и поблискиот пејсаж, па затоа сите оние што прават соларографи се трудат да направат да се види целосна трага на Сонцето, но и да има и интересен пејсаж.
Првиот обид да се направи солограф беше од страна на Мартин, кој ја виде и научи оваа техника на еден твитап настан во Холандија. По една проба, решивме и ние како друштво да направиме солографи и ако ништо повеќе барем убаво се дружевме и забавуваме. Ги повикавме сите членови на друштвото да дојдат да помогнат околу правењето на соларографи и многумина дојдоа и дадоа свој придонес. Со убаво друштво и музика се одеше лесно.
Морам да ги споменам Red Bull кои ни пратија свои претставници во две прилики и не снабдија со Red Bull пијалоци, па така имавме материјал и повеќе од што ни требаше. Од првично планираните 10 лименки завршиме со 30 изработени лименки-солографи.
Ги поделивме на членовите од друштвото, а неколку поставивме и на јавни места. И не ни остана ништо друго освен да чекаме 6 месеци за да видиме резултатите на нашата работа.
По шестте месеци следуваше мало разочарување. Имено, начинот на којшто сме ги затвориле и поставиле лименките, како и долгиот дождовен период, ги уништи повеќето од нив, а успаа само неколку кои биле добро затворени или поставени под стреа.
Но, се надевам дека се научивме од грешките и веќе е поставена втората тура која ќе ја видиме на зима и ќе имаме подобри резултати. Искрено се надевам дека ова ќе прерасне во еден долготраен проект на друштвото и дека во иднина ќе имаме се подобри и поинтересни соларографи. До тогаш уживајте во овие слики каде се гледа процесот на изработка на соларграфите и резултатите од нив. Поздрав до новите соларографи, се надевам некаде околу нова година.
Текст: Радан Митровиќ