НАСА потврди дека DART мисијата успешно го променила правецот на движење на астероид

0

Мисијата на НАСА, наречена DART (Double Asteroid Redirection Test), при којашто вселенското летало намерно беше судрено со астероидот Диморфос, успешно ја промени орбитата на овој астероид. Ова е првпат во историјата на човештвото со испланиран судир да се промени движењето на некој вселенски објект.

Заслуги: NASA/ESA/STScI/Hubble

Пред ударот, на астероидот му биле потребни 11 часа и 53 минути да орбитира околу својот “родител” астероид. По ударот, кој се случил на 26 септември, научниците со помош на телескопи од Земјата го набљудувале и утврдиле за колку ова време се променило. Имено, тие утврдиле дека ударот од вселенското летало предизвикал промена од 32 минути, односно сега времето на орбитирање изнесува 11 часа и 23 минути. Администраторот на НАСА, Бил Нелсон вели дека НАСА се обидува да биде подготвена за се што универзумот може да “фрли” врз нас, како и дека секој од нас има должност да го штити единствениот дом кој го знаеме, нашата планета Земја.

Фокусот на истражувачкиот тим којшто се’ уште прибира податоци за астероидот, е насочен кон утврдување на ефикасноста на т.н преносен момент, односно од аспект на физика, моментот кој се пренесува од една честичка на друга при нивен судир или интеракција. Ова вклучува и понатамошна анализа на многуте тони, астероидни карпи и остатоци кои се расфрлани низ вселената.

Лори Глејз, директор на одделот за планетарна наука во НАСА, зборува за важноста на една ваква мисија: “Овој резултат е еден важен чекор кон целосно разбирање на ефектот од ударот на DART со својата цел, астероидот. Како што секојдневно се добиваат нови податоци, астрономите ќе бидат во можност да проценат дали и како, една мисија од типот на DART, може да биде применета во иднина со цел да се заштити Земјата од удар од астероид доколку некогаш се детектира таков.”

орб
За околу четири години од сега,со проектот Хера на Европската Вселенска Агенција се планира да се направи детално истражување на двата астероида, Диморфос и Дидимос, со посебен фокус на кратерот којшто се формирал како резултат на ударот, како и прецизно мерење на масата на астероидот.

Превод: Моника Тодевска

Извор: nasa.gov

Сподели.