Првите ѕвезди во Универзумот имаат оставено уникатен потпис

0

Одредувањето на шемата на хемиското изобилие оставено од најраните ѕвезди не е лесна работа.

Првите ѕвезди во Универзумот се формирале околу 400 милиони години по Големиот прскот (Big Bang) – пред околу 13.8 милијарди години. Во овие ѕвездени фурни, нуклеарните процеси ги фузираат водородот и хелиумот во потешки елементи.

Меѓународен тим воден од Брајан Бачер од Националната лабораторија Лоренс Ливермор (Lawrence Livermore National Laboratory) направил значаен придонес во можноста да се претпостават уникатните хемиски траги оставени од овие рани ѕвезди со првото дирекно мерење на нуклеарна реакција во ѕвездени услови. Истражувањето може да се најде во изданието на Physical Review Letters од 26 јуни.

Верификацијата на постоењето на овие ѕвезди е важно за да се разбере еволуцијата на Универзумот. Астрономите со години бараат долговечна ѕвезда со мала маса која има уникатна нуклеосинтетска шема која се совпаѓа со предвидената.

За точно да се одреди хемискиот потпис на овие ѕвезди потребно е правилно моделирање на ѕвездите и нивните нуклеарни реакции. Една реакција која влијае на многу клучни својства во хемиската шема е фузијата на две јаглеродни јадра во јадро на магнезиум и еден неутрон. Сепак, мерењето на ѕвездените реакции во лабораторија е тешко поради тоа што шансите за успешна реакција се многу мали.

Но, во горенаведеното истражување, научниците направиле успешно мерење на оваа јаглеродна реакција на фузија при ѕвездени енергии со помош на лабораториски забрзувач.

Со ова се зголемува прецизноста на ѕвездените модели и се помага во идентификацијата на првата генерација ѕвезди и нивните супернови.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Phys

Сподели.