Последни слики од Ултима Тули на Нови Хоризонти

0

Научниците од мисијата го составија овој „филм за збогум“ од 14 различни слики од Далекосежниот извиднички апарат (Long Range Reconnaissance Imager – LORRI) Нови Хоризонти кратко откако вселенското летало прелета покрај објектот од Кајперовиот појас именуван Ултима Тули (официјално име 2014 MU69) на 1 јануари 2019 година. Централниот кадар од оваа секвенца е сликан на 1 јануари во 05:42:42 по универзално време, кога Нови Хоризонти беше 8862 километри подалеку од Ултима Тули, околу 6,6 милијарди километри од Земјата. Осветлениот раб на објектот е заматен во секој посебен кадар бидејќи за време на ова брзо скенирање се користела релативно голема експозиција за да се зголеми сигналот на камерата – но научниот тим ги состави и обработи сликите за да го отстрани заматувањето и да го заостри тенкиот раб. Ова е најдалечниот филм од било кој објект во нашиот Сончев систем направен од вселенско летало. Сликите откриваат оцрт од „скриениот“ дел од Ултима Тули кој не беше осветлен од Сонцето при поминувањето на вселенското летало, но може да се „преслика“ бидејќи го попречувал погледот кон позадинските ѕвезди во сликата. Заслуги: НАСА/Џонс Хопкинс лабораторија за применета физика/Југозападен Истражувачки Институт/Национална опсерваторија за оптичка астрономија

Нова живописна низа на слики од вселенското летало Нови Хоризонти на НАСА нуди последен поглед кон објектот од Кајперовиот појас наречен Ултима Тули – целта од новогодишниот прелет на леталото и најдалечниот објект некогаш истражен.

Нови Хоризонти ја сликаше оваа слика од објектот 2014 MU69 од Кајперовиот појас (именуван Ултима Тули) на 1 јануари 2019, кога вселенското летало на НАСА беше на далечина од 8862 километри. Сликата лево е „просекот“ од десет слики сликани од Далекусежниот извиднички апарат (Long Range Reconnaissance Imager – LORRI); осветлениот раб на објектот е заматен во секој посебен кадар бидејќи за време на ова брзо скенирање се користела релативно голема експозиција за да се зголеми сигналот на камерата – но научниот тим ги состави и обработи сликите за да го отстрани заматувањето и да го заостри тенкиот раб. Заслуги: НАСА/Џонс Хопкинс лабораторија за применета физика/Југозападен Истражувачки Институт/Национална опсерваторија за оптичка астрономија

Ова не се последните слики од Ултима Тули кои Нови Хоризонти ќе ги прати назад кон Земјата – всушност, следуваат уште многу други – но се последните слики од објектот од Кајперовиот појас, со официјално име 2014 MU69, сликани додека истиот се оддалечувал со брзина од 50000 километри на час на 1 јануари. Сликите се сликани речиси 10 минути откако Нови Хоризонти ја помина најблиската точка до објектот.

„Ова навистина е неверојатна низа на слики, сликани од вселенско летало кое истражува мал свет на четири милијарди милји од Земјата,“ изјави главниот истражувач на мисијата Алан Стерн, од Југозападниот истражувачки институт. „Нешто вакво никогаш претходно не било сликано.“

Новообјавените слики исто така содржат важни научни информации за формата на Ултима Тули, која се покажува како едно од големите откритија од прелетот.

Првите слики од Ултима Тули одблизу – со неговите два одвоени и навидум сферични делови – ги наведоа набљудувачите да го наречат објектот „снешко“. Сепак, понатамошната анализа на сликите од доближувањето и овие нови слики сликани при заминувањето на леталото го промени ова мислење, делумно со откривање на оцрт од делот од објектот кој не беше осветлен од Сонцето, но можеше да се „оцрта“ бидејќи ги блокираше ѕвездите во позадината.

Сврзувајќи 14 од овие слики во краток филм за збогум, научниците од Нови Хоризонти можат да потврдат дека двата дела на Ултима Тули не се сферични. Поголемиот дел, наречен „Ултима“ наликува на огромна палачинка, а помалиот дел, наречен „Тули“ има форма на вдлабнат орев.

Знаењата на научниците за Ултима Тули се променија додека тие разгледуваа дополнителни податоци. „Стариот приказ“ во илустрацијата е основан на слики сликани на денот на најблискиот прелет на Нови Хоризонти до објектот од Кајперовиот појас на 1 јануари 2019 година, предлагајќи дека и „Ултима“ (поголемиот дел, или топка) и „Тули“ (помалиот) се речиси совршени сфери кои одвај се допираат една со друга. Сепак по анализирање на повеќе податоци, во нив вклучувајќи и неколку доста живописни слики од светлосниот срп на објектот сликани 10 минути по најблискиот прелет, се издвои „нов опис“ на формата на објектот. Ултима е поблиску до палачинка, додека Тули изгледа на „вдлабнат орев.“ Долниот приказ е најдобриот модел за формата на Ултима Тули кој тимот го има произведено, кој сепак е доста несигурен, должејќи се на тоа што цел оддел од објектот беше неосветлен од Сонцето, и со тоа скриен при прелетот на Нови Хоризонти. Сините испрекинати линии ја опишуваат несигурноста во таа хемисфера, која покажува дека Ултима Тули би можела да биде или порамна или понерамна од приказот. Заслуги: НАСА/Џонс Хопкинс лабораторија за применета физика/Југозападен Истражувачки Институт

„Имавме одреден впечаток за (формата на) Ултима Тули заснован на ограничениот број на слики вратени во деновите по прелетот, но со испитување на повеќе податоци тој впечаток значително се промени,“ изјави Стерн. „Би било поблиску до вистината да се каже дека формата на Ултима Тули е порамна, налик на палачинка. Но, што е поважно, новите слики создаваат научни загатки за тоа како ваков објект воопшто би можел да се формира. Никогаш не сме виделе нешто вакво во орбита околу Сонцето.“

Сликите од заминувањето беа сликани од различен агол од сликите од доближувањето и даваат дополнителни информации за формата на Ултима Тули. Централниот кадар од оваа секвенца е сликан на 1 јануари во 05:42:42 по универзално време (12:42 по источно време), кога Нови Хоризонти беше 8862 километри подалеку од Ултима Тули, околу 6,6 милијарди километри од Земјата. Осветлениот раб на објектот е заматен во секој посебен кадар бидејќи за време на ова брзо скенирање се користела релативно голема експозиција за да се зголеми сигналот на камерата – но научниот тим ги состави и обработи сликите за да го отстрани заматувањето и да го заостри тенкиот раб.


Оваа анимација претставува модел на формата на Ултима Тули произведен од научниците, заснован на анализата на сите слики од пред прелетот кои досега стигнаа до Земјата. Првата половина од анимацијата го имитира погледот од вселенското летало Нови Хоризонти при приближувањето кон Ултима Тули, кој ја има онаа форма на снешко која толку често се споменуваше во деновите по новогодишниот прелет. Филмот потоа се врти кон страничен поглед кој илустрира можна глетка од страната на Нови Хоризонти во случај неговите камери да покажуваа кон Ултима Тули неколку минути по најблискиот прелет. Иако тоа не се случи, научниците успеаја да состават модел од оваа странична видна точка, кој барем делумно е потврден од страна на збир од слики од светлосниот срп на Ултима Тули. Сеуште има значителна несигурност во големините на Ултима (поголемиот дел, или топка) и Тули (помалиот) во вертикалната димензија, но сега е јасно дека Ултима повеќе изгледа на палачинка отколку на топка, и дека Тули исто така е доста несферичен. Ротацијата во анимацијата не е вистинската ротација на објектот, туку се користи само за да се илустрира неговата форма. Заслуги: НАСА/Џонс Хопкинс лабораторија за применета физика/Југозападен Истражувачки Институт/Национална опсерваторија за оптичка астрономија

Во секоја слика видливи се и многу заднински ѕвезди; гледајќи кои ѕвезди „се гасеа“ кога објектот поминуваше пред нив научниците можеа да ја исцртаат формата на двата дела, кои потоа можеа да се споредат со модел составен од анализа на слики од пред прелетот и набљудувања со телескопи на Земјата. „Моделот кој го развивме од сите постоечки слики на Ултима Тули многу добро се совпаѓа со тоа што го научивме од новите слики од светлосните српови,“ вели Сајмон Портер, ко-истражувач во Нови Хоризонти од Југозападниот истражувачки институт, кој го води моделирањето.

„Иако самите одлики на брз прелет на некои начини ограничуваат колку добро може да се процени формата на Ултима Тули, од новите резултати е јасно дека Ултима и Тули се многу порамни од очекуваното,“ додаде Хал Вивер, проектен научник во Нови Хоризонти од Џонс Хопкинс лабораторијата за применета физика. „Ова сигурно ќе поттикне нови теории за формацијата на планетесимали во раниот Сончев систем.
Сликите во низата ќе бидат достапни на вебсајтот на Нови Хоризонти. Необработени слики од камерата се објавуваат на сајтот секој петок.


Научниците од мисијата го составија овој „филм за збогум“ од 14 различни слики од Далекосежниот извиднички апарат (Long Range Reconnaissance Imager – LORRI) Нови Хоризонти кратко откако вселенското летало прелета покрај објектот од Кајперовиот појас именуван Ултима Тули (официјално име 2014 MU69) на 1 јануари 2019. Централниот кадар од оваа секвенца е сликан на 1 јануари во 05:42:42 по универзално време, кога Нови Хоризонти беше 8862 километри подалеку од Ултима Тули, околу 6,6 милијарди километри од Земјата. Осветлениот раб на објектот е заматен во секој посебен кадар бидејќи за време на ова брзо скенирање се користела релативно голема експозиција за да се зголеми сигналот на камерата – но научниот тим ги состави и обработи сликите за да го отстрани заматувањето и да го заостри тенкиот раб. Сликите откриваат оцрт од „скриениот“ дел од Ултима Тули кој не беше осветлен од Сонцето при поминувањето на вселенското летало, но може да се „преслика“ бидејќи го попречувал погледот кон позадинските ѕвезди во сликата. Заслуги: НАСА/Џонс Хопкинс лабораторија за применета физика/Југозападен Истражувачки Институт/Национална опсерваторија за оптичка астрономија

Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: NASA.gov

Сподели.