Потрага по вештачки радиобранови емитувања од Оумуамуа

0

Уметнички приказ на меѓуѕвездениот објект Оумуамуа. Заслуги: ESA/Hubble; NASA; ESO; M. Kornmesser

За прв пат, забележавме посетител од друг ѕвезден систем во нашата непосредна близина. Но што всушност претставува истиот? Дали е астероид, комета или пак вонземски артефакт.

Научниците од SETI институтот се обидоа да одговорат на ова прашање користејќи ја Низата Аленови Телескопи (НАТ, Allen Telescope Array – ATA) за да го набљудуваат Оумуамуа кога тој се наоѓаше на растојание од околу 270 милиони километри, речиси колку дијаметарот на орбитата на Земјата. Нивната цел беше мерење на вештачки радио преноси кои, доколку бидат откриени, би биле силен доказ дека овој објект не е само некоја обична карпа, фрлена во вселената од некој случаен настан во нејзиниот домашен ѕвезден систем.

„Ние бараме сигнал кој ќе покаже дека овој објект содржи некаква технологија – има вештачко потекло,“ вели Гери Харп, главен автор на научниот труд објавен во Acta Astronautica во Февруари 2019 година. „И покрај внимателното пребарување, ние не најдовме такви емитувања. Додека нашите набљудувања не ја исклучуваат можноста за вештачко потекло, тие претставуваат важни податоци за да пристапиме до неговиот состав.“

По неговото откривање во Октомври 2017 година, Оумуамуа беше предмет на популарна шпекулација за можно вештачко потеклоцџз во голема мера бидејќи потсетуваше на меѓуѕвездениот вселенски брод од романот Rendezvous with Rama на Артур Ц. Кларк. Неговиот значително издолжен облик и фактот дека нема опашка, за некои луѓе ги засили хипотезите бидејќи ваквите карактеристики не се вообичаени за астероидите и кометите.

Неодамнешен научен труд, објавен во Astrophysical Journal Letters од истражувачи во Харвард ја предложи можноста дека Оумуамуа е внимателно конструирана структура. Истражувачите од Харвард тврдат дека малото неочекувано забрзување кое беше забележано, би можело да биде предизвикано од притисокот на сончевата светлина, додека Оумуамуа се движеше покрај сонцето. Нивната хипотеза е дека овој објект може да биде едноставно пловило кое, намерно или ненамерно, било испратено наваму. Вештачкото потекло се смета за нешто поверојатно бидејќи нашиот соларен систем е многу далечна цел за било кој објект кој не е прецизно насочен кон нас.

Ваквите аргументи ја засилуваат важноста од набљудувања како оние спроведени од НАТ кои можат да ја одредат вистинската природа на Оумуамуа.

Набљудувањата беа направени помеѓу 23 Ноември и 5 Декември 2017 година, користејќи го корелаторот со широк опсег на НАТ за фреквенциите помеѓу 1 и 10 GHz и со фреквентна резолуција од 100 kHz. Во текот на набљудувањата, никои од пронајдените сигнали не беа доволно моќни за да произлезат од предавател кој се наоѓа на објект со моќност од 30 до 300 mW. Во делови од радио спектарот кои често се преполни со телеметрија на вештачки сателити, прагот на детекција беше висок дури и до 10 вати. Во секој случај, овие ограничувања кои можат да бидат откриени се прилично скромни – во споредба со оние од мобилните телефони и радио предавателите.

Иако не беа пронајдени сигнали кои доаѓаат од Оумуамуа, извештаите од ваквите набљудувања на научниците од SETI институтот може да бидат од корист при одредување на природата на било кои меѓуѕвездени објекти откриени во иднината, или пак, дури и малите, добро познати објекти во нашиот сончев систем. Долго се претпоставуваше дека некои од овие објекти би можеле да бидат меѓуѕвездени сонди, а радио-набљудувањата нудат начин да ја утврдат оваа имагинарна, но не и невозможна, идеја.

Превод: Теодор Ангеловски
Извор: Phys.org

Сподели.