Зошто не можеме да фрламе радиоактивен отпад во Сонцето

0

Во филмот Superman IV: The Quest for Peace, главниот херој го собира целото нуклеарно оружје во светот и го фрла во Сонцето. Ова е интересна идеја. Всушност постојано читаме како некој предлага да го фрлиме целото нуклеарно ѓубре во Сонцето. Но, за да го сториме ова се јавува проблем околу орбиталната механика.

sonce

Заслуги: MinutePhysics

Како што можеме да забележиме во ова видео од каналот Minute Physics, количеството делта-ве (разлика помеѓу почетната брзина и брзината која е потребна за да се постигне посакуваната траекторија) е релативно големо. Па, според видеото, полесно е да го напуштите Сончевиот Систем, отколку да стигнете до Сонцето. Уште повеќе, колку сте поблиску до сонцето, толку е потешко да се стигне до истото.

До сега имаме пратено само едно вселенско летало близу Сонцето. Тоа е леталото Улис на НАСА и ЕВА од 1990 година. За да стигне леталото до Сонцето, научниците го пратија прво до Јупитер. Улис ја искористи гравитацијата на Јупитер за да ја промени својата траекторија и да направи неколку блиски прелети до Сонцето, по еден на секои шест години. Во видеото се спомнува и Соларното Вселенско Летало Плус (анг. Solar Probe Plus) на НАСА кое ќе се доближи до надворешните слоеви на Сонцето. Ова летало ќе направи повеќе блиски прелети покрај Венера за да влезе во траекторија која минува блиску до Сонцето.

Соларното Вселенско Летало Плус тежи 610 килограми. Потребна е ракета од 375 милиони долари со тежина од 733 тони за да се лансира леталото од Земјата и да се насочи во прецизната насока кон Венера, а потоа и да се доближи до Сонцето на 6 милиони километри. Но доколку сакаме да се испратиме отпад со голема тежина точно на површината на Сонцето, потребните финансиски ресурси и инженерски предизвици би биле незамисливо големи.

Најголемата бомба до сега е Царската Бомба која тежела 27 тони. За да лансирате толку тежок товар до Сонцето ви се потребни многу поголеми инженерски чуда од вселенската ракета Делта 4.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: astronomy.com

Сподели.