Веројатно најголемиот научен дострел минатата година беше мисијата Розета на Европската вселенска агенција, кога за првпат едно летало, во случајот Филе (Philae), се спушти на површина на комета. Филе собираше податоци следните 60 часа кои ќе придонесат за развој на научната мисла. Но, батериите му се потрошија. Иако беше конструиран да се полни на сончева енергија, сепак тој се спушти во сенката на еден кратер.
Научниците се надеваа дека околностите ќе се променат. Кометата Чуриумов-Герасименко сѐ уште лета кон Сонцето и најблиску до него ќе биде на 13 август годинава.
Промените на орбитата имаат свои предности. И кометите имаат свои сезони, и ако Чуриумов-Герасименко го заврти Филе кон Сонцето, тој ќе биде повеќе изложен на сончева светлина во текот на денот. Исто така, сончевиот интензитет се зголемува како што кометата се доближува до Сонцето. Со оглед на тоа што кометата се модифицира кога влегува во внатрешноста на Сончевиот систем, така и испакнатиот дел што му создава сенка на Филе може да се намали.
Ако Филе добие доволно сончева енергија и почне да функционира, неговата местоположба би била предност. Така, не само што ќе се проучи составот на кометата, туку и парчињата од кометата што сега го затскриваат Сонцето.
Но, како минуваше времето, јавноста сѐ помалку веруваше дека Филе ќе се разбуди. Научниците никогаш не изгубија надеж. По седум месеци пауза, Филе се огласи на официјалниот Твитер профил. Неколку часа претходно, контролата на слетување добила 300 информациски пакети од Филе, но сакале прво да им ја потврдат автентичноста пред да се огласат во јавност.
Пораките кои ги добиле потврдуваат дека Филе се разбудил и претходно, но не успеал да воспостави контакт. Податоците кои ги собрал деновите откако слетал на кометата, а сѐ уште не стигнале до Земјата, се зачувани во неговата меморија. Сигурно ќе ги добиеме во следниот период додека Филе е буден.
Превод: Дарко Рафаиловски
Извор: IFLS