Breaktrough Listen, приватен проект кој трага по доказ за вонземска интелегенција, започна со операции на MeerKAT радио телескопската мрежа во Јужна Африка. Во наредните две години, тимот ќе изврши проверка на над еден милион блиски ѕвезди, проширувајќи го бројот на набљудувани цели за фактор од 1000.
„Многу сум возбудена за тоа што ќе можам да пребарувам користејќи го еден од најсензитивните телескопи на светот“ вели Др. Чери Нг. проектен научник при Breaktrough Listen. „MeerKAT ќе ни овозможи да детектираме радио трансмитери налик најсјајните на Земјата до растојание од 250 светлосни години.“
Во тој опсег се наоѓаат околу 260,000 ѕвезди. За ѕвездите надвор од него потрагата станува потешка, но сепак има шанси да се детектираат сигнали и од подалечни извори. „Потрагата по вонземна интелегенција“ (SETI) ретко добива финансии за истражување. НАСА генерално го избегнува SETI по откажувањето на планираната високо резулуциска микробранова претрага во 1993.
SETI се асоцира со теории на заговор кои понекогаш го засенуваат неговиот потенцијал да даде одговор на едно од најголемите прашања кои може да ги постави човештвото: дали сме сами во универзумот?
SETI доби поддршка во форма на финансии минативе години од милијардерите Јулија и Јури Милнер.
Breaktrough Listen функционира користејќи ги телескопите во Зелен Брег (Green Bank), САД; Паркс, Австралија и др. MeerКАТ ќе биде најнов меѓу нив. Мрежата на MeerKAT е составена од 64 антени кои може да набљудуваат област 50 пати поголема во однос на телескопот во Зелен Брег. Она што е важно е што софтверот на Breaktrough Listen кај оваа опсерваторија овозможува комензална работа, односно да се поврзат со него и да го прават своето пребарување без да интерферираат со набљудувањата на другите астрономи.
„Толку големо поле за набљудување типично содржи многу ѕвезди кои се интересни кандидати“, вели главниот истражувач на Breaktrough Listen Др. Ендру Сиемион. „Нашиот нов суперкомпјутер ни овозможува да комбинираме сигнали од 64-те антени за да добиеме скенови на овие цели со висока резулуција и одлична сензитивност, без да им пречиме на останатите астрономи кои ја користат мрежата.“
Една од првите цели ќе биде Проксима Кентаури, блиска ѕвезда со две карпести планети во населливата зона. Астрономите имаат различни мислења околу тоа дали има технолошки цивилизации кои може да се најдат. Од едниот камп велат дека доколку се таму би ги виделе до сега. Ова е премисата на фермиевиот парадокс, кој сугерира дека животот е најверојатно чест во универзумот, што од друга страна прави да е многу чудно што не сме го забележале до сега.
Познатата дрејкова равенка, формулирана во 1961, се обидува математички да го претстави фермиевиот парадокс со конкретни веројатности за наоѓање на живот на друго место.
До сега нема знаци од вонземјани. Поединечните чудни настани како Wow! сигналот од 1977 не се јавиле повторно во последователните истражувања. Овие настани во најдобар случај се само некомплетни траги дека можеби има нешто таму надвор. Алтернативно, често се испоставува дека станува збор за сигнали од Земјата, погрешно интерпретирани како вонземни.
Премисата на Breakthrough Listen е дека ако не трагаме по него нема ни да го добиеме одговорот. Моќните способности на MeerKAT ќе ја направат таа претрага потемелна. Само времето ќе покаже што ќе откријат, или не.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: www.sciencealert.com