Потенцијалниот контакт со вонземски свет може да даде повеќе одговори за природата на човекот отколку за вонземјанецот

0

Првиот контакт со вонземјански интелигентен свет (ETI), не само што е многу честа тема во научно фантастичните филмови, туку денеска е и тема на истражувања и дискусии меѓу научниците и академците. Оваа тематика е многу голема, опфаќа експертиза од најразлични научни дисциплини и може да се случи предвидувањата од различни студии да бидат контрадикторни. Таков пример е студијата што се фокусира на влијанието на целокупното човештво од потенцијален контакт со вонземјани. Тоа не мора да биде некоја сцена од популарен научно фантастичен филм,  доволно е само нашите истражувачки центри за потрага по вонземски живот (SETI) да детектираат интелигентен вонземски сигнал. Сосема очекувано е дека тоа ќе има огромно значење за научниот свет, но се поставува прашањето како тоа би влијаело врз останатата цивилизација.

ЕТ

Заслуги: Anna Shishova/EyeEm/Getty Images

Во прилог ќе се споменат две студии што одговараат различно на ова прашање. Едната е издадена во 2020 год., а втората е издадена неодамна од страна на aвтори чија работа е поврзана со институции како НАСА, Пен Стејт ЕТИ Центарот, Одделот за филозофија на колеџот Спринг Хил и Правниот факултет на Харвард. Дискусиите се интересни без разлика дали верувате дека контакт со вонземјански живот е можен или не. Истите даваат повеќе одговори за модерниот човек, отколку за потенцијалниот вонземјанец.

Студијата од 2020 година „Потрага по вонземска интелигенција: реалполитичко размислување“, од страна на Кенет Висијан (Kenneth Wisian, научник од центарот за Вселенски истражувања во Универзитетот во Тексас) и Џон Трафаган (John Traphagan од Катедра за религиозни студии и програма за човечки димензии на организациите, исто така од Универзитетот во Тексас), предвидува дека детектирањето на вонземски сигнал би предизвикало бурна реакција пред се кај религиозните луѓе. Не се исклучени пресврти во религиозните држави и насилства од екстермисти. Меѓутоа се предвидува дека тоа би траело кратко. По некое време се очекува дека нормалниот човек (но не и научната фела) ќе заборави на истото и ќе продолжи со својот живот. Од друга страна државниците и самите нации би биле заинтересирани за бенефициите од монополизација на пристапот до комуникацијата. Ако претпоставиме дека вонземскиот свет со кого се воспоставила комуникација е технолошки многу понапреден од нас, тогаш секоја држава што би го монополизирала пристапот до комуникација би имала голема технолошка предност. Оваа студија го поврзува идното однесување на нациите со реалполитика (т.н неореализам или реална политика ги претстваува реалните политички намери наспроти теоретските и етичките). Се претпоставува дека лидерите на државите ќе сакаат да воспостават монопол врз системот за вонземјанска комуникација и тоа може да предизвика конфликти. На пример, кога Кина, Русија или Сад би сакале или имале таквата технолошка предност тогаш би дошло до несакани последици. За да се избегнат конфликти и воспоставување на монополи авторите на студијата советуваат дека опсерваториите како на пример радио телескопите треба да бидат многу побезбедни од сега и би требало да имаат безбедосен систем како на нуклеарните централи. Исто така треба да се размислува за мерки за обезбедување на научниците што работат во центрите и нивните фамилии.

Од друга страна пак, студијата од оваа година насловена како “Геополитички импликации на успешна СЕТИ (SETI- потрага по вонземска интелигенција) програма”, издадена во списанието Вселенски Политики не се согласува со повеќето од сценаријата на претходната спомената студија. Авторите укажуваат дека иако е можно сценарио за реалполитика, истата можност има мала веројатност за реализирање. Наместо да се размислува за заштита од монополизација на системот за комуникација треба да се размислува за слободно споделување на информациите. Научната фела работи врз основите на споделената, а не сокриената информација. Споделувањето на информациите во јавност е пореално сценарио ако се земе во предвид фактот дека кај западно европските држави најголемите опсерватории се мултинационални, составени од тимови и партнери од различни делови од светот. Исто така придобивките од монопол не се големи затоа што и ако претпоставиме дека споделувањето на вонземска технологија е можно, сепак мали се шансите дека ние би ја разбрале и искористиле. Студијата го споредува тоа со споделување на план за нуклеарна централа со луѓето од средновековната доба, тие не би знаеле да ги искористат тие информации. Се поставува и прашањето која е специфичната технолошка предност, бидејќи и денес постојат нуклеарни биохемиски оружија кои можат да го уништат светот. Ако се спроведат мерките препорачани од првата студија, тогаш затворениот проток на информации само ќе го зголеми сомнежот и недовербата од останатите држави и наместо да се избегнат ќе се создадат услови за конфликти и реалполитика. Како и да е и оваа студија предвидува ризици за научниците што би работеле во тие тимови, но наместо реалполитика поверојатна опасност би биле лажните информации, обвинувањата и вознемирувањата од се поголемата анти-научна група на луѓе, ефект што за жал го видовме во текот на ковид пандемијата.

Заклучокот од студијата е дека иако конфликти и реалполитика не се невозможни, тие се само едно од можните сценарија за нашиот одговор на успешна SETI програма. Па така наместо криење и зголемување на безбедностата, студијата предлага поголема транспарентност, ширење на податоците и зголемената едукација.

Студиите може да се причитаат на следниве линкови:

Студија 2020 https://www.sciencedirect.com/science/article/abs/pii/S0265964620300199

Студија 2022

https://arxiv.org/abs/2209.15125

 

Сања Павлова

sciencealert.com

Сподели.